Пирати

Пирати

На новинарските примероци од албумот на Тоше Проевски – Ако ме погледнеш во очи, чие пуштање во продажба е прашање на часови, безмалку на секоја нова песна по неколку пати е снимено предупредувањето „да се купуваат оригиналните носачи на звук, а не пиратите“. Таквото предочување, на кое во случајов со полно право инсистираат издавачот Продукцијата на МРТВ и особено новите извршни продуценти (менаџерскиот тим) на големата македонска пејачка ѕвезда, за новинарите нималку не е непознаница. Тие веројатно се и единствените кои повремено преку писанијата во медиумите каде што работат знаат да потсетат дека и во оваа држава доследно треба да се спроведуваат законите. Во случајов оној за заштита на авторските права и против пиратеријата кој, овде кај нас во Република Македонија како самостојна и самоуверена државичка, никако да почне да се спроведува. Небаре се чека некој однадвор и за ова да дојде и да ни ги средува работите. Или можеби да нè удри со остенот по рацете и да ни подвикне дека сме се испозанеле, дека сме заборавиле… и слично. А, потем како за замачкување на очите нашиве демек ќе се размрдаат, ќе тргнат по дуќаните, пазарите и… ќе почнат да го наплаќаат „данокот во дискови“. Веројатно во „успешнатата акција“ ќе ги соберат таквите долгосвиречки дребулии за развеселување на народецот. И … тие во најдобар случај можеби ќе завршат да собираат прашина во некое складиште, а уште пореално е дека нема ни да стигнат да бидат уништени (како на пример со милионите примероци во Кина). Дефинитивно, така ќе си поиграат малку „мижи-татара“ со оние кои всушност се последнатата алка од добро разработениот синџир што се протега ширум Балканов. И, погоре-подолу на тоа ќе заврши работата.
Да се разбереме, нималку не е во тоа работата. Тоа што со арно или со лошо, со милни зборови или кавги и расправии до тепачки ќе бидат собрани неколку илјади пиратски дискови ништо не значи. Јалова работа. Иако и таквите потези разбирливо се дел од вкупната акција со која треба да се зафати државниот апарат. Имено, најнапред државата како првичен чекор ќе треба да го исфрли пиратскиот (компјутертски) систем на кој се потпира работата на безмалку половина ако не и повеќе од државниот апарат. Потем, треба да се спречи влезот („увезена стока“) на таквите успешно или помалку успешно сработени копии, бидејќи повеќе од јасно е дека „бизнисот“ во основа се потпира на продуктите што едно време се влеваа од исток, а сега од север на државава. Дури откако тоа ќе се стори, кругот ќе може да се стеснува со протресување на „издаваштвото“ на домашните махери чие учество во грабањето од сомунот е повеќе од симболично, но не и безначајно (некои си признаваат: „фала му на Бога, и од трошките се живее“). Дури, да бидеме искрени, поголемиот дел од нив не кријат дека веќе извесно време се подготвуваат за работа во „нормални услови“ и за продажба на оригиналните изданија, за што велат „кога-тогаш ќе биде“. И, како дополнение на ова (барем поголемите, оние со убави локации и разработена продажба) ќе забележат дека „така би се растовариле од грижите“, но…
Да бидеме реални: можеби реченово држи вода, арно ама за дел од работите ќе мора да станат свесни и оние најгласните против пиратите, продуцентските куќи во земјава. Тие ќе мора да ја прифатат реалноста и сопствените изданија да почнат да ги продаваат по прифатлива цена. Цена која ќе ги покрие правата, трошоците и од која разбирливо мора да има заработувачка. Арно ама истата, во никој случај како досега не смее да ги брка „светските“ (главно помеѓу 700 и 900 денари, 15 евра или исто толку долари), туку за домашните албумски изданија да биде на рамниште на оние што ги има во соседството, во Бугарија или Србија (најмногу 12 лева, 400 динари, што би значело 400 денари), каде патем толку чинат и лиценцните изданија на авторите од опкружувањето или од светот. И, види апсурд, се повикуваме на примерот на оние држави од каде сè уште тргаат каналите за растурање – погореспоменативе Србија и Бугарија, иако сме свесни дека кај нив со кажаното веќе се прават првите сериозни чекори во средувањето на состојбите и спроведувањето на законот кое подразбира и силни акции во кои се вклучени полицијата и пазарните инспектори.
Сè заедно, во нашево Министерство за култура, некаде пред пет-шест месеци, беше заговарано дополнение на постојниот закон за заштита на авторските права и против пиратирањето. Потоа … молк. На целата проблематика одреден број стручњаци работеа подолго време и се пројавуваа во јавноста со трудови кои несомнено завредуваа внимание, арно ама тогаш кога беа најпотребни оти со тоа можеше и да се поентира, некој „определен“ им ја тресна вратата пред носот. Треба ли да потсетуваме дека и ова е една од заостанатите задачи на кои ќе мора убаво да поработи новиот Министер за култура? Сигурно не, особено ако се има на ум дека датира од зародишот на плурализмот, од времето кога неговите беа власт. Значи не многу одамна. Од таму и одговорноста е двојно поголема. Јасно е нели?

2018-08-21T17:21:46+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 29|