Есеј за создавањето и уништувањето

/, Литература, Блесок бр. 49/Есеј за создавањето и уништувањето

Есеј за создавањето и уништувањето

– прилог наместо епилог –

Ако не постоеја почетоците и краевите, не ќе постоеја ни приказните, велеше Европејката Вирџинија Вулф, но за Балканецот Емил Сјоран1F оваа игра – на почеток и крај – не познава граници, зашто „секоја наша идеја повторно го создава светот, а секоја наша мисла го уништува. Во секојдневниот живот наизменично дејствуваат космогонијата и апокалипсата… Освен создавањето и уништувањето на светот, сите обиди се подеднакво безвредни“ (Сјоран; 1996: 97). Безвредни… како тивка и безначајна приказна, како фикција за раѓањето и факт за уништувањето, како настојувањето да се проследи до крај развојот на една идеја, преку митовите и симболите, преку сториите за моќта и историите за немоќта, преку личните спомени и туѓите трауми, преку наивната потреба за (од)ново создавање на светот…
Но, да тргнеме со ред. Сè почнува од митот за Европа.

Создавањето на Континентот, откривање на Залезот

Моќната книга на Дени де Ружмон, „Дваесет и осум векови на Европа“, ја содржи протоисторијата за контиенентот кој пред да стане номен, бил азијска божица, една од трите илјади Океаниди („моми светици“ чиј култ господарел на Блискиот Исток). Протоисторијата на Европа е протоисторија на еден „контиенент без име – вели Дени де Ружмон – населуван полека, цивилизиран и оживеан од луѓе, замисли и занаети, дојдени од крајбрежјето на Блискиот Исток“ (Ружмон; 1997: 12). Според историчарот Гонзаг де Рејнолдс, Европа ни дошла од Азија, „мајката на сите големи вери, родителката на сите големи преданија“, во која сè било едно и различично истовремено. Потврда на оваа констатација наоѓаме во лирското толкување на древниот мит за создавањето на континентот, кое му се припишува на Мосхос, сицилијански поет од Сиракуза кој живеел во 2 век п.н.е. Во него се вели дека престорен во бик, синот Хроносов, Зевс, ја соблазнил лаковерната девица Европа. Таа му ги подарила своите бели пазуви и станала мајка на неговите потомци.
Но, на ова митско грабнување му претходела една алегорија. Содржана во сонот на митска Европа, алегоријата ни открива дека за убавата божица спор воделе две земји, земјата Азија (која тврдела дека таа ја родила) и земјата отспротива која сè уште немала име, но верувала дека божествената девица Европа е нејзина, според волјата на Зевс. Симболиката на овој сон ги сублимира вистинските значења на древните преданија – мислам на толкувањата за сеопштото движење кое ги донело, од Исток на Запад, основите на една вероисповед и цивилизација – а тие укажуваат дека трагајќи по Западната земја која Феникијците ја нарекле Ереба или Земјата на залезот, „Хелените го создале преданието за убавицата Европа, ‘ќерката на Исток’, следена од нејзиниот брат Кадмос, ‘синот на Исток’, кого татко им Агенор… го пратил да ја бара, од Феникија на Крит, во Беотија и во Илирија…“ (види Ружмон; 1997: 32). Зарем оваа потрага не се совпаѓа со историскиот пат на Феникијците кои ширејќи ја азбуката меѓу древниот свет, го продолжиле своето искачување по долината на Вардар и Дунав, претворајќи ја својата потрага во откривање на европската географска стварност2F? Тоа го поттикнало исчезнувањето на Божицата и раѓањето на Континентот3F.
И векови подоцна – почесто како плод на фантазијата одошто на природата – Европа била доживувана како тело на жена чија глава е Шпанија, срцето Франција, рацете Италија и Велика Британија – како девствена Убавица чие руво, руската рамнина, се разлева низ „мрачните длабочини на Азија“. Умот на древните географи ја замислувал како подвижна фигура на жена, спремна за плен. Ренесансната пак, духовна географија проектирала слики на континент во експанзија, чија амбиција не завршувала само во желбата да се биде исходиште (архè за сите откривања и колонизирања), или средиште (центар на центарот = цивилизација), туку и крајна точка (телос = хоризонт или граница на сите технички достигнувања). Ја гледале како глава4F – мозокот на едно големо тело – занемарувајќи го фактот дека самата таа, отсекогаш била негов суплемент – „малиот нос на Азија“, би рекол Пол Валери.
Но факт е дека единствено во времето на моќното Римско царство, била реализирана империјалната замисла за обединување на двата континента. Во административна смисла, секако, оти како pars orientalis, Азија станала источниот, а Европа – како pars occidentalis – западниот дел од Големиот Рим. И така било сè до 718 година, до поразот на муслиманската флота кај Константинопол, а веројатно и подоцна, по битката кај Поатје во 732-та, кога за првпат во една хроника5F бил употребен називот „Europenses/Европејци“. Значи, ако добро го разбирам Дени де Ружмон, во 8-от век на луѓето од Западниот континент не им бил непознат поимот „семејство од народи“. Со него била означувана континентална заедница обединета околу заедничка судбина – одбрана од исламот. Но, кога на историската сцена загосподарил темниот Среден век и борбите за превласт, поимот „Европејци“ бил испратен во подрачјето на алегоријата. Потребни биле монголската и турската закана, па заедно со идејата за одбрана на христијанството да воскресне, на почетокот од 14-от век, атрофираната визија за Европа. До тогаш, политичкото и идеолошкото ривалство на Рим и Константинопол продолжило да го засилува јазот меѓу католицизмот и православието, продлабочувајќи го и онака непомирливиот контраст во срцето на Западниот континент.

