Идеологема и фасцинација

/, Галерија, Блесок бр. 52/Идеологема и фасцинација

Идеологема и фасцинација

#1 Наративното што произлегува од ликовната претстава, неверојатната моќ да се слика во кој и да е стил, силните политички аспекти кои се трансформираат во еден вид онтолошка позиција кон светот, моќта да се травестира еден политички мит како Хитлер во еден поп мит како Мики Маус, локалните алузии на една од најиконичните слики на Западот како што е Тајната вечера, амбивалентното флертување меѓу маниристичното и класичното…, предизвика фасцинација и стравопочит кај еден посетител (и сигурно не само кај него) на ретроспективната изложба на Александар Станковски во 1997 година.
#2 Денес, девет години подоцна, тој ист посетител, а сега и автор на овој текст кој треба да биде малечок вовед во големата изложба на Александар Станковски во МАНУ, се соочува со истата, со подеднаков интензитет и од ист вид, фасцинација од творештвото, од педесетината слики кои треба да бидат изложени.
#3 Се чини дека сликарството на Станковски продолжува да ја раскажува приказната за сликарството кое денес е можно само ако постојано го поместува својот реципиент. Кај Станковски различните позиции на читањата, а читањето секогаш претставува моќ, истовремено и желба за моќ преку создавање значења, секогаш значат обид за децентрализација на гледачот.
#4 Наративот, приказната, толку омилени за неговата сликарска постапка, пред сè упатуваат на движење и дифузност. За да се исчитаат неговите слики, секогаш треба да се укине една од точките што го овозможила влезот во сликата, субјектот да се помести, да се премести некаде меѓу претходно постоечкиот ликовен модел (зашто Станковски е опседнат со идејата за сликарството како натсликување/досликување/пресликување на веќе постоечките сликарски модели, артефакти, постапки) и идеолошките стратегии кои секогаш од сликата создаваат простор за впишување на центрипеталните и центрифугалните сили на моќ.
#5 Идеологија – политика – моќ, ова е светото тројство кое истовремено одбивајќи и привлекувајќи, го тера Станковски да ја впише својата идеологема, која значи: да се биде што е можно повеќе дифузен и полидискурзивен, а недофатливите граници на моќта да се релативизираат со травестија на општествено-историските, политичко-манипулативните, емотивно-психолошките приказни.
Во овој контекст ги читам и сликите од оваа изложба на Станковски.
#6 Во нив, од еден романтичарски пристап и фигуративност, преку експресионизам до апстракција, Станковски се фокусира на темата која во една поширока смисла би можела да се сфати како татковина: парадоксален симбол во кој се сопоставени и обединети и машкиот и женскиот принцип, и најинтимното, исконската поврзаност, но и расколот, шизмата и шизофренијата. Зашто, како што велат Делез и Гатари – секое лудило е општествено, историско, политичко.
#7 На една од сликите од циклусот „Демонстранти“ се појавува ѕвездата од Вергина, поставена на знаме зад кое ги гледаме ликовите групирани во една полуразјарена-полуочајна толпа, а нивните тела се инскрибирани места на општественото создавање на субјектот, простор наменет за впишување општествени пораки. Говорејќи за соодносот меѓу телото и политиката, Мишел Фуко вели дека на телото „непосредно се одразуваат односите на моќта: тие влијаат врз него, го жигосуваат, го дресираат, го мачат, го присилуваат на работа и на церемонии, бараат од него извесни знаци“. Такви акции, чинови на инскрибирање, се демонстрациите што Станковски ги прикажува гротескно, иронично, перспектива со која се избегнува патетичното.
#8 Сликите и цртежите од циклусот „Мајки и деца“, насликани во широк дијапазон на стилови, би можеле да се поделат во две групи. Во првата спаѓаат оние кои се ослободени од каков и да е социјален, политички и историски контекст, и покрај нивната различна социјална, историска и расна припадност. Кај нив физичкото трансцендира во духовно, нивната симбиотска врска е врска на духот. Дури и во играта, нивниот дух е оној кој игра преку телото, на ниво јас-ти, а нивните погледи, без разлика каде се насочени, секогаш како да се загледани во еден личен, внатрешен свет, кој го делат само тие две единки, мајката и детето. Или, како што вели Јан Паточка: „Патот до трансценденталниот субјект води преку телесноста“.
#9 Наспроти овие слики поставени се петте претставувања на мајките со деца со широко отворени усти, на кои анималното го заменува трансценденталното. Нивните лица немаат ништо заедничко со лицата од претходниот циклус, кои зрачеа со смиреност карактеристична за претставите на детето Исус и Марија. Овие деца личат на малечки хиени, нивните мајки имаат нешто горгонско во себе. Националното е она што го покренува анималното: ако претходните мајки и деца беа поставени вон политичкиот контекст, овде секое од петте деца држи знаменце – македонско, албанско, српско, бугарско, грчко. Устите на децата се отворени на начин кој во сеќавањето на набљудувачот ја повикува татковската фигура од „Сатурн ги голта своите деца“ на Гоја. На нив децата веќе се подготвени за борба, желни за моќ, готови да се претворат во таткото Сатурн кој ќе ги голта своите деца, и сè она што ќе биде нивна персонификација, или ќе ги има нивните карактеристики – суштества што можат да го преземат неговото владеење. Ако во првата група од циклусот ликовите на мајките и децата, преку една симбиотска врска, креираа сопствен, самодоволен, трансцендиран свет во кој постои единствено релацијата јас-ти, во втората група од циклусот мајките и децата како да бараат нешто од светот околу нив, поврзаноста на нивните тела е уште посилна на појавното ниво, но на едно друго ниво таа врска не е заради взаемниот однос, туку заради упатеноста кон надворешноста – заедничка борба за нешто или против некого.
#10 Жак Лакан вели дека во огледалната фаза од развојот на детето за него постои јасна граница меѓу неговото тело и телото на неговата мајка, но потоа појавата на таткото кој означува Закон ја нарушува недефинираната граница меѓу телото на детето и телото на мајката, што доведува до нарушување на либидинозната врска меѓу детето и мајката и предизвикува потиснување на желбата на детето во несвесното. Од несвесното на децата од петте слики на Станковски желбата излегува деформирана како желба за моќ. Ако мајките и децата од првата група на циклусот создаваа лична, сопствена татковина без татко, овде мајките и децата се опседнати со обележувањето на сопствената територија.
#11 Според Делез и Гатари постои една специфична улога што ја исполнуваат имињата во однос на расите и народите, имено, според нив, „не постои некое јас кое се поистоветува со расите и народите“, туку сопствените имиња ги поистоветуваат расите, народите и личностите со определени области или нивни карактеристики. Така и трите портрети, носители на трите раси, носат свое име, ја обележуваат својата раса, тоа се белецот Лио, азијатот Ли, и црнецот Теофил. Поставени еден до друг, градат триптих, но и една универзална татковина, составена од трите раси. Иако портретот најчесто е лишен од обележјето на националното, сепак ликовите од овој циклус на Станковски побудуваат потреба од толкување преку перспективите на некој филозофски или идеолошки наратив.
Со тоа делата на Станковски уште еднаш докажуваат дека визуелните матрици често не можат да се одвојат од филозофските и идеолошките наративи кои го сочинуваат матриксот на современиот свет.

2018-08-21T17:21:20+00:00 февруари 20th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 52|