Дивиот галоп на „коњите“

/, Звук, Блесок бр. 21/Дивиот галоп на „коњите“

Дивиот галоп на „коњите“

Balkan Horses Band

Скопскиот концерт на Balkan Horses Band, како дел од актуелната себалканската промоција на проектот, ја возобновува идејата за поагресивна атака на уметниците од овој традиционално пребогат музички дел од светот врз глобалното созвучје. Од таму историчноста на дадениов момент умно може да се воздигне до немајкаде или да биде пеплосана заради тврдите уши на „шнајдерите“ од белосветскиот дискографски бизнис.

#1 Балканот, ако се анулираат племенските војни за доминација, никогаш не бил темен вилает за правоверните балканци. Уште помалку за уметниците низ времето кои својот идентитет го граделе врз народната мудрост и битот на сопствената традија. Притоа посебностите и спецификите на народите што од памтивек живееле на дадениот простор ја изнедриле колоритноста и ритмиката толку величенствено возбудливи и божествено убави, безмалку неспоредливи со останатите созвучја од планетава. Дури и во времево на бришење на просторните ограничувања кога со едно стискање на копчето на дланка може да ја имате мудроста на времето и просторот, Балканот сред Вавилонската курва – Европа за чудо останува една од големите енигми. Ова посебно важи за музиката во чиј код е запишана мудроста на овдешнава опстојба.
И, кога веќе го допираме творечкиот изблик во модерниве времиња, мора да биде забележано дека заради политичката позиционираност предолго од разединетиот Балкан беше „продавана“ примарната езотеричност која без исклучок беше позиционирана во определената фиока. Истата податлива за „стомаците“ на западните конзументи стана во последнава деценија во моментите кога овие останаа речиси без возбуда и условно го разбудија својот традиционален колонијален порив. Да бидеме искрени на нивниот „дижестив“ делумно му кумуваа и самите балканци кои заради пожелуваниот пробив во светот на големиот бизнис почнаа да им ги чешкаат ушите на споменативе со ситни и речиси навидум небитни компромиси. Од таму, разбирлив е продорот на еден махер како Горан Бреговиќ, кој рака на срце, со невидена трпеливост и дрскост деценија и половина во нова обвивка ги продава своите (и наши) „спомени“. Арно ама, ако неговата последна себалканска умотворина „Оркестар за свадби и погреби“ што во суштина го има предзнакот на продавање „магла“ што треба да ги разбуди ситните страсти и да го собере кајмакот од колективниот занос, позиционирана на половина пат меѓу балканскиот кич и поп звукот каков што го поима грото од просечните конзументи, времево изнедри и други појави чија висока стилизација на изворноста #2 (Теодоси Спасов – Бугарија, „Аватон“ – Грција, Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, „Анастасија“, „Синтезис“, Кирил … за големите народни уметници и да не зборуваме) допрва ветува еден сосема поинаков исчекор.
Во контекст на ваквото поставување на нештата, а ако биде тргната настрана актуелно политичката храброст за спротивставување на деценијското племенско лудило на Балканов, промовирањето на “Balkan Horses Band“ излегува дека е првиот репрезентативен потег што заради виртуозноста на неговите актери ги има сите предуслови да засече подлабоко во разневиденото ткиво на постојната световна продукција. Едноставно идејата чиј никулец е минатогодишниот перформанс во Софија во соседна Бугарија, по серијава на концертни настапи во СР Југославија, Македонија и Грција, ги надраснува локалниве рамки и се позиционира како заумен проект што и не само заради досегашниот кредит на учесниците може ширум да ги отвори портите за поинаков третман на севкупната овдешна (зошто да не, богата) музичка понуда. Што е уште поважно, Оркестарот умно не посега по директното цитирање на традицијата туку создава оригинални композиции во кои со неповторлива едноставност се прегрнуваат специфичните ритмови и бои. Разбирливо, притоа заради авторството секој тргнува од себе и од сопствените корени, арно ама кога сето тоа лежерно ќе се помине низ дадениот инструментариум и ќе ја има широчината на амбиентот и ќе ја чествува и слободата на џезот, излегува дека заедничкиот сензибилитет со претерана леснотија се справува со поимливата свирачка неуиграност. Згора, воодушевува и здушно посакуваното единство на екипата, па така наспроти силните алтер ега на конечно големите балкански ѕвезди, инструменталистичката меѓуигра е во функција на крајната цел и секој поединечно си го добива посакуваниот простор за самопотврда.
Можеби стои дека заради каризмата и поставеноста на сцената (во случајов говориме за концертот одржан во Салонот на Македонскиот народен театар во Скопје на 19 јуни годинава) некако како во преден план да избиваат виртуозот на кавал Теодоси Спасов и нашиот гитарски маг Влатко Стефановски („исценираа“ свиречки натпревар што приличи на големи и силни владетели на занаетот), па дури и мајсторот на нај од Романија – Емил Букур или хрватската пеачка со специфичен импровизационен стил Тамара Обровац, но нималку со својата стаменост и композиторска промисленост не заостануваат басистот Костас Теодору и пијанистот Сања Илиќ, та дури и шармантниот билингвален конферансие (говореше некој чуден спој на бугарски, македонски, српски, англиски…) гитаристот Краси Желиазков (инаку, иницијатор и лидер на проектот), а зачудувачки енергични и громогласни беа вредните работници на ударните инструменти Бугаринот – Стојан Јанкулов и Турчинот – Хакан Бешер. Сè заедно, во миговите на распојасаност (а ги имаше во „Балкан 2000“, „Мостови“, „Брегот на Дунав“… и посебно завршната „Анатема“) Balkan Horses Band нималку не делуваше како збир на професионалци собрани за одработување на уште една рутинска турнеја, туку како состав што го јавнал сопствениот инает и јури кон волшебноста од уште еден необичен ден од нашиот единствен живот.
И, да се вратиме на суштината. Balkan Horses Band, како проект, е во позиција да има своја иднина и самопотврда во широки, нека биде и глобални, рамки. Токму заради тоа, та и заради „розевата“ идеологија што ја влечат по целата трансферзала јавачите на севкупната балканска шунд апокалиптика, неговата опстојба и евентуален засилен атак би биле благопријатни за сета добра музика што (ќе) се создава на овдешнава ветрометина. Конечно, никој не очекува „вечност“ од ваквиот изблик на времена себенасоченост, та дури истата не би била благопријатна за поединечните кариери на актерите на случувањето, но секако дека не би било на одмет целата провокација кон севкупното глобално созвучје барем малку да потрае. Гледано од оваа перспектива шансите за такво нешто се возможна пожелувана реалност за бројните балкански музички уметници, арно ама… Како и да е, дури и да не се случи нешто посебно, радува пројавената самосвест дека разликите треба да нè обединат а не да нè делат и одалечуваат едни од други. А, тоа е голема работа.

звучни записи

2018-08-21T17:21:56+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 21|