Есеј за создавањето и уништувањето

/, Литература, Блесок бр. 49/Есеј за создавањето и уништувањето

Есеј за создавањето и уништувањето

Притаена психо-драма

Но небаре сврзувачко ткиво, еден географски меѓупростор допуштал симболичка интеракција на постојните разлики. Тој негувал услови за премостување на интерната логика на бинаризмот, па за него, во меѓусебната рецепција на христијанскиот Запад и Исток, бил устоличен јазично-културниот стереотип – „византијски“. Неговата вредносна смисла ја претставувала матрицата со која, во сопствената културна свест, Метрополата ги проектирала своите форми на мистичност, сите противречни фантазии за „егзотичниот Друг“, апсолутизирајќи ја – наместо да ја релативизира – непомирливоста со своето источно потекло.
Така бил создаден вакуум меѓу автореферентните и самобендисани наративи на небалканска Европа и блескавиот мит за грчката култура на неевропскиот Балкан, колепката на европскиот дух и цивилизација. Но кога поради новите односи на политичка моќ, називот „Византија“ бил заменет со „Европска Турција6F “, а овој кон крајот на 19 век со терминот „Балкан“, на егзотичните Други од полуостровот им бил доделен маргинален статус на гранични субјекти, доволно контаминирани со траги од ориентални, за да бидат прифатени како целосно европски идентитети. Така, „низ типично шизофрена постапка – вели Ферид Мухиќ – Европа ја расцепи сопствената историска свест. Еден свој дел, Балканот, го прогласи за Друго-од-себеси и му ги придаде сопствените трауми, синдроми, јанѕи, психотични кошмари, а другиот свој дел го ангелизираше резервирајќи ги за него сите оптимални етички прерогативи. Борбата против сопствената патолошка свест, едноставно ја објективизираше наместо да ја интернализира“ (Мухиќ; 2000/20:28).
Конструкциите кои му се припишувале на балканскиот субјект како „Источниот Друг“ во срцето на Европа, биле поттикнати од повеќе фактори, но пред сè од поделбата на христијанството: од една страна западното-католичко (она со европски менталитет), а од друга страна источното-православно (она со византиски и ориентален менталитет). Создаван, значи како специфичен вид човечка судбина, балканскиот идентитет бил предодреден да биде Исток на Западот, а Запад на Истокот, но наместо да ја прифати улогата на периферен, не ретко настојувал да остави впечаток на централен. И додека Западната метропола го сметала балканскиот субјект за неисториски, сè што ќе допрел тој претворал во Историја. Еве потврда.

