Дејв Даглас – Човек со многу интереси и пасии

/, Звук, Блесок бр. 34/Дејв Даглас – Човек со многу интереси и пасии

Дејв Даглас – Човек со многу интереси и пасии

#1

За Дејв Даглас не може да се каже дека е непознато име на светската џез сцена бидејќи нема награда или признание која тој не ја освоил во последните 10 години. Неговиот етеричен начин на компонирање неконвенционални конфигурации ја носи публиката во непозната и неистражена територија. Овие композиции, комбинирани со неверојатна техника и експресионистички импровизации, му донесоа признанија и од критичарите и од публиката. Разновидноста на неговите влијанија е евидентна во неговата работа, односно во големиот број бендови кои ги предводи: Charms of the Night Sky, Tiny Bell Trio, Parallel Worlds, Џез Секстет, електронскиот двоен квартет Sanctuary. Можеби неговиот најпознат проект е долгогодишната соработка со ансамблот на Џон Зорн, Масада. Како член овој бенд тој веќе има настапено во Скопје во 1995, како и минатата година кога настапи со Новиот Квинтет кога го промовираше минатогодишниот “Infinity”, а неодамна го издаде и новиот албум “Freake In”

Дејв Даглас е позната личност во светот на современиот џез која одлично се снаоѓа во различни жанрови без разлика дали се работи за фри-џез, индиска или балканска музика. Како композитор, импровизатор и трубач тој е целосно посветен на создавање музика која ги пробива границите и сфаќањата на традиционалната форма на џезот. Со силна позадина во џезот, тој постојано ги доведува во прашање границите на жанровите и ги преиспитува претпоставките и размислувањата за музиката со секој негов проект. Разновидноста на неговите влијанија и интереси е евидентна во неговата работа односно големиот број бендови кој ги предводи поради што се чини дека тој има замешано прсти во милион различни работи.
Ако сакате да ја сфатите неговата музика тогаш ќе треба да ги избришете сите ваши претходни сфаќања, дефиниции и размислувања за џезот бидејќи тоа што тој го создава не може лесно да се категоризира. Во својата кариера тој настапувал со безброј ансамбли и учествувал на над 70 туѓи албуми додека во последниве 15 години тој има објавено околу 16 албуми и е предводник на 8 бендови. Секој од овие бендови свири музика која е уникатна и различна сама по себе и на свој начин го отсликуваат неговиот вкус и интереси.
Со музика почнува да се бави на многу рана возраст свирејќи на повеќе инструменти за да на крајот ја одбере трубата како негов главен инструмент. Во средно училиште тој учи џез и класична хармонија и почнува да свири импровизирана музика како студент во Барселона, Шпанија. Подоцна тој студира на познатиот универзитет Беркли во Бостон и на њујоршкиот универзитет, настапува по градот учествувајќи во безброј џез, фанк и експериментални музички групи.

Со музика почнав да се занимавам уште од најрана возраст свирејќи пијано, тромбон и труба. Мене ме привлекуваше музика од различни жанрови: џез, поп, класична музика итн. и како и секој почетник ги копирав делата на моите идоли. Тоа, всушност, беше музика за која инстинткивно чувствував дека можам да ја свирам. Може да се каже дека се обидувам да слушам секаков вид на музика. Поголемиот дел од годините додека созревав ги поминував во слушање џез музика, јас сум џез музичар и чувствувам дека музиката што ја создавам е џез – со неколку мали исклучоци.

Неговата биографија вклучува безброј проекти, настапи и гостувања со луѓе како Дон Бајрон, Ентони Брекстон, Шон Ленон. Од 1987 до 1990 тој, меѓу останатите, настапува со Хорас Силвер, Винсент Хиринг, Тим Берн и The Bread and the Puppet Theater. Сепак покрај сето ова тој предводи голем број различни ансамбли, почнувајќи од Charms of the Night Sky, Tiny Bell Trio со кое свири музика инспирирана од Балканот, Џез Квартет и Секстет и најновиот Dave Douglas New Quintet.

Вашата музичка биографија вклучува безброј соработки со познати имиња од светот на џезот а воедно предводите и голем број бендови. Дали мислите дека соработката со различни луѓе помага да се развијат креативните елементи кај вас?

Апсолутно! Причината е дека тоа е единствен начин да ја слушнам сета музика која ја слушам во својата глава. Исто така, тоа е и добар начин да се сретнам со своите пријатели. Ете, кога Masada бендот настапува, тоа е како семеен собир.

