Чувари

Чувари

Неодамна, дури во некоја рака во пресрет на Св. Илија, на големиот македонски празник Илинден, е обнароден првичниот аудиозапис на Пеце Атанасовски оркестар, албумот на кој има 12 традиционални песни и ора од различни области на етничка Македонија. Навидум ништо необично, та дури и да биде дополнета информацијата дека зад дружината со името на нашиот голем народен уметник и светски познат гајдаџија, стамено се застанати неговите ученици, оние со кои ја споделуваше бескрајната љубов кон нашиот музички јазик пред да се вивне горе за да се натсвирува, натпејува и надигрува со ангелите. Арно ама, ако само за миг од над главата ги избркате облаците на сомнежот и ја отворите душата, ги препознаете топлината и енергијата во себе, не ќе можете да го запрете срцето да се изнарадува. Да го јавне ритамот на опстојот длабоко запишан во генот на сите нас. Македонците. Да ги изживее сите оние мигови на себеоткривање. Одново и одново. Засекогаш. Како што тоа им се случило, случува… на момците и девојките од Оркестарот. Оние што како разулавен ат го јавнале бранот светлина и се заколнале да бидат чувари на пламенот. Онака како што ги учел волшебникот – Пеце Атанасовски.
А, тој, и самиот пленик на генот и македонскиот музички јазик, чуварот на азното, добро знаел дека задачата нималку не му е лесна и оти, на првиот час, пред себе има вљубеници што израснале во бетонската џунгла, кои младоста најсетне ги упатила во вртлозите на едно подруго, посурово созвучје условено од реалноста на ововремениот балкански водовртеж. Го знаел и тоа дека Ристо Солунчев (гајда и вокал), Ѓорѓи Донев, Ванчо Дамјановски и Виктор Сиљановски (кавали), Дејан Спасовиќ (ќемане и вокал), Смилен Димитров, Александар Стаматов, Владимир Мартиновски и Дејан Сибиновски (тамбури), Веле Солунчев (тапани, дајре, вокал) и женската пејачка група во која се: Светлана Јаковлевска, Ана Јанева, Вера Милошевска, Саша Димитрова, Весна Левајковиќ и Славица Ѓурческа, веќе ја чествувале сопствената младешка енергија и гласно и јасно ги плукнале пораките на гнев при што нималку не му потклекнале на притисокот да бидат прегазени од новосоздадените обичаи и испајпузените вредности. Знаел дека, како некаков кредит од времето, зад себе ги имаат веќе познатите состави како Чиста околина, С.А.Ф. … Факт што можеби повеќе говори за нивната преданост кон делото отколку што упатува на музичката писменост. Затоа големиот мајстор не само што ги научил да ги пуштат емоциите низ инструментите како што прилега, туку на патешествието до непресушниот извор на македонскиот мелос ги упатил со идејата да не се гибне во светоста на неговата автентичност. Не поради некаквата потреба тој да се конзервира, да се омеѓи, да му се земе здивот, туку за да остане незагаден: силен и потентен каков што отсекогаш бил. Вонвремен.
А, тие пак, тоа и го присвоиле. Како завет.
Затоа за објавата, за која во периодот од мај 1999 до декември 2001, во скопското студио Аудиолаб, погореспоменатите со Тоше Поп Симонов „ја барале квадратурата на кругот: како на прадревна, патинирана звучна материја да ѝ се пријде ултрамодерно и да не се добие документ туку живо дело“, музикологот г-дин Душко Димитровски ќе забележи: Уметниците што музицираат на овој диск, без исклучок, се млади, високо надарени ентузијасти – интелектуалци. Заедничка им е љубовта кон особеностите и креативните таинства на магичниот мелос на својот народ. Но, тоа не е обична љубов, туку емоција девствено чиста и врела, извишена да не речам, катапултирана до екстаза, до вознес, до видовитост.
И, згора тој ќе дополни дека и „школата им е голема“. Дека учеле од нашите легендарни народни уметници Вања Лазарова, Кучковки, Овчеполки, Бапчорки, Никола Цветковски, Миле Брзанов, Миле Коларов, Ангеле Димовски, Мефаил Сакипов, Махмут Музафер, Славе Тасевски, Лазо Асковски… Оркестарот од изворни народни инструменти при МРТ.
И, уште ова, во писаниево кое нималку не пледира да се престори во рецензија: Оваа херојска објава, со нејзината ултрамодерна звуковност, се јавува во денешнинава како пример каков треба да ни биде односот кон традицијата, кон нашите корени и само нашиот оригинален и чист музички јазик. Таа, едновремено, е брана против сето она што претставува вулгарно гребење по површината на изворната музика и нејзиното злоупотребување и уште повеќе, против метастазирањето на шундот и кичот. Увозен или домашен, сеедно.

звучни записи

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 28|