„Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“

/, Литература, Блесок бр. 151/„Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“

„Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“

„Судејќи по Вашата решителност во условите, а морам да признам, понесен од мојата решителност да го научам вашиот јазик, ги прифаќам условите!“ воодушевено се согласи Виктор. „Извинете што ви го расипувам договорот со практични причини, прво, Митра е бремена и нема да држи часови, второ, кај мислиш, Митро, да го сместиме Виктор?“ „Мојата состојба не ме спречува да зборувам и да објаснувам, кога зборуваме за мојата бременост, неизбежно е да не ни помине низ глава и мислата дека ни требаат пари бидејќи ќе имаме уште едно дете, уште една уста плус за хранење. Гостинот ќе спие во собата која ти ја користиш за работа, таму ќе ги држам и часовите. Ти секако имаш твој простор за работа и за размислување во училиштето, можеш да ја ослободиш оваа за мене. Верувам дека господинот гостин брзо ќе ги совлада нашите зборови“, одлучно заврши Митра. „Јас ќе им помагам на Јанинка и Трајанка во работите, ќе им помагам и во перењето, така ќе слушнам и други песни од останатите перачки. Ќе им кажам да ги прашаат и другите слугинки и домаќинки по другите куќи да ги кажат сите песни што ги знаат и да ги запишуваме“, се вклучи Султана кон договорот. „Запишувањето нема да оди толку брзо, мајко, бидејќи песни се многу, пишувачи сме малку. Сите песни ние ќе треба да ги запишуваме бидејќи другите не знаат да пишуваат“, размислуваше Митра. „А зошто не ги поднаучиш малку да пишуваат и останатите слугинки како што нѐ научи нас?“ се приклучи кон правењето на планот и Трајанка. „Ова веќе преминува во сериозна работа и овде мислам дека мора да се стави крај“, додаде Димитар, кој чувствуваше дека воопшто веќе не може да спречи работите да се одвиваат. „Уште еднаш да ве потсетам, Митра е бремена и не може да преземе толкав товар на себеси. Исто како што останатите жени си имаат свои обврски и никоја нема време да одвои да учи букви и зборови и да запишува песни. Ќе ви се смеат само што ќе им ја кажете идејата. Доволно е тоа што по цели денови остануваат на реката. Ова што го зборувате вие е веќе сериозна работа – отворање на училиште и тоа училиште за жени, како да заборавате каде сме  и каде живееме.“ „Не мора сите да учат, ние ќе пуштиме абер, која сака нека учи, ќе ги запишуваме полека, никаде не брзаме. Колку повеќе време имаме, толку повеќе песни ќе знаеме, колку повеќе знаеме, толку повеќе ќе имаме во книгата. Во запишувањето може да ни помогне и мојот друг син, Наум, кој скоро се врати од неговотo школствување во Цариград“, додаде Султана. Понатамошниот разговор беше насочен околу тоа што ќе случува кога веќе ќе биде отпечатена книгата. Не како ќе се соберат песните, не дали ќе има пречки и како и каде ќе се отпечати, не за тоа во каков ризик се ставаат свесно сите. Вечерта, до доцна во ноќта гостинот Виктор можеше да наслуша тивки шепоти од разговорот помеѓу Митра и Димитар. Беше воодушевен од храброста, ученоста и одлучноста на таа балканска жена. Иако од шепотите не можеше да начуе за што разговараат, можеше да претпостави. Ниту тој не можеше да заспие, возбуден од купот нови работи кои му се случија во еден ден. Додека од едната страна на куќата се слушаа тивки шепоти, од другата страна се слушаше звукот на писалката влечејќи се по нови редови, која неколкупати беше натопувана со мастило, брзајќи мислите и впечатоците да не се претворат во заборав.

АвторДијана Петрова
2023-10-01T12:31:50+00:00 септември 9th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 151|