#2 Во 90-те почнува да ги снима своите први албуми кои ги објавува на познатите издавачки куќи Hat Art, Soul Note, New World, Arabesque, Songlines и Winter & Winter. Првиот соло албум го објавува во 1993 и е насловен како Parallel World. Следната година го објавува албумот на триото Tiny Trio Bell кое всушност свири импровизирана музика односно користи балканска музика како основа за импровизации. Оваа година ова трио настапува на некои фестивали во Европа каде го претставуваат материјалот од нивниот последен албум “Songs for the Wandering Spirits”.

The Tiny Bell Trio свири музика која е инспирирана од музиката од Балканот. Колку добро сте запознаени со музиката од овој дел од светот?

Сигурно не толку добро како ти. Но сериозно, имам слушано доста музика од тој регион која ми е драга. Моето искуство со музиката од Источна Европа е скорешно. Тоа започна во доцните 80-ти со експерименталната танцова/музичка/театарска група од Швајцарија која користеше традиционална романска музика како основа за нивната претстава. Потоа почнав да правам транскрипција на касети со најразлична традиционална музика од тој дел од светот. Во 1990, почнав да свирам клезмер музика заедно со Дон Бајрон, што беше одлична едукација за мене. Тоа беше во 1991 или ’92 кога почнав да компонирам моја музика во стилот на овие различни традиции и да експериментирам со импровизации базирани на некои традиционални нумери. Tiny Bell Trio не беше обид да се пресоздаде таа музика, туку да и се одаде почит со тоа што ќе се алудира на неа. Некои од најголемите импровизатори, како што знаеш, доаѓаат од Балканот.

Неговите способности како музичар и импровизатор биле забележани од Џон Зорн кој го ангажирал за својот квартет Thieves Quartet, претходник на Масада бендот. Џон Зорн е њујоршки авангарден музичар кој е познат по своите невообичаени пристапи и концепти. Masada бендот/проектот опфаќа 10 студиски и неколку концертни албуми како и продолжението на овој проект, Bar Kokhba а во рамките на турнејата која следеше, Дејв Даглас и Масада настапија во 1995 г. во Скопје на тогашниот Скопски џез фестивал.

За мене беше голема чест да свирам на овие албуми и јас му се восхитувам на Џон Зорн и како пријател и како музичар. Ова се албуми кои беа снимени многу бргу и како и секоја композиција на Зорн тие се базираа на импровизации. Најдоброто е што секогаш учам од него секојпат кога ќе се најдеме и свириме. Со него чувствувам дека имам свој глас во таа музика. Мојата улога се состоеше во тоа да сфатам што сака во тој момент и да се обидам да го постигнам тоа. Од настапите со него научив многу за техничките аспекти на трубата, со самото тоа што се обидував достојно да го следам тоа што го прави на неговиот инструмент, при што се служи со некои од најекстремните и најкомплексни техники за било кој инструмент во моментов во светот.

Што е најдоброто кога се работи за заеднички проекти а што е најфрустрирачко?

Учењето е најдобрата и најфрустирачка работа кога се работи за заеднички проекти.

Се чини дека Џон Зорн влијаеше на него со тоа што како и него Даглас наеднаш учествува на неколку проекти и предводи неколку бендови со кои настапува ширум светот. Со оддавање почит на музиката која го инспирирала тој повремено снима трибјут проекти на важни личности од светот на џезот Вејн Шортер, Телониус Монк, Букер Литл, Мери Лу Вилијамс. Но, за разлика од други проекти од овој вид, тој овие трибјути ги доведува на едно повисоко ниво што значи дека тој не ги копира оригиналните нумери на овие музичари нота по нота туку ги користи како појдовна точка за понатамошно импровизирање и реаранжирање.

Албумот “Soul on Soul” е трибјут албум на џез пионерот Мери Лу Вилијамс а тука се и другите трибјуте албуми посветени на Букер Литл (In Our Lifetime), Вејн Шортер (Stargazer). Која е причината да снимате ваков тип албуми и каков е вашиот пристап кон овие трибјут албуми?

