Есеј за создавањето и уништувањето

/, Литература, Блесок бр. 49/Есеј за создавањето и уништувањето

Есеј за создавањето и уништувањето

Разглобена другост

Но, тоа што одлучило да стекне извесен статус – макар тоа бил и статусот на „објектот мало а“ – треба да размислува за својата иднина; во спротивно, би бил препознаван само како туѓа судбина. Тоа ги повикува во игра механизмите на анамнезата со кои се сеќаваме на минатото за да го откриеме она што како „objet petit a“ го носиме во себе.
За земјите од Четвртиот свет обично се вели дека им припаѓаат на граничните култури, на културите на границите кои се метафора за средба со земјите од Првиот свет. Но културите се отворени, а дијалогот меѓу нив не подразбира заеднички метајазик; тој ја уважува разликата, не миметиката. Но, треба ли да се поларизираме за да полемизираме (Baba: 2004; 50), треба ли да застанеме зад своите цивилизациски граници и да создаваме митови за невозможни идентитети? Секоја култура е неидентична на себеси. И нејзините субјекти се такви: дислоцирани однатре, тие поседуваат „внатрешно слепо место“ кое не допушта да се биде начисто со себеси. Но, „токму таму каде што Другото се разглобило во себеси, каде што не се сврзало со својот контекст во целост, можеме најдлабоко да се соочиме со него – пишува Тери Иглтон – Го разбирам Другото тогаш кога станувам свесен за она што ме измачува во врска со него, со неговата загадочна природа која е и негов проблем исто така. И како што вели Жижек: ‘Така се придвижува димензијата на Универзалното, кога два недостатока – мојот и оној на Другиот – ќе се совпаднат… Нам и на недостижниот Друг заеднички ни е празниот означител, оној кој го заменува X што им се измолкнува на двете странѝ“ (Eagleton; 2002: 118).
Значи, секоја потрага по идентитет е потрага по сопствен дискурс, по откривање на наративите за себе – оние со кои се самодефинираме, со кои ја раскажуваме својата приказна за изместената балканска стварност. Итрината на нашиот локален ум не допушта веќе, да го прави за нас тоа некој друг. Тоа е најлегитимниот и најприродниот обид за премин од понизок кон повисок статус, од „објект“ кон субјект. Но, бидејќи секое настојување да се разбереме себеси и другите, лежи во сфаќањето на сопствената недоволност, во согледувањето на внатрешниот расцеп – во пукнатинката која, иако не допушта да се поистоветиме со себеси во целост, служи како премин во поинаков онтолошки поредок – станува јасно дека клучот за разбирањето на Другиот (другата култура, другиот правец) – е, заправо, исчекорот во себеси. Се разбира, тоа не значи дека не треба да се инсистира на етницитет – напротив – но, само во рамките на еден универзален, културален идентитет во кој ќе треба да се избориме за дијалог со погледот на Другиот.
Во овој глобален свет на вредности, иднината на малите балкански етницитети е еден таков идентитет – универзален, културален – оној што ќе овозможи враќање кон целината, враќање кон загубеното единство. Единствено што уште треба да се стори, е да се научи неговиот јазик, со сите придружни архетипи, како би можеле – уживајќи во вродената потреба за автоиронија15F – да ги деконструираме стереотипите на заедничкото imago реализирајќи го долгопосакуваниот сон – дијалогот меѓу Истокот и Западот, меѓу природата и културата, соматското и семиотичкото, телото и духот. Без трауми и комплекси, без зазор од алтеркации…

Упатна литература:
1. РУЖМОН, Дени де (1997): Дваесет и осум векови на Европа: европската свест низ текстовите од Хесиод до денес, Култура, Скопје
2. ДЕРИДА, Жак (2001): Другиот правец, Темплум, Скопје
3. EAGLETON, Terry (2002): Ideja kulture, Naklada Jesenski i Turk, Zagreb
4. BABA, Homi K. (2004): Smeštanje kulture, Beogradski krug, Beograd
5. ŽIŽEK, Slavoj (2001): Manje ljubavi – više mržnje! ili, zašto je vredno boriti se za hrišćansko nasleđe, Beogradski krug, Beograd
6. UGREŠIĆ, Dubravka (2002): „U boljim kućama se o takvim stvarima ne govori“ in: Kultura laži: antipolitički eseji, Konzor, Zagreb; Samizdat B92, Beograd
7. BUDEN, Boris (2002): „Inconscientia Iugoslavica“ in: Kaptolski kolodvor: politički eseji, Centar za savremenu umetnost, Beograd
8. KRISTEVA, Julija (1989): Moći užasa: ogled o zazornosti, Naprijed Zageb
9. LACAN, Jacques (1986): XI Seminar: Četiri temeljna pojma psihoanalize, Naprijed, Zagreb
10. JEVREMOVIĆ, Petar (2000): „Topologija identiteta“ in: Lakan i psihoanaliza, Plato, Beograd
11. VEST, Rebeka (1990): Crno jagnje i sivi soko: putovanje kroz Jugoslaviju, BIGZ, Beograd
12. GOLDSVORTI, Vesna (2005): Izmišljanje Ruritanije, Geopoetika, Beograd
13. ТОДОРОВА, Марија (2001): Замислувајќи го Балканот, Магор, Скопје
14. МУХИЌ, Ферид (20/2000): „Критика на балканскиот ум“, Lettre Internationale: европска ревија за култура, Скопје
15. СЈОРАН, Емил (1996): Оглед за распаѓањето, Култура, Скопје

#b
15. „… соочени со етничка омраза и насилство, треба да ја отфрлиме, во целост, стандардната мултикултуралистичка идеја дека, наспроти етничката нетолеранција, треба да научиме да почитуваме и живееме со Другоста на Другиот развивајќи толеранција за различни стилови на живот. Начинот со кој навистина ќе се избориме против етничката омраза, не е преку нејзиниот непосреден пандан, етничката толеранција. Напротив, она што навистина ни треба е уште повеќе омраза, но вистинска, политичка омраза; омраза насочена кон заедничкиот политички непријател“, вели Славој Жижек во есејот „Напуштање на балканските сеништа“ (2001:159). Звучи сурово, но вистинито. Треба само внимателно да се чита неговиот иронично генијален дискурс.

2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 49|