Фолтин: Водиме герилска војна со малодушноста

/, Звук, Блесок бр. 47/Фолтин: Водиме герилска војна со малодушноста

Фолтин: Водиме герилска војна со малодушноста

#3Како сега го доживувате Lo-Lee-Ta-Too? Колку идејно (текстуално, музички, концепциски) тој ги донесе работите на своето место?
– Ние веруваме дека ова е нашиот најдобар албум. За мене тој е суштински, некако автобиографски. Страсен и непосреден во секоја смисла. Автопортрет на музичарот кој води љубов со инструментот дури свири. И тука нема никаква голема филозофија, ние сме баш такви.

Еден пристојно убав период ве нема во театарот. Што се случи? Зошто? Конечно, влијаеше ли вашата потреба за артизмот, за сценските уметности, врз дефинирањето на вкупната слика на Фолтин и каде натаму во тој поглед?
– Нашите настапи се своевиден музички театар, кабаре. Па тука се и ready-made инструментите и секако, ставот. Меѓутоа, тој афинитет е дел од нашата еволуција и пред и по театарот. За кратко време сработивме десетина претстави. Можеби префорсиравме или не знам што е, но некако моравме да раскрстиме, иако тоа беше убаво искуство и за нив и за нас, макар што една од последните претстави, онаа за големата француска пејачка, Едит Пјаф, сè уште со задоволство ја играме. Сепак, останува фактот дека овде театарот како институција, со чест на исклучоци, е премногу затворена шема. И во догледно време работите нема битно да се сменат, а ние не би се плеткале повторно со тоа само колку за да си поминеме од редот.

Што е она што сега би ве провоцирало да го работите? Може ли музиката, нејзината порака и емоции, вибрациите што ги шири, да го направат овој суров свет што нè опкружува малку поинаков, поразличен? Дали сте подготвени да бидете перјаница на една тајфа на поинакви самомислечки луѓе или мисионерството ви е мрско?
– Тука мора да ја спомнам дволичноста во музичкиот showbiz. MTV истовремено ја величи солидарноста и себичноста на богатите celebrity. Најпрво ќе ни набројат колку дневно умираат од глад, а потоа со восхит, не можат да ги добројат спалните на Мадона. И тоа го прави суров овој свет. А што се однесува до нашата маленкост, ние си имаме мисија. Водиме герилска војна со малодушноста. Се бориме во корист на животната страст под мотото: мешај да не загори. Фолтин е класичен entertainment band, но во исто време силно го следи духот на луѓето околу нас.

Зад Фолтин како состав е цела една декада. Во неа четири албума за четири различни издавачи. Театарски проекти и многу луѓе низ бендот. Голем број концерти на различни сцени. Што е она што ве крепеше за целото ова време?
– Ако си во бизнисот на продавачите на сонот, тогаш е во ред работите да се несигурни и непостојани. Тоа си е така по дефиниција. Од моментот кога ми стана јасно дека ова е тоа и отфрлив сè друго, оттогаш немам мирен сон, па сепак сум среќен што сум дел од ваков бенд. Долго се познаваме и си веруваме, кумови, девери… Тоа се сериозни врски – и во добро и во зло. Но никогаш не е лесно, особено во вака тешко време. Луѓето се гладни и првото што треба да го направат е да ги наполнат стомаците. Го знаеме ние тоа. Затоа сега нашиот сон се сонува на гладно срце. Сега тоа ни треба на сите, и нам и на публиката. Силна инфузија со многу страст, со многу хумор и со два грама нежност. Работата е проста. Сè додека го наоѓаме патот до публиката, ова е наша мисија и ќе одиме докрај.

Успешноста на бендот во 2005 година ја подвлекоа извонредно возбудливите концертни настапи, но и хитот Милице на кој како вокалист се појавува Сенко Велинов. Колку ваквиот след на настаните, медиумски бележаниот успех, кој, за жал, речиси нема врска со остварениот тираж или со спонзорите, може да го одведе бендот во поинаква насока?
#4 – Продажбата оди добро, само малку сме невешти во дистрибуцијата, што во основа е наша грешка, па длабоко им се извинуваме на луѓето што чекаа да си купат албум. Како и да е, приоритет број еден е да се пополни календарот со што повеќе долги оргазмични фитнес-кабареа. Тоа е вистинската, природната амбиција на бендот. Сè друго е во втор план. Во моментов немаме волја за нов албум, што не значи дека нема да правиме музика. Ќе оставиме само да си дојде, нема да планираме. Штом ќе дојде време, само ќе си каже. А ако мецените и понатаму не сакаат да си играат со нас, тогаш, по ѓаволите, барем ќе имаме заедничка традиција.

