Во потрага по архетип

/, Литература, Блесок бр. 26/Во потрага по архетип

Во потрага по архетип

Сообраќајните метежи во благо-ветровитите улици на Стара Љубљана, асфалтно-блескавите толпи и распојасано светкавите излози од Черути до Нама, срамежливата кокетност на алеите со дрвореди покрај „Ашкерцева“, судирот помеѓу распродажбата на стоките за време на саемите и паралелните светови на дипломатските салони и шепотливиот засолн на таверните и баровите, џагорливите плоштади и турканиците пред лифтовите на правливите супермаркети како Металка и Максимаркет, победата на кичот во вилите на nouveau riche и ширењето на меласата од владините палати коишто не помислуваат на историската неопходност од концентрирање на културни институции, вклучувајќи ги и музеите, во центарот на градот; големите рекламни паноа коишто постојано си честитаат самите себеси за триумфот на пост-индустрискиот капитал, и двозначните напори на социјалната маргина да создаде животен стил од притисокот на предвивливата баналност во којашто и веселата релаксација и отворениот јавен простор на конфликтот бараат да бидат третирани како егзистенцијална иновација – Љубљана го познава роењето на експлицитно урбаните идеи.
Како и да е, сè е сè уште многу кревко, всушност тукушто родено од грчевите на економската, социјалната и политичката транзиција. Токму тука лежи можноста. Кризата на идентитетот која што Љубљана ја искусува бидејќи за првпат е главен град на една независна држава а истовремено и фокус на словенечките национални стремежи, значи не само дезинтеграција на нејзиниот претходно валиден идентитет и на формите за себе-спознание, туку и, етимолошки земено, пресвртна точка. Можноста Љубљана да стане отворен град чијшто воздух делува ослободувачки, нешто што е остварливо само ако е градот отворен како падобран, па така да стане град со самодоверба однатре и со гостопримство однадвор, тоа е можност којашто најверојатно ќе биде попрецизно видлива помеѓу пресекот на нешто што светка и разумноста на муграта, како што Волтер Бенјамин еднаш го поетизираше автентичниот импулс на уметноста. За да ги согледаме потенцијалите коишто потекнуваат од оваа пресвртна точка ние, етничките Словенци коишто во најголем број живееме во Љубљана и го претставуваме модерниот национален хабитус, а сè уште ни недостасуваат оние разновидни пластови на културен главен град којшто има моќ, со серија на регенерирачки размени на универзалната учтивост и реципрочните ефекти на локалните „навики на душата“ треба да создадеме нова основа, од рафинирани стилови на колективниот живот. Ова е уметност којашто вреди да се следи. Вреди да се следи токму во време кога која било амбиција над личниот интерес е отфрлена како последно прибежиште на сентименталната мисла. Врз оваа основа би можеле да достигнеме извесен степен на релативизација на нашите цврсто вкоренети навики; така да се каже, ќе можеме да ја претвориме злокобната закана од „другиот“ во она што е „различно“.

Реториката на пешаците?

