Големиот Бродски

Големиот Бродски

Книгата на Лосев му е дорасната на нејзиниот поднаслов „есеј во литературна биографија“ поради тоа што дава подеднаква тежина на моралниот и книжевен профил на Бродски, а пет од десетте поглавја нудат испреплетен збир есеи и поетски коментари посветени на естетски и филозофски проблеми. Љубовта и разбирањето на Лосев за поезијата на Бродски ја облагородуваат литерарната критика што е и најобјективна што е можно во врска со огромните постигнувања на Бродски како мислител и писател, а и на неговите понекогаш заслепувачки недостатоци, особено кога пишувал на англиски. Неговата интелектуална независност изнурнува како една од главните теми на Лосев. Покрај вниманието обрнато на духовитоста на Бродски, тој јасно ја подвлекува идејата дека искреноста и посветеноста на Бродски кон вистината се основните принципи на неговата поетска уметност и морален став. Иако Бродски бил способен за силна иронија, тој ја поврзувал со двосмисленост. Лосев е убеден дека лирското јас на Бродски зборува за самиот него, постигнувајќи спој на преживеано искуство и естетски идентитет што го вбројува Бродски во традицијата на романтичарите. Свесен за биографската заблуда, Лосев не е наивен буквалист, а романтичната унија на животот и делото ги појаснува песните во кои Бродски ги истражува промените во неговиот сопствен идентитет, предизвикани од егзилот или од емотивните околности, и го проектира својот карактер преку литерарни ликови како Одисеј или Бајрон. Наспроти тоа, некои читатели може и да детектираат поголема доза иронија и досетлив потсмев кон самиот себеси одошто Лосев сместува во овој портрет.
Истражувајќи ја раната заинтересираност на Бродски за егзистенцијалистичките писатели како Ками и Лев Шестов, Лосев го идентификува тоа што со децении ќе биде тема во неговата поезија: спротивставеноста меѓу уметничката полнотија што е остварена во поезијата, и празнотијата, која го зема обликот на разни пусти слики во неговите песни, како напуштени соби, умртвена органска материја, обестелотворена светлина. Како Бродски го развил ставот кон Судбината е поврзана нишка во наративот на Лосев. Делумно Цицерон, делумно Ками и делумно Стив МекКвин (актер кому му се восхитувал, особено поради неговата изведба во „Величествените седуммина“), Бродски животот го научил да биде подготвен на незгоди поради околности надвор од неговата контрола, и во уметноста нашол видови организација и контрола што имале автономна убавина. Интервјуата во збирката на Хејвен и анализата на Лосев во „Јосиф Бродски“ разјаснуваат дека за Бродски бескрајните сложености на пишувањето поезија, а не ограничениот избор теми (смрт, љубов, разделба), биле вистинскиот израз на креативниот гениј, бидејќи ги отсликуваат движењата на душата. Од оваа причина тој ја обожавал поезијата на Марина Цветаева, чија потресна емотивност разгорувала извонредни дострели на лингвистичка иновација; па сепак подеднакво го сакал и помалку театралниот Одн, кому му се восхитувал поради поинаку изразената посветеност кон етиката. Како поет што пишува за гревот и простувањето, Одн ја поттикнал кај Бродски и неговата заинтересираност за одредени аспекти од христијанството. Лосев особено ги разјаснува бројните песни, меѓу кои и антологиската „Лето господово“ (“Anno Domini”), кои се осврнуваат на вредности што Бродски ги идентификувал како специфично христијански. И покрај тоа, Бродски никогаш не се сметал за нешто друго освен Евреин – на неговиот советски пасош националноста му била наведена како Евреин – а Лосев верува дека бил политеист по природа.
На крајот на животот, Бродски бил американски државјанин, првиот американски поет-лауреат роден во странство, моќен и прочуен есеист, а и поет на англиски јазик. Го заработи восхитот од многу други поети, но испровоцира и непријателски реакции од почитувани критичари, меѓу кои Крег Рејн и Кристофер Рид, кои ги нападнаа празните зборови на Бродски и неговата божемна логика, некако намирисувајќи измамник. Несомнено дека наследството на Бродски на англиски е важно – останува значаен како есеист – но е и крајно разнолико, со елоквентност и здрав разум што се борат против спорадичните изблици на нејасно мислење, измешаната синтакса и псевдофилозофските објави. Секогаш креативен критичар, Бродски е најдобар кога се осврнува на поединечни песни. Но понеубедлив е кога пишува за културната политика, и погрешно ја проценува осетливоста при давањето јавни изјави за расите и религијата, што дополнително иритира некои читатели. Лосев не замижува пред праведната дискусија за обвиненијата. Поет со филозофска длабочина (иако не и филозоф), Бродски имал афинитет кон силогизми и изјави врз кои некогаш се чинело дека ја губел контролата. Како што Лосев сочувствително сугерира, дел од оваа неразбирливост потекнува од несредената природа на неговото образование. Но и неговиот темперамент и убедувања одиграле улога. Бродски во јазикот нашол решение за неговиот страв од празнотија. Колку поматеријални биле вербалните структури што ги создавал опишувајќи отсуство и ништотија, толку поголемо било неговото психолошко чувство за мајсторство. Ограничен на помалите лирски форми, Бродски на руски е инвентивен и музикален, емотивно директен (понекогаш и брутален) и впечатливо афористичен. Неговите последни песни се еднакви на најраните по нивната елоквентност и трогателност. Сепак, се појавуваат вистински проблеми за читателите што зависат од преводите на англиски.
Деталната хроника на Даниел Вајсборт за неговите сопствени искуства со преведувањето на песните на Бродски, „Од руски со љубов: Јосиф Бродски на англиски“ (From Russian with Love: Joseph Brodsky in English (2004)) вреди да се прочита заради нејзините видувања на Бродски и на преводот воопшто. Па и покрај користа што Бродски ја имал работејќи со истакнати поети-преведувачи, најлошиот предавник меѓу преведувачите бил самиот Бродски. Иако се покажало дека бара многу од другите – а примери за неговата способност за пријатна соработка и заплашување се провлекуваат во возбудливата мемоар-студија на Вајсборт – неговите сопствени верзии се широки и лошо искривени повторни пишувања. Често, колку поблиску мислел дека стигнал до оригиналот, толку поискривено звучи англиската фраза. Делумно, резултатите ги рефлектираат ентузијазмот и амбицијата на Бродски да ги направи можностите на англискиот еквивалентни со можностите на рускиот; и делумно ја отсликуваат неговата глувост кон интонациските обрасци на англискиот стих. Секој што слушнал снимки од Бродски како чита поезија на англиски би се зачудил од преувеличениот начин на кој го отчукува ритамот. Времето ќе покаже дали дискусијата на Лосев за работата на Бродски како преведувач и есеист ќе поттикне повторно критичко разгледување од страна на клеветниците на Бродски. Објавувањето на оваа добро истражена, умерена и обмислена книга од истакнат поет со беспрекорно познавање на руската книжевност е значаен настан. Преводот на книгата на Лосев на англиски ќе стори многу за да ѝ се открие на пошироката публика вистинскиот квалитет на генијот на Бродски и да го објасни неговото реноме на голем поет.

Превод од англиски: Магдалена Хорват

АвторЕндрју Кан
2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 55|