На Лолитату првпат понудивте интересен спој на македонскиот со англискиот јазик. Значи ли тоа дека го надраснавте креирањето на „свој специфичен јазик“ и за потребите на приказната моравте да го присвоите она што како хибрид е конструирано до некаде од „туѓите нашинци“, кои сте ги среќавале и на Широк сокак?
– „Туѓите нашинци“ е добар оксиморон, но убеден сум дека се однесува на сите нас и, секако, излегува од рамките на приказната во Лолитату. Тоа е нашата реалност. Англомакедонскиот јазичен хибрид е спонтана метафора за суштинските последици од глобализацијата, за мутациите во идентитетот. Сега сме чудни птици што научија да мјаукаат и да лаат. Така стојат работите и тука нема ништо противречно. А што се однесува до нашиот специфичен јазик, притиснавме пауза, сè до следното патување во непознатото.

Во оваа фаза на дејствување Фолтин престана да биде бенд што условно би бил возбудлив само за определен круг публика и стана состав што знае силно да повлече маса луѓе. На што се должи тоа?
– Кумот Марлон Брандо би рекол „им понудивме нешто што не можат да го одбијат“! Јас на тие нови средби гледам како на состанок на слепо… blind date. Публиката е вистинско битие во потрага по малку забава или, којзнае, можеби некаква сериозна врска.
Стои пред тебе и чека нешто да ѝ кажеш. И можеби сме навистина сродни души. Она што ѝ го зборуваме почнува да ѝ се допаѓа. Којзнае? Тоа може да биде почеток на едно убаво пријателство. А ако подобро размислам, или е тоа или сме добри за циркулација.

Веќе некое време работите на еден навистина интересен проект – музиката на Дејвид Боуви. Зошто токму рокенрол-камелеонот? Зарем не можевте да му се нафрлите на репертоарот на Том Вејтс, со чија музика мнозина избрзаа да го споредуваат вашиот последен албум?
– Ако авторот се засити од сопствениот монолог, тогаш ова некако му се фаќа како соодветна терапија. Долг, убав дијалог со одбран соговорник. Е, не знам зошто баш Боуви. Можеше да биде и Том Вејтс, имаш право. Можеби тој ќе биде следниот. На крајот на краиштата, со тоа воопшто и не се заморивме. Ако изборот не ти е лесен, натаму сè ќе ти е тешко, ништо не ќе ти чини. За Боуви сите веднаш се согласивме и ете сега сме при крај. А штом веќе објавивме, ќе мора да побрзаме.

Како ќе биде реализиран тој проект, класичните песни на Боуви во ваша обработка? Има ли шанса нешто од тоа да излезе на носач на звук?
– Во основа не менувавме многу, но тоа бездруго звучи поинаку. Мислам… тапани, бас и хармоника – класичен рокенрол-состав. Како да завртиш, ќе влече на народно и ќе има чуден акцент. Тоа е нашиот Davy the Bowie. Планот е да свириме поинтензивно. Луѓето се заинтересирани и имаме некакви договори и со тоа сме задоволни. Евентуалната амбиција страшно би ги закомплицирала работите.

Минатата година во неколку наврати свиревте во странство – во Италија, Србија и Црна Гора… Со оглед на извонредно поволните оценки за вашите концертни настапи таму, планирате ли обиди за пробив во Европа и од што би зависел таквиот потфат?
– Во секој случај, интересот за нас е зголемен – барем што се однесува за Балканот. Сè друго се сведува на случајност. За нешто повеќе од тоа е потребна сериозна менаџерска работа, што подразбира големо ангажирање.

#5Како од перспектива на луѓе што се едни од битните чинители на овдешниве музички случувања гледате на состојбите на македонската музичка сцена? Дали и колку таа предничи во однос на другите на Балканот? Што е она што нам ни недостига за успех надвор од границите на Македонија?
– Кога уметникот е гладен, тогаш цути уметноста. Тоа е равенката што веќе долго нè дефинира нас и нашата трагедија. Колку и да сме добри, ќе мора двојно повеќе да се потрудиме. Квалитетот е неспорен, ама проблемите почнуваат кога тој ќе треба да се продаде. И затоа што така стојат работите, печалбата се наметнува како национална константа. А во однос на другите од Балканот, можеби сме добри во квалитет, но тие далеку нè надминаа во бројките. Колку нивни ѕвезди и воопшто артисти знаеме, а колку тие наши? Колку песни? Колку ние ги гледаме нивните телевизии, ги читаме нивните магазини, колку тие нашите? Колку дискови ние продаваме кај нив, а колку тие кај нас?… За повеќе успех таму, па и овде, ќе ни треба револуција во организацијата и, сепак, некаква социо-професионална промоција. Ова е многу важна работа и никако не смее да биде хоби.

Со оглед на фактот што Фолтин е бенд што живее за и од уметноста и не прави никакви компромиси, ќе опстоите ли во потребата и натаму да останете само свои?
– Па кога веќе издржавме до овде… И покрај сè, се надеваме на подобро. Ако го правиме она што за никаква работа не би го менувале и дури ни на сон не можеме да се сетиме на ништо подобро, тогаш пари нема ама животот е песна.

Линк: www.foltin.com.mk

звучен запис

2018-08-21T17:21:27+00:00 април 16th, 2006|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 47|