Апокрифна литература

/, Литература, Блесок бр. 27/Апокрифна литература

Апокрифна литература

Меѓу најпознатите новозатни евангелија било Евангелието на младенството или Томиното евангелие кое е наречено така по апостолот Тома, кому и му се припишува. Во овој апокриф Христос е прикажан како дете со натприродни способности. Христос уште како 4 – годишно дете покажувал неверојатни способности. Тој „само со збор“ можел матната вода да ја претвори во бистра. Играјќи си со децата со кал Христос направил 12 птици кои ги оживеал и ги пуштил да летаат. Играјќи, едно од децата со врбово стапче му го растурил вирот со кој играл Христос. Тој се разлутил и наредил детето да се исуши како врбовото гранче. Друг пат некое дете му скокнало на грб на Христос. За да му се освети тој наредил детето да се парализира. На тој начин Христос предизвикувал страв и ужас во околината. Жителите на местото му се пожалиле на таткото на Исус од детето и тој го карал. Меѓутоа за освета Исус направил сите кои говореле за него да ослепат. Таткото Јосиф го зел детето и го „повлекол за уво“, но Исус разлутен го нарекол разбојник. Јосиф го дал да учи, но учителите го вратиле назад детето, зашто тој им пркосел со своето знаење.
Овие епизоди од животот на Исус го потврдуваат дуалистичкото учење набогомилите дека Исус дека бил повеќе дух, а само привидно човек.
Од слични причини на богомилите им биле блиски и другите апокрифни евангелија, какви што се: Протеоевангелието Јаковлево и Евангелието Никодимово. Во Протоевангелието Јаковлево се изложува најстарата легенда за Богородица, нејзиното потекло и раѓањето на Исус Христос.
Евангелието Никодимово го обработува Христовото страдање и смрт.
Освен евангелијата, новозаветните апокрифи ги обработувале настаните и личностите од Делата апостолски, особено апостолите Тома, Андреја и Матеј. Во овие апокрифи тие се задржувале на нивните мачења и чудата кои биле поврзани со нив на нивните христијански мисии по земјите на далечниот Исток.
Уште популарни од овие биле Новозаветните апокалиптични апокрифи, напишани во форма на визии и „виденија“. Во нив се опишувал задгробниот живот, страдањата на грешниците во пеколот и уживањето на праведниците во рајот, но во нив се сликале и некои есхаталошки мотиви како што бил крајот на светот и последниот суд. Во овој поглед мошне указатеклен е примерот со Видението на апостолот Павле, во кој апостолот Павле во придружба на архангелот Михаил минувал низ пеколот и го гледал мачењето на грешниците. Посебна популарност меѓу „виденијата“ предизвикал апокрифот за Видението Исаиево, кое претставува една контаминација меѓу еден старозаветен и еден новозаветен апокриф. Исаија по својата легендарна смрт и мачеништво го поминал патот и низ седумте неба, каде во визија му се гледа раѓањето и смртта Христова. Во овој апокриф можат да се забележат неколку примери на дуалистичко гледање, од каде може да се согледа неговата популарност не само кај нашите богомили, туку и кај некои западноевопски дуалисти, катари и албигези.
Од овде може да се види дека еретичката книжевност и култура претставуваат прва критика на феудалните општествени односи од позиција на црквата. Ересите критикувајќи го феудализмот и бараат тој да се поправи во духот и начелата на првобитното ортодоксно христијанство.
Оттаму, ереста во овие услови имала прогресивен карактер, бидејќи таа го забрзала распаѓањето на феудалното општествено уредување.
Апокрифите претставуваат еден од најпопуларните книжевни појави во нашата средновековна книжевност. Во нив човекот во рамките на своите идеолошки можности доаѓал до нови сознанија за светот и неговите појави. Преку апокрифите по пат на фантазија средновековниот човек си ги замислувал своите идеали – рајот, небесниот свет, животот во него.
Фантастичното во нив било предавано на реалистичен начин и за таа цел се пишувале поетски бајки, легенди и раскази.
Оттаму, апокрифите биле најомилената литература во нашата средновековна книжевност, како и во книжевностите на другите народи.

Општохристијански хагиографии

Како што кажува и самиот наслов /светец/, хагиографиите биле биографии за видни христијански личности, прогласени за светци од црквата. Житието има долга историја од првите векови на христијанството па се до средниот век и до поново време. Првите напишани житија биле сведоштва за првите прогони на христијаните, кои постепено се развиле во уметнички житија. Пишувачите на мартириуми своите урнеци ги пронаоѓале во едноставното раскажување на светите книги, во мачењето Христово во евангелијата, во маченичката смрт на Стефан Првомаченик во Делата апостолски и др. Секако, своја улога одиграле и биографиите настанати во античко време.
Житието зазема многу важно место во системот на средновековните прозни жанри. Некои делови од житието можеле да се користат за индивидуално читање, а некои делови се сврзувале со богослужбата.
Во богослужбата се користат т.н. кратки житија, кои ги изнесуваат житијата во збиена форма. Кратките/проложни житија се читаат за време на службата во чест на светецот после шестата песна на канонот. Пространите житија се определени за корпоративно читање /на пр. во манастирската трпезарија/.
Христијанските светски легенди историски водат потекло од култот на мачениците.1F Крвавите прогони на првите христијани и нивната маченичка смрт биле само основа на која се изградил религиозниот тип на светецот. Од култот на мачениците се создал култот на светителот. Во општохристијанските хагиографии светителите се религиозни херои. Тие му носат светлост на човештвото. Христијанскиот светител и после својата смрт ја задржувал својата моќ, зашто и понатаму неговите мошти чинеле чудни дела. За да се одржи култот на светителот најважна е легендата. Христијанските легенди иако се анонимни тие се дела на пишуваќи кои пишувајќи имале цел пред себе. А целта на легендите имала култска природа.
Во хагиографиите најчесто се прикажани животите на познатите и истакнатите аскети, кои живееле живот на испосници во големите аскетски центри на Палестина, Константинопол, Света Гора /Атос/, Олимписките гори во Мала Азија.

#b
1. Hippolute Delehaue, Les legendes hagiographiques, Bruxelles, 1905, str. 187. – Les origines du culte des marturs, Bruhelles 1912, Chapitre IX.

АвторДобрила Миловска
2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 27|