#b
1. Европска (пер)верзија на балканскиот оригинал Чоран.
2. Значи, не биле древните Грци тие кои го „откриле“ континентот – таа заслуга им припаѓа на Феникијците, благодарение на таинственото единство на писмото чии корени лежат во Индија и Персија – ами тие кои го „именувале“. Според еминентниот Гонзаг де Рејнолд, првото значење на зборот Европа ја открива придавката еуропè која е од женски род. Во формата еуропа (како придавка од машки род) која се сретнува во Хомеровите Илијада и Одисеја, Рејнолд препознал еден од хомеровите украсни епитети за Зевс, од кој хипотетички го извел номинативот еурупс. Етимологијата открива сложенка од два збора: придавката еурус (широк, обилен, простран) и именката опс (поетски израз за око, поглед, лице). „Оттаму, Еуропе Зевс е Зевс кој гледа далеку, а Еуропе е жена со крупни очи, со убав поглед, мила лика. Сродството на Европа со хомеровиот епитет на Зевс, вака е очигледно“, констатира Г. де Рејнолд во својата книга La formation de l’Europe (цитатите се преземени од наведеното дело на Ружмон; 1997: 37).
3. Безимениот западен континент го присвоил името на својот бесценет плен кој значел „земја на зајдисонцето“, оти за луѓето од Исток, Западот бил непознатица, неистражена територија, податлива за освојување. Според Ружмон, Истокот бил синоним за сите духовни и просветителски качества: светлина, душа, мудрост, откровение, преродба… родна грутка, а Западот ја симболизирал користољубивоста и слепата сила; Западот бил самрак, полусенка, унижување, егзил… Колку вистини на мал простор…
4. Во францускиот јазик зборот „le cap“ (глава) е содржан и во зборовите „капитал“ (capital) и „главен град“ (capitale), но, истовремено, конотира и правец, насока, ‘рт, полуостров… граница (Дерида; 2001).
5. Мислам на записот „Мозарапска хроника од 754 год“, споменат во „Дваесет и осум векови на Европа“.

2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 49|