Бил ли Личеноски во Париз?

/, Литература, Блесок бр. 13/Бил ли Личеноски во Париз?

Бил ли Личеноски во Париз?

#1 Лазар Личеноски никогаш не бил на специјализација во Париз кај Марсел Леноар. Тоа се обични измислици. И сите оние подробности околу наводната изложба на Леноар на чие отворање се појавил и кардиналот Дибоа чијшто прстен го бакнал Личеноски кој, инаку, продавал билети на изложбата, се обична превртеница во нечие поболено сеќавање. За време на изложбата на Леноар што се одржувала од 1 до 31 март 1928 година во неговото ателје на петтиот кат на улицата Notre-Dame des Champs број 86, бездруго се појавил кардиналот Дибоа и неговиот прстен бил бакнуван, ама не од Лазар Личеноски кој во истото тоа време не што не продавал билети, туку се сакалдисувал на сосем десетто место правејќи скици за портретот на госпоѓата Милутиновиќ. Податокот дека на 20 ноември 1927 година, Личеноски тропнал на вратата на Марсел Леноар со замолница да биде примен во неговото ателје, бидејќи имал стипендија за фреско-сликарство, е целосно неоснован, зашто денес со сигурност знаеме оти Личеноски тој ден бил на многу попријатно место и во многу попривлечно друштво… И, што е од исклучителна важност, тој не можел да тропне на вратата на ексцентричниот сликар од проста причина што таа врата е во Париз, а Личеноски никогаш, воопшто, не бил во Париз. А ако не сте биле никогаш во Париз, тоа значи дека никогаш и не сте тропнале.
#2 Рака Драинац, дописник на белградска „Правда“ од Скопје, инаку љубовник на спомнатата госпоѓа Милутиновиќ, близок познајник на Личеноски и екстравагантно мрзлив поет, сакајќи да ги искористи непосредноста на Личеноски и кокетеријата на својата љубовница и самиот да се офајди од двете работи, на сликарот му порачал портрет на својата љубима, нормално со нејзини пари, притоа пазарејќи се со Личеноски околу процентот за себе.
– Каков процент, битанго, зар не ти е срам? – го прашал сликарот насамо, додека госпоѓата Милутиновиќ чекала на скалите.
– Да ми се најдат, брате, да ми се најдат триста динари, бргу! – одговорил Драинац и откако го добил побараното, итаница се упатил кон скалите сопињајќи се од својата намера за бакнеж како од детска залашка заборавена на килим.
Оваа доверлива и уверлива епизода со Драинац сè уште не е никаков доказ за Лазаровото неприсуство во Париз, ама ако се земе предвид датумот напишан со раката на Личеноски токму на тој портрет – 15 март 1928 година, како и категоричното тврдење на ќерката на госпоѓата Милутиновиќ, пијанистката Изабела, дека мајка ѝ никогаш не отишла подалеку од Виена каде што таа студирала, тогаш станува јасно дека Лазар Личеноски за време на изложбата на Марсел Леноар не бил во Париз, односно, дека најверојатно бил во Скопје. Впрочем, Изабела во тоа време сè уште не студирала во Виена и нејзината мајка не можела да биде таму, а и никаде надвор од Скопје. Уште поголем аргумент дека сето ова се случувало во Скопје, а не на некое друго место, е статијата на Драинац за Бенвенуто Челини во три продолженија објавена во белградска „Правда“ во март 1928 година во која, патем, тој го спомнува и Лазар Личеноски со кого „седели смо заједно у једној кафани и он ми је изистински отворио очи у вези Челинија“.
#4 Сè на сè,тешко може да се разбере поболеното сеќавање на кој и да е, како и причината поради која се тврди дека Личеноски специјализирал кај Марсел Леноар. Вистината е сосем поинаква: Марсел Леноар дошол во Скопје со желба да работи со Личеноски, а на тоа доаѓање му претходела една слика од Личеноски што Леноар ја видел на Изложбата на југословенските млади сликари кои живееле во Париз, организирана во Југословенската колонија по повод свети Сава. Како се нашла сликата од Личеноски на таа изложба, исто така не е познато, бидејќи тој во тоа време бил „млад југословенски“, но не и „сликар кој живее во Париз“. Марсел Леноар се појавил на таа изложба што ја отворил југословенскиот пратеник во Париз – Мирослав Спалајковиќ, и со каталогот на изложбата (го имал подготвено Крсто Хегедушиќ) в рака, ги разгледувал сликите на Лубарда, на Лучев, на Хутер и на Јунек со голем интерес и со максимална концентрација. Најмногу му се допаднала сликата на Лео Јунек, а сликата на Лазар Личеноски (некаков женски акт!?) заживеала во него на особен начин. Се распрашувал за Личеноски, и, најпосле, решил да го побара во Македонија. (“Oh, mon Dieu, dans quel coin du monde se trouve ce pays-là?”, се прашувал.) Се чини не малку необично некаков женски акт да остави таков и толкав впечаток на еден фреско-сликар, но ако се земе предвид дека токму тој акт е дело на друг фреско-сликар, можеби работите се редат по некој логичен ред.
