Не свирам музика со умот, туку со срцето и душата

/, Звук, Блесок бр. 45/Не свирам музика со умот, туку со срцето и душата

Не свирам музика со умот, туку со срцето и душата

#4Меѓутоа, Њујорк не Ве пречекал со раширени раце.
– Нималку. Во градот дојдов со семејството и изнајмивме малечок апартман во Бруклин. Иако не бев непознат, одеднаш се најдов во средина за која ништо не знаев. Во ред, бев подготвен да останам дури и цела година без работа, но почетоците таму навистина тешко ми паднаа. За среќа, во тие денови на преиспитување кој јас од не знам какви причини ги развлеков на цели шест месеци, многу ми се најде мојот пријател и славен њујоршки музичар Арто Линдзи. Тој, кога му јавив дека сум во Градот половина година, прво ми се налути што не сум го побарал порано и потем веднаш ме собра во студио каде што почнуваше да го снима својот нов албум.
Во меѓувреме, започнав да свирам удиралки во клубот на еден мој италијански фан, па се префрлив на гитара и бидејќи таму навраќаа мнозина мои бразилски обожаватели набрзо тоа место стана од најпосетените во Гринич Вилиџ.

Сепак, вистинскиот пресврт Ви се случи токму со објавувањето на албумот на Линдзи.
– Токму така. За Арто најнапред напишав една песна, потем уште една и на крајот станаа шест. Следуваше турнејата за промоција на материјалот од Mundo Sivilizado, па Арто ме запозна со Руичи Сакамото кој ме покани да свирам на неговата плоча и сè така со ред.

Можете ли да ги споредите обајцата како автори и изведувачи.
– Се работи за двајца одлични музичари, но и за две комплетно различни личности и енергии. Тоа се фантастични автори кои љубат да експериментираат.

И Арто и Руичи вложија многу енергија во подготовката на Вашиот прв интернационален албум Sol na Cara ?
– Токму така. Сакамото ги направи аранжманите за добар дел од песните, свиреше пијано на некои од нив, а Арто го продуцираше албумот. Што сакате повеќе од тоа? Sol na Cara беше моето големо отворање за светот. И, потем ми беше лесно. Следуваа Vinisius, Tucuma во 1999, Horse and Fish во минатата година и деновиве ја започнав промоцијата на новиот албум Silva кој треба да се појави во продажба наскоро со етикета на Ханибал.

Неговиот претходник Horce and Fish помина одлично и кај критиката и кај публиката. Очекувавте ли таков прием?
– Мислам дека тоа е многу силен и емотивно набиен албум. Тој е резултат на моите последни четири години од престојот во САД. Песните ми беа готови подолго време и одлучив да ги снимам во живо во студиото. Ги собрав музичарите и едноставно им реков: Повелете свирете! Снимивме две сесии и јас се решив да ја документираме првата. Немаше никакви доснимувања и полирања.

Што Ви е Вам најважно во музиката? Кон што се стремите?
– Дефинитивно, тоа се непосредните средби со публиката. Концертните настапи за мене се врвот на креацијата. Јас сум народски човек и сакам да ги гледам светнати лицата на луѓето кога ја слушаат мојата музика. Воопшто не се штедам. Вложувам многу енергија и очекувам максимален фидбек. Никогаш не сум започнал некој мој јавен настап калкулантски. Не свирам музика со умот, туку со срцето и душата. И затоа по секој одржан концерт сум многу истоштен, но едновремено и пресреќен што сум разбудил некои скриени емоции, што сум ги направил некои луѓе среќни.

Во креирањето на Silva применивте поинаква методологија во работата.
– Токму така. За овој албум песните ги снимав во моето сопствено студио во Њујорк и тој процес траеше подолго од вообичаеното. Имав доволно време да експериментирам и се обидов да креирам поинаков звук. Да исчекорам малку понапред. Гитарите, тапаните и ударните инструменти ги свирам самиот, Мајк Леонард ми помогна за дувачките линии, а некои ударни инструменти и гудачите ги снимав во Бразил со тамошни музичари. Аранжманите за нив ги направи еден извонреден млад инструменталист кој се вика Едуардо Солто Неато. Планирам со оваа екипа, зајакната со гудачки квартет, слично како и Дејвид Брн, некаде по нова година да ја започнам концертната промоција на новиот материјал.

Задоволен ли сте со текот на Вашата кариера? Каде сте поголем како уметник – во САД, во Европа или во Бразил?
– Нема зошто да не бидам задоволен. Ја имам слободата да креирам сопствена музика и тоа ми е доволно. Во денешно време и не е така лесно човек да се бави со она што од секогаш го сакал. А, верувајте, воопшто не ми е важно каде сум комерцијално поуспешен. Во еден момент те бараат повеќе во Италија, следниот миг сте популарен во САД, потем ќе ви јават од Бразил дека таму албумот ви се продава одлично и затоа подобро е да не размислувате за тоа. Најважно ми е да креирам добра музика, да свирам одново и одново со големи музичари какви што се Арто, Руичи, Бил Фризел, Марк Рибо … и да не ги изгубам врските со оние кои што сега доаѓаат. Во тоа го наоѓам задоволството на професијата. #3

Кога веќе ги спомнавте оние кои доаѓаат, што мислите за новата генерација бразилски музичари, како на пример Морено Велосо, Доменико… овие луѓе кои со Вас ја делеа сцената?
– Бразилците се многу различни. Тие се толку различни од она што е тренд во светската музика. Момците како Морено, Доменико се неверојатно силни во изразот. Функционираат на едно поинакво ниво, многу различно од она на кое ние бевме навикнати. Ги мешаат самбата, босановата со хип-хопот, џезот, рокенролот, електронската музика… Видете, јас цела една деценија живеам во Њујорк и иако често патувам во Бразил, сепак немам некоја конкретна слика за случувањата таму. Новата бразилска музика е апсолутна непознаница за мене. Некои ја издвојуваат Мариса Монте како најголема ѕвезда. Други Карлитос Браун. Трети… Мој личен херој е еден музичар од постарата генерација – Жон Донато. Него малкумина го познаваат, но имаше одличен излез во 1970-тите. Направи растур по светот, се врати дома и сега е безмалку заборавен. Тој е неверојатен автор и изведувач.

Минатата година, иако најавен, сепак не настапивте на Скопскиот џез фестивал. Што се случи? Ќе Ве видиме ли наскоро повторно во Македонија?
– Уф, лани имав многу проблеми. Кога некој друг ви ги планира концертите понекогаш и нема некоја географска логика. Така се случи Пол Брага кој тргна на турнеја со мене, поради некои семејни проблеми, да мора да се врати во Бразил и едноставно моравме да го одложиме концертот. Мене навистина ми е многу жал за тоа. Во Скопје сум свирел заедно со Арто Линдзи, но не сум бил во можност на овдешната публика да ѝ ја претставам мојата музика. Би бил пресреќен кога повторно би добил покана за настап на Скопскиот џез фестивал. Се надевам дека догодина ќе се видиме во Македонија.

2018-08-21T17:21:30+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 45|