Тоа е она што космополисот го прави. Таквото претворање се случува помеѓу различни традиции, а животите, секако, имаат повеќе врска со специфичната “forma mentis” а не толку со кратковидата брзина на веројатно и многу добронамерните политичари коишто ги отстрануваат спомениците од минатото и се алчни по новоименувани улици. Секако, лесно е да се најмат орди архитекти во обид нежно да се исцрта Љубљана врз убаво шарено стакло, во долготраен меѓународен стил којшто цути низ пост-комунистичките земји, со крепосните облакодери на „големите дрмаџии“ и на политичката клиентела којашто не се грижи за општеството кога ова не им ги овозможува, заштитува и засилува посебните интереси. Полесно е да се направат овие промени, отколку да се направи обид за преобликување на урбаниот менталитет којшто не може да биде засилен преку основната политичка моќ.
Но, возможно е – ми се чини – да се создадат услови за промена на менталитетот, така што тој би се развивал во насоки коишто Љубљана би ја ослободиле од стапицата на бледата униформност, којашто ги комерцијализира предградијата со трговски центри а туристички го анестезира градската срцевина со продавање на „културното наследство“. Возможно е да се создадат препознатливи основи за форми на прослава коишто би биле споделени од визуелните, архитектонските, и – низ осмоза – духовните елементи на урбаната материја, којашто, во случајот на Љубљана, е потполно органски конструирана врз „човечката мерка“. Љубљана, која што е во потполност креирана за развој на „реториката на пешаците“ (Michael Certau) и индивидуални мечтателни сценарија за долги прошетки долж невидливите зраци кои се протегаат по фамозната оска „замок-река-парк“, потенцирана од Плечник помеѓу двете светски војни; Љубљана, којашто подеднакво се протега помеѓу рабовите на природните топографски точки од една, и кондезираната мешаница на толпите од друга страна; Љубљана, каде што анонимната „осамена толпа“ на космополисот сè уште не ги надвладеала чудно несигурните форми на јавната интимност меѓу жителите на овој мал град; Љубљана, луцидно опишана од писателот Јуж Козак како „град на крстопат на ветровите“, неуморно, иако на прв поглед можеби не толку забележливо, во своите прегратки ги прима странците и патниците, привремените и постојаните гости, емигрантите и бегалците, обидувајќи се да се ослободи од својата ексклузивистичка зависност од словенечкиот етнички идентитет и така нејзиното вистинско урбано лице да се појави на површината; Љубљана, којашто е неможно да се сака без да се погледне во нејзината инспиративност или невкус, таа Љубљана, како и многу други пост-комунистички градови, би било добро да инвестира повеќе средства, критичко внимание и значителен напор во образовните програми. Ова не значи само вложување онаму каде што вложувањата се неопходни, односно – во урбанистичките плански решенија за здивениот карневал на разурнувачката автомобилизација на градот, којшто набргу ќе ја претвори „човечката мерка“ во уште една празна фраза во туристичките брошури, додека еден страотен факт ќе биде пренебрегнат: дека паркиралиштата зафаќаат значително повеќе простор отколку детските игралишта. Ако моето родно место навистина сака да остане архетип на град во којшто животот го има своето највеличествено значење, а не само да создава канали за фунционална комуникација, Љубљана мора да се потруди нејзините граѓани да бидат подеднакво свесни, од една страна, за долгата, макар и непријатна традиција на создавање колективен сојуз со сите оние граѓани кои, без разлика на нивното етничко потекло, го препознаваат жаргонот на љубљанските фасади и нивниот копнеж по слобода, а од друга страна се исто така свесни за есенцијално хетерогената природа и постојаната рефлексија на „истото“ во „другото“.
Во некое идеално сценарио, оваа свесност не би дозволила во неделите Љубљана да биде пуста како во доба на некоја епидемија. Во реалноста, тоа е епидемија, епидемија на несвесност при која што е запоставен фактот дека нечија лична идентификација со градот изискува обврска којашто, во својата крајна консеквенца, исправно е наречена метафизичка. Но, јас себеси се поимам автентично во метафизичкиот идентитет само ако тој се граничи со други идентитети, ако продолжително мутира, ако се оплодува од влијанија и ако продира во заедничките тензии од разликите.
Менталните граници на развиениот урбан простор се порозни. Затоа е потребно мешање, осмоза и созревање на многу идиоми, персоналитети и визии коишто со себе го носат сеќавањето за „шокот од различноста“.
Шоковите се кретивни. Метрополата го знае ова, бидејќи урбаниот полис по својот карактер е инклузивен, за разлика од ексклузивната национална традиција. Словенечката традиција на живеење во урбани населби сè уште е повеќе национална отколку метрополиска. Ако метрополисот е еден вид на јавно збиралиште, ветровит простор, дом за менливите и минливи идентитети, тоа е само затоа што постојано допира и обработува меѓусебно различни луѓе, групи, јазици и култури. Сепак, на Словенците сè уште им недостасува – да земеме еден арбитрарен пример – дури и малку поамбициозен роман, а да не ги споменуваме суптилните лирски визии за богатството конфликти помеѓу болката од преселбата и надежите за подобар живот, како што тоа е вткаено во „јужното“ општество на Фужине, преградие на главниот град, нарачено така затоа што било населено со печалбари од јужните републики на поранешна Југославија.
Затоа, ако градот нуди важни, иако значително збунувачки елементи за идентитетот на секоја единка којашто овде живее доброволно, тогаш, да се биде жител на Љубљана значи нешто повеќе од подведување под глетката на замокот или реката, спална соба во преградието и придружното, неодминливо врзување; сепак, да се биде „Љубљанит“ исто така значи да се има срце и ум исполнети со чувство дека за потполно исполнета градска егзистенција не е доволно само да се живееме еден покрај друг, туку, попрво, дека треба активно да ги развиваме благотворните форми на колективниот живот: не само пасивно да ги толерираме различните лингвистички, етнички и религиозни карактеристики, туку да се обидеме да се подготвиме да осознаеме дека нема градови без хетерогени и плурални импулси; дека нема автентични места без откривање на „другоста“ во сржта на она за коешто погрешно мислиме како за „исто“. Ние, Љубљанчаните, едноставно бавно се навикнуваме на оваа плурализација на етничките идентитети и личните погледи на свет.
Покрај денешната река Љубљаница, од трупците на корењата на старите, веројатно заболени врби, виреат кревките но тврдоглави гранки на некои нови врби. Наместо перачки, сега надарени студенти на компјутерски науки, возвудени уметници, опуштени шетачи, амбициозни брокери, и невработени философи си отпоздравуваат од едниот на другиот брег, или, почесто, од шанковите на некои од најпопуларните градски собиралишта. Како и да е, надежта дека ова е процес на космополизација, помалку поврзан со бројот на жителите а повеќе со блиската поврзаност со широките хоризонти на душата, кои вреди да се гајат дури и кај децата а кои постепено извираат во срцето на секоја чувствителна единка којашто се сомнева дека за архетипот на градот треба постојано да се трага по рамнотежата помеѓу конзервативната лојалност кон местото и либералниот плурализам на разликите. Таквата надеж може да се јави, на пример, кај еден шетач кој, барем во лето, кога градот е најпривлечен, ќе успее да ги чуе младите седнати околу масите во барот Mosquito, кај вливот на Груберовиот канал во Љубљаница, како расправаат околу најважните нешта на светот, каде што рамнотежата се нуди, растегнувајќи се од ограничениот хоризонт на усните коишто се готват за бакнеж кон бескрајните пејзажи на слободното мечтаење: тие дискутираат за вистинскиот вкус на марихуаната и за природата на космосот.

Превод од англиски: Игор Исаковски

2018-08-21T17:21:49+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 26|