И токму на 20 ноември, но не 1927, туку малку подоцна, Марсел Леноар дошол во Скопје со куфер, со благи болки во белите дробови и со одгледано сеќавање на женскиот акт од изложбата во Југословенската колонија. Тропнал на вратата од ателјето на Личеноски. Тој 20 ноември е маркер на невистина и во првиот случај, но така обично се прави кога лагата се стреми кон вистина, па користи секакви прецизности. Значи, овој 20 ноември нема врска со оној 20 ноември кога божем Личеноски тропнал на вратата на Леноар, а всушност произлегува од него. Стремежот на Западна Европа сликарите од непознатите земји да одат на специјализација токму во познатите му се наместил на оној историчар (обичен или на уметноста, не знам) како кец на десетка во врска со поболувањето на вистината и така, датумот на кој Леноар дошол на специјализација кај Личеноски останал истиот, а се променила само насоката.
Личеноски работел во големо незагреано ателје, а имал и едно мало сопче, премногу затоплено, за прием на гости, најчесто порачувачи на портрети. Носел бел мантил, толку искашкан со бои што прилегал на подвижна модернистичка слика. Кога Марсел Леноар тропнал на вратата од ателјето на Личеноски, му отворил лично Лазар, едноставен и со непосредна лика, но веднаш го заковал својот поглед за оџагарените очи на ненадејниот гостин што гледале со воодушевување некаде неопределено зад неговиот грб. Леноар речиси без здив проговорил:
– Je ce jure sur la bague du cardinal Dubois, ce n’est pas un atelier, c’est une montagne, une veritable montagne d’une beauté jamais vue… – а Личеноски, за кого воопшто не е јасно како ги разбрал француските зборови (тој никогаш воопшто не бил во Париз!), вмигот направил две нешта: се фатил за прстенот на својата лева рака и се завртел да ја види планината зад себе! Ни планина видел со невидена убавина, ни кардинал! Пред него си стоеле штафелаите со недовршени слики, расфрлани картони со кроки-цртежи, ткаена черга преку столот, ѕидови варосани не многу скоро и бои, бои, бои, расфрлани насекаде и насекако.
– Молам, господине Леноар? – се зачудил Личеноски, зачудувајќи нè и нас од каде пак, сега го препознал Леноара кој, не тргајќи го погледот од зад рамениците на нашиот познат сликар, сеедно повторувал:
– C’est une montagne, une veritable montagne d’une beauté jamais vue…
#5 Тогаш Личеноски наполно премален од чувства се завртел уште еднаш, не би ли го видел она што го гледа Леноар и останал смраморен на самото место: пред него, како на дланка, се протегал галички зимски пејзаж. Ни штафелаи, ни черги, ни ѕидови… Само бескрајна убавина распослана како стварност. Пејзажот се сторил толку галички и толку вистинит, што неколку јадри снегулки ги закитиле главите на двајцата големи сликари. Дури и им достудело. Тргнале обајцата по снегот, зацапале пробивајќи си прт низ белината.
Тука завршува вистината, а почнува приказната за поболеноста на измислиците. Неколку логични забелешки ја притемнуваат историјата, и обичната и онаа на уметноста, а тоа е: зошто Лазар Личеноски се фатил за прстенот на својата рака веднаш откако бил спомнат прстенот на кардиналот Дибоа (да не е тоа знак дека тој сепак некогаш и некаде го имал бакнато тој прстен?), и како Галичник влегол во неговото ателје, за кое колку и да се потенцира дека било пространо, сепак не може да се поверува оти било толкаво та да може да го збере Галичник? Впрочем, ателјето и да било толкаво што да може да го збере Галичник, сепак кога Личеноски му ја отворил вратата на Леноар лесно можело да се заклучи оти тој излегува од просторија, а не од пејзаж. #3 Впрочем и каква врска има тоа што Лазар Личеноски никогаш не бил во Париз со знаењето француски? Со Галичник, со пејзажите и со уметноста, на крајот од краиштата? Со кардиналот Дибоа, по ѓаволите!?
Лазар Личеноски, долги години по ова, напишал: „Иако бев сигурен дека сонцето секогаш ми изгрева од Галичник, сепак не можев да се помирам со фактот дека Галичник е на запад, а не на исток“. Историјата (и обичната и на уметноста) никогаш досега не го коментирала ова.

Кон изложбата на Личеноски

2018-08-21T17:22:05+00:00 март 1st, 2000|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 13|