Гледајќи го филмот BADLANDS: живот по пустината

/, Звук, Блесок бр. 138 - 139/Гледајќи го филмот BADLANDS: живот по пустината

Гледајќи го филмот BADLANDS: живот по пустината

Приказната што ја чекаш

Очајот ти помогна да изградиш сè што знаеме, сè што имаме, сè што сме способни да уништиме. Веќе дури и не се сеќавам како започна. Се сеќавам на твојот поглед и на начинот на кој не можеш да изговориш ниеден збор. Ниту вистинскиот, ниту погрешниот. Сите ги чекавме погрешните. И ми стана јасно за што зборуваат кога не зборуваат за љубовта.

Еј, дали знаеш дека Badlands е првиот игран филм во режија на Теренс Малик? И омилениот и најдобриот филм на Мартин Шин во кој глумел? Секогаш кога сакам да зборувам за тоа, се потсетувам на неговите зборови.

[Гласот на Мартин во мојата глава се исповеда: Тери ми се јави една ноќ и ми рече: „Сакам да глумиш во филмот“. Следното утро морав да се разбудам рано за да стигнам на работа, возејќи ја малата мазда на автопатот Пасифик коуст. Свиреше албумот на Дилан што го сакав, одеше песната Desolation Row, и сонцето изгреваше, и сфатив дека ќе ја играм животната улога. Професионално се занимавам со глума од мојата осумнаесетта година. Во тоа време, имав триесет и една година, четири деца, се борев, работев многу на телевизија многу лоши и глупави работи, само за да врзам крај со крај и немав среќа со играните филмови, и еве сега сум пред улогата на мојот живот. И ме обзеде беспомошност, застанав покрај патот и почнав да се гушам од солзи.]

И дали знаеш дека Том Барман мислел на Мартин Шин во тој филм, кога ја напишал една од најдобрите балади некогаш? Ја напишал за dEUS кога биле во фаза на распаѓање. Дали се сеќаваш на царевите од Антверпен?

 

 

Елвис во твојата гаража

Сцена прва: Ти си дете од ридот, за кое одметништвото е во зулуфите и кое остава без страв сè што некогаш било сакано. Ти си остарено дете кое сè  уште го сонува потокот и брвнарата, слична на онаа што ја имал Сем Блекторн Шепард. Приказните што ги забораваме и лузните што прават да не дишеме, на крајот се сведуваат на истото.

Мартин Шин за малку ќе ја одбиел улога во филмот. Во исто време, тој речиси и немало да ја добие, бидејќи мислеле дека е престар за да биде wannabe Џејмс Дин, ликот што го барал Малик. Заплетот е инспириран од она што навистина се случило во доцните педесетти години во Небраска, кога деветнаесетгодишниот Чарлс Старквадер и неговата девојка Карил Ен Фугејт, одлучиле во својот поход да ги убијат со кои ќе се замерат или кои не им се допаѓаат. Таа тогаш имала четиринаесет години. Старкведер бил ветеран од Корејската војна и донекаде потсетувал на Џејмс Дин. Инспириран од истиот настан, Тарантино напишал приказна што подоцна ја поделил на две сценарија: за филмовите Вистинска романса и Родени убијци. Брус Спрингстин ја отпеа песната Небраска од позицијата на Старкведер, од чевлите на сериски убиец, кој во дваесеттите години ќе биде осуден на електричен стол и ќе биде погубен.

За тебе, исто како и за Старкведер, Џејмс Дин е сè на светот. Веднаш зад Елвис. Сцена втора: Елвис во својата гаража којзнае колку пати го гледа Бунтовникот без причина, учејќи го напамет секој дијалог во филмот. Сцена три: ќе ми пишуваш песни во кои не умираме. Нема шанси никогаш да ме заборавиш.

 

 

Сè што некогаш било сакано

Ако ова не е приказната што ја чекаш, тогаш не е ниту онаа што ја сакаш. Колку ти е блиска мислата што не ни е моја? Колку многу забораваме, и си рековме дека никогаш нема да заборавиме. Сигурни во тоа повторуваме: Овој мирис, твојот мирис, никогаш нема да го заборавам! Колку е смешно и заборавено сето тоа сега. Ме обземаат емоции што бледеат, истите оние што нè направија подготвени на сè.

А едноставно да ми дозволиш да ја слушнам песна во која Шин се збогува? Сигурно ја имаш плочата! Знам колку ги сакаш и колку ти значи другите да ги видат. А јас ќе ви кажам за тоа како Теренс Малик го претворил секој свој филм во ремек-дело… како Badlands почнал да го пишува на 27-годишна возраст, додека патувал низ Америка (се обидувам да се сетам на нешто вредно на моите 27 години и не ми оди). Како ја напишал и првата верзија на сценариото за филмот Валканиот Хари. Ирвинг Кершнер требало да го режира, а Марлон Брандо да глуми. Како, по толку децении, тој сè уште е човек-мистерија.

Ти сè така лесно претвораш во песна. За тебе, сè е во лесните ноти и тешките дисторзии. Сега повторно ќе зборуваш за песната. И најлошо од сè, така зборувајќи, ќе ја кажеш погрешната работа што ја чекаме. Нема предоцна за такви работи. Нема ниту вистинско време. Заспиј на патот, умри за сите песни што никогаш не се напишани. Само уште во нив постоиме бестрашно, како и пред почетокот. Во нив траеме.

 

 

АвторМехмед Бегиќ
2021-12-09T22:28:51+00:00 август 15th, 2021|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 138 - 139|