Есеј за создавањето и уништувањето

/, Литература, Блесок бр. 49/Есеј за создавањето и уништувањето

Есеј за создавањето и уништувањето

БалканКазан

Постои уште еден момент во патеписот на Ребека Вест кој го сметам за указателен. Би сакала да обрнете внимание на финалната реченица од цитатот што следи, но не без неопходниот и претпоставен контекст кој изгледа вака: „Се чини дека насилството беше сè што знаев за Балканот, сè што знаев за Јужните Словени. Своите познавања ги црпев… од предрасудите на Французите кои зборот Balkan го употребуваат погрдно означувајќи со него некој rastaquouère варварин… Заправо, не знаев ништо за тоа југоисточно катче на Европа – (како да се оправдува заради својата неупатеност!) – а бидејќи од таму упорно идеше порој од настани… значеше дека не знам ништо за својата сопствена судбина“ (Vest; 1990: 38-39, курзивот е мој).
Конфесионалниот тон на Ребека Вест ги вади на површина европските предрасуди за Балканот и за неговите ендогени, деструктивни и воинствени субјекти. Но, зарем стигматизациите од ваков и сличен вид не продуцираат само митски слики за инаквост? Не се ли тие причината за една своевидна „седиментирана псевдомитологија“ со која, од страна на западноевропската интелектуална моќ, е реализиран концептот на имагинативна колонизација? Дали на тој начин, во отсуство на конвенционален империјализам, културата на Грандиозниот европски Селф ја задоволува потребата за дијалог со себеси, со својот внатрешен Друг, порасипаното негово јас… Но, вистината е небитна… Битен е само привидот… резултатите од неговата нарцисоидна инвестиција…
Сепак, еве како Славој Жижек – еден од водечките живи теоретичари на другоста, инаку Балканец по потекло – размислува за овој феномен. Меѓу најпознатите културолошки стереотипи сврзани за балканското поднебје, тој го вбројува стереотипот за Балканот како дел од Европа, постојано прогонуван од лошите сеништа на минатото – „оној дел кој ништо не заборава и ништо не учи, кој и натаму бие вековни битки, додека остатокот од Европа е зафатен со брзиот процес на глобализацијата“ (Žižek; 2001: 152). Но, неговото остро психоаналитичко око детектира битен парадокс во срцето на споменатиов стереотип – вечно прогонуваниот од сеништата на минатото, во умот на оние кои го создале се претворил во сениште12F кое прогонува! Како?
Западните перцепции за Балканот – како подрачје со примитивни, деспотски страсти, етнички ужас и нетолеранција – создале imago кое развило друга крајност меѓу британските конзервативци, противници на Европската Унија. Некои од нив се заговарници на тезата дека „цела континентална Европа денес, функционира како нова верзија на балканската Турска империја, со Брисел како нов Истанбул“, кој загрозувајќи им ја слободата и суверенитетот, се заканува дека ќе ги проголта во својот деспотски центар (Žižek; 2001: 153). Но дали, навистина, наследената етничка и верска микстура од времето на Османлиското (а, заправо, од времето на Византиското и Римското) царство, ги поткопува либерално-демократските процеси во Југоисточна Европа? Не е ли моделот на пост-национални држави само увезена измислица од земјите на западниот свет, первертирана слика на нивниот еднонационален државен концепт, небаре прикриена вистина за потиснатите идеолошки антагонизми меѓу Западот и Истокот? И дали можеби овој страв од „балканизација на Европа“, не е страв од „европеизација на Балканот“? Видете само како се поентира со реторичко прашање кое, небаре продолжено размислување со временски распон од седумдесет години, ја потврдува „судбинската“ теза на Ребека Вест: „Зарем пост-југословенскиот Балкан, тој вртлог на (авто)деструктивни етнички страсти, не е вистинската спротивност (на Европа), еден вид фотографски негатив од толерантни коегзистенции на етнички заедници, еден специфичен мултикултурален сон преобразен во кошмар?“ (Žižek; 2001: 152; курзивот е мој). Парадоксот е повеќе од очигледен. Како и вистината, впрочем.