Боромејски јазол

Предговорот со кој Ребека Вест (Cicely Isabel Fairfield) го започнува својот патепис за земјата на Јужните Словени, содржи еден мошне илустративен момент по однос на тезата која кружи во интелектуалните (академски и политички) кругови на цивилизацијата на која веруваме дека ѝ припаѓаме – ставот дека Балканот, Југоисточна Европа, е Id-от на Западноевропското Ego.
„Животот ми беше обележан со убиства на кралеви, со извици на продавачи на весници кои трчајќи по улиците известуваат дека некој со помош на смртоносно оружје, свртел нова страница во историјата“ – вели Ребека Вест (1990: 28). Нејзината детска меморија паметела слики од 1898 година врз основа на кои можела да го реконструира убиството на хазбуршката царица Елизабета, од страна на еден италијански анархист, потоа грозоморниот политички линч на српскиот кралски пар Александар и Драга Обреновиќ7F од 1903 година, но никако не успевала да се присети на убиството од 1914-та, она на Франц Фердинанд8F во Сараево, среднишната точка на Балканот.
„На ова убиство – пишува Вест – не се сеќавам воопшто. Секој детал од смртта на Елизабета ми е јасен во свеста, за белградскиот масакар имам некоја матна слика, но никако не можам да се сетам дека сум прочитала што годе за сараевскиот attentat. Во тоа време бев многу ангажирана, небаре идиот, бев приватна личност, имав полни раце работа. Но мојот идиотизам личеше на анестетик. Додека делуваше бев отсечена од сè и не чувствував ништо, но тоа не можеше да ги отстрани последиците. Болката се појави дополнително…“ (Vest; 1990: 34; курзивот е мој), во 1934 година, кога спикерот на некоја радио станица ќе соопшти за убиството на Петар Караѓорѓевиќ. Во тој миг, небаре потиснато несвесно, небаре енергично свртен поглед од сцената на нејзиното детство, Вест ќе сфати дека Југославија, заправо Сараево, бил нејзиниот dream screen. Затоа, веста од Марсеј, за убиството на југословенскиот крал во срцето на Европа, ја препознала како опасност („знаев дека со неа би можела да започне една агонија“), а поимот „Балкан“9F како територија на фројдовското несвесно, една денес сосема реалистична сцена на која како да се проектирало колективното несвесно на Европа10F, нејзиното латентно, симболичко значење, нејзината хтонска и демонска суштина – она за кое свеста и разумот на Високата Цивилизација не допуштаат да се говори. Затоа пак, може да се отсонува… да се препознае како своевиден dream screen… Така Европа се штити самата од себеси.
Ова сознание ја повика во мојата свест сликата на Лакановиот боромејски јазол. Тоа се три прстена од коноп, три торуса кои се преплетуваат меѓусебно во цврсто единство. Ако издвоиме еден ќе се распадне целата конструкција, а таа има тополошка димензија. Таа е тродимензионално тело во простор, структура за која поимите граница-центар, внатре-надвор или исто-различно, се ирелевантни. Затоа трите торуса на боромејскиот јазол претставуваат едно сврзувачко ткиво. Местото на кое се пресекува тоа тројно единство, е место на унијата11F. Таа претпочита идентитет од разлики, а тоа – разлики во идентитетот. Но, да ѝ се вратиме на претпоставената „европоинтелектуална“ логика.
Ако прифатиме дека Балканот е навистина Id-от на Западноевропското Ego, тогаш Азија ќе биде неговото AlterEgo, што наведува на заклучокот дека тополошката интерпозиционираност на торусите од боромејскиот јазол, соодветствува на геополитичката поставеност на споменативе региони, врз кои се рефлектирала логиката на трите регистра: законот на реалното, имагинарното и симболичкото. Или, уште попрецизно: ако Европа ја претставува областа на реалното, а Азија областа на имагинарното, Балканот би требало да ја означува зоната на симболичкото несвесно, нешто слично како во Фројдовиот парадокс на идентитетот кој (исто како и јазолот) не е монолитен, туку е компониран од различни истоветности што се надополнуваат меѓусебно. Таа „истоветност од разлики“ сугерира заправо, дека субјектот од балканските простори никако не би можел да биде дефиниран еголошки, туку тополошки, зашто – како средишен торус во замрсениот евроазиски јазол – тој е делот кој амортизира, кој ја ублажува опозицијата меѓу половите, кој содржи и е содржан, кој е – истовремено – и центар и периферија, и ергон и парергон на она што се нарекува европски дух и цивилизација, но со изразита балканска доминанта. Зошто?
Како зона на средби меѓу различни народи и вероисповеди, овој историски и географски хронотоп отсекогаш бил меѓникот на кој се градела богата културна хибридност. Без претпоставена или наметната хиерархија која генерира непремостливи разлики меѓу Окцидентот и Ориентот, балканската логика на „по-меѓу-момент“ како да развива специфични стратегии за помирување на крутите идентитети. Но, зарем не се тоа стратегиите на Другиот, на обезглавениот денес, на другиот правец? „Прашањево е старо колку историјата на Европа – вели Дерида – но искуството на другиот правец, или на другото на правецот, се поставува на апсолутно нов начин… Пробивот на новото, единственоста на другото денес, би требала да биде очекувана… би требала да биде антиципирана како она што не може да се предвиди…, накусо, како она за што сè уште немаме сеќавање“ (Дерида; 2001: 20; курзивот е мој).

#b
6. Наспроти претходниот назив кој, иако асоцирал, сепак не продуцирал доволен број разликувачки семи.
7. Еве како е забележано тоа во нејзината книга: „Некаде во моето сеќавање остана ова убиство како напола осенчен квадрат… : полициски плакат од насловната страница на некој весник, виден пред многу години“. (Vest; 1991: 33).
8. Убиството на австрискиот престолонаследник, како потенцијален татко на нацијата, е настанот кој, небаре страшна едиповска драма, требал да остане во зоната на несвесното.
9. „Не знаев ништо за Јужните Словени, ниту бев сретнала некој кој ги познава. Знаев само дека им припаѓаат на балканските народи кои играле чудни улоги во историјата… Еднаш, во Ница, додека јадев ракчиња пред малиот ресторан во пристаништето, зачув пукотници. Еден пијан морнар го напушташе соседниот бар додека сопствениката трчаше по него викајќи: ‘Balkan! Balkan!’. Беше го испразнил својот револвер во огледалото зад шанкот. Но сега бев соочена со импозантната отменост на Кралот од документарниот филм, кој исто така беше ‘Balkan, Balkan’, но соочен со насилство при полна свест, соочен со имагинација спротивна на насиството, имагинација која го асимилира како искуство што сака да го уништи“ (Vest; 1990: 37-38).
10. Во есејот „Inconscientia Iugoslavica“, еден од најинспиративните во книгата Каптолски колодвор на хрватскиот публицист Борис Буден, како мото е земен следниов цитат на Младен Долар: „Југославија е европското несвесно, или: несвесното е структурирано како Југославија“. (Буден; 2002:7).
11. Trinitas = Unitas

2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 49|