Како и за сите така и на мене влијаеа многу музичари, но тоа што мене ме интересира и инспирира се личности кои навистина ги поместуваат границите на стилот и жанрот. Тоа е пристап кој навистина го сметам за користен. Испитувајќи ја музиката на некој музичар кој бил пионер во џезот и кој придонесол за вистински напредок на оваа музика ме тера да размислам за начинот на кој размислувам за музиката. Сакам да размислувам за тоа колку ми значи оставштината на таа личност и што јас можам да направам со тоа. Затоа кога ќе направам трибјут албум јас го пишувам поголемиот дел од материјалот. Со него чувствувам дека се искажува целосна почит кон музиката, а не само интерпретација на композициите на тој музичар. Тоа е пристапот кој мене ми се допаѓа. Тоа ми помага навистина да се фокусирам на некој друг кој го направил тоа и да се обидам да научам од духот на музиката и да ја однесам музиката понатаму, базирано на оставштината која ни е дадена нам од таа прекрасна музика.

Во склоп на претходното прашање дали се сеќавате на првите албуми кои влијаеа на вас?

Да, како да не. Тоа се албумите на Jackson Five, Били Холидеј, Сесил Тејлор, Стиви Вондер, Бетовен и Телониус Монк.

Дали Мајлс Дејвис, како популарна фигура во џезот и трубач имаше некакво влијание на вашата музика и до кој степен? Дали имаше други уметници кои беа ваша инспирација?

Да, тој имаше големо влијание на мене како и на многу други. Јас се обидов да ги појаснам моите влијанија во моите посвети и благодарности. Меѓутоа, мене ме инспирираат и живи уметници. Ферус Мустафов е еден кого ти го познаваш….

За време на минатогодишниот терористичкиот напад на Њујорк многу музичари од њујоршката сцена одржаа серија добротворни концерти за загинатите од несреќата. Овој настан остави длабоки траги во свеста на луѓето а меѓу нив и Даглас кој сними албум со став кон сегашната ситуација.

Албумот “Witness” беше политички обоен албум со тоа што беше инспириран и посветен на писатели и активисти од целиот свет т.е. луѓе кои ги искажале своите ставови и погледи преку ненасилство. Каков беше ефектот од случувањата на 11 Септември на вас и вашите познаници во Њујоршката музичка заедница?

Повеќето од нас би сакале да видат како овие проблеми се решаваат без понатамошно насилство. Нам ни е важно да се спротиставиме на можноста за избувнување војна на Блискиот Исток и да се обидеме да си помогнеме еден на друг сега кога се закрепнуваме од оваа наша трагедија.

Кои се некои од проектите на кои во моментов работите?

#3 Настапување по турнеи, нов албум со електронска музика,вежбање со трубата (кое никогаш не запира). Албумот само што беше завршен и во голема мера тоа е студиски албум. На него работев заедно со Џејми Сафт. За проектов имав огромен број нови композиции И повеќето ги снимив заедно со Џои Барон и Брад Џонс. Потоа ги расцепкавме работите и повторно ги реконструиравме. Марк Рибо свири на голем дел однего, Икуе Мори, се разбира Џејми Сафт, Крег Таборн, неколку саксофонисти и еден неверојатен дечко кој свири на тапани и табла. Неговото име е Карш Кале и тој имаше свој удел во албумот.

Како човек со широки познанства и различни интереси Дејв Даглас е фантастичен за интервјуа. Тој нема проблеми да се отвори и да каже што мисли за својата работа, џезот и своите слободни активности.

Во едно интервју прочитав дека сте голем читател на книги. Дали може да ни препорачате некои од книгите кои сте ги прочитале или во моментов ги читате?

Сега ја прочитав книгата на Ален Шон „Патешествието на Арнолд Шоенберг“ во која се раскажува за неговиот живот и како ја создавал својата музика. Неверојатно.

Дали можете да кажете нешто повеќе за вашите интереси, активности и влијанија надвор од музиката?

Хумор, јога, историја, играње, филм, современа уметност и активности на социјална правда и еднаквост.

Која е убавата страна од тоа да се биде уметник?

Тоа е можноста секој ден да станувам сè подобар и подобар и навистина да го истражувам тоа што сакам да го кажам и тоа што треба да го кажам.

Музиката на Дејв Даглас сама по себе ги преиспитува строгите категоризации во џезот, а таа самата потпаѓа во категорија која ја надминува музиката. По самата природа џез музиката ја апсорбира својата “енергија” од останатите музички стилови. Според тоа, Даглас би можел да преставува нова парадигма во музиката – џез како филозофија на музиката повеќе отколку форма или правец во музиката.

Какви се вашите планови за во иднина?

Да продолжам да учам, да созревам и да создавам музика и да се забавувам додека го правам тоа.

2018-08-21T17:21:40+00:00 септември 1st, 2003|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 34|