Големото Ништо како „објект мало а“

Ќе се задржам само уште малку на европското imago кое ги дефинира Балканците како афективни суштества, поблиски до „природата“ одошто до „културата“. Прашање е само дали природата е навистина толку спротивна на културата, дали е таа, навистина, самата „нејзина Другост“?
Латинските зборови култура и цивилизација имаат заеднички корен во colere, збор кој поседува голема семантичка акумулација: од одгледување и живеење, до негување и обожување. Но, според Валтер Бенјамин секој документ за цивилизацијата е, истовремено, и запис за нејзиното варварство, па ако од тие причини западната логика за поимот „култура“ има некакво недефинирано и непотполно чувство, со сигурност може да се каже дека кон поимот „природа“ негува чудна нелагодност, речиси зазор. Но зошто, кога природата не ѝ е спротивна на културата, кога не е нејзиното Друго, туку нејзин инертен тег кој создал внатрешен расцеп, доволно моќен да нè потсети дека културата не е нашата природа, туку она што произлегло од неа, „што ја надополнило на начин кој е, истовремено, и нужен и одвишен“ (Eagleton; 2002: 120; курзивот е мој).
За љубовта и меѓусебната зависност на „културата“ и „природата“, на Западна и Југоисточна Европа, е пишувано многу. Во дискурсите на големите западноевропски „љубовџии“ – истражувачи и мисионери – Балканот, најзафрленото катче на Европа, бил опишуван двосмислено: како „царство на сенките“, нешто таинствено но примамливо, небаре дива љубовница со темномуресто лице по која посегаат сите, и муслиманите и христијаните, и комунистите и капиталистите, небаре полупознато, егзотично тело, податливо за истражување и колонизирање13F. И што е најважно близу – тука, в комшилук, во задниот дел од дворот, веднаш зад ѕидот и завесата на рафинираниот свет, на самата граница меѓу забранетото и дозволеното.
Создаден така, врз строгите правила на привилегираност и подреденост, Балканот и денес го има задржано идентитетот на харемска љубовница која, сè додека му допушта на својот европски господар непречено да ужива во највисоките симболички вредности, може слободно да ја игра улогата на ментално празно место, на едно Големо Ништо, препознатливо само како внатрешен предмет на желбата. Но кога тој предмет-причина на желбата ќе посака да стане ентитет, кога ќе реши да посегне по позитивна егзистенција, неговата реакција ќе биде доживеана како будење на „објектот мало а“, како закана за идентитетот на Големиот (европски) Селф, од страна на неговата варварска Другост14F. Ете од каде влече корени сиот оној зазор што Европа го чувствува кон ова балканско „сениште“, кон тврдоглавиот остаток на своето долго порекнувано минато.
„Не знаев ништо за тоа југоисточно катче на Европа… а тоа значеше дека не знам ништо за својата сопствена судбина Мојот идиотизам личеше на анестетик… “, напиша пред седумдесет години Ребека Вест, во својата патеписна историја за земјата на Јужните Словени. Зарем нејзините зборови не го пресретнаа будењето на Големиот европски Селф од долговековната амнезија, од сопственото насвесно?

#b
12. „Зарем неодреденоста и променливоста на балканската географија не укажуваат на неговиот призрачен статус? Како да не постои конечен одговор на прашањето ‘Каде почнува Балканот?’ – Балканот е секогаш на некое друго место, малку подалеку, на југоисток…“ (Žižek; 2001: 152; курзивот е мој).
13. Ако Балканот е emotio (натура), а Европа ratio (култура), тогаш дивоста треба да се скроти, да се колонизира…
14. И наместо да го материјализира субјектовиот недостаток, „малото а“ се заканува да ја поткопа неговата стабилност, ширејќи ја празнината што го потсетува на првобитната и никогаш заборавена поврзаност со него.

2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 49|