Културен печат – Интервју со Емил Алексиев, куратор на ретроспективната изложба на Димитар Кондовски

/, Галерија, Блесок бр. 144/Културен печат – Интервју со Емил Алексиев, куратор на ретроспективната изложба на Димитар Кондовски

Културен печат – Интервју со Емил Алексиев, куратор на ретроспективната изложба на Димитар Кондовски

Фасцинантен одзив имаше на отворањето на ретроспективната изложба на дела од Димитар Кондовски во Националната галерија – објект Даутпашин амам. Вие сте автор и на поставката и на текстот во обемниот и луксузен каталог. Практично, колку време ја подготвувавте изложбата?

ДИМИТАР КОНДОВСКИ е еден од малкумината македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност. Оттаму е и разбирлив на македонската културна бублика за неговото творештво.

Поради сложеноста на проектот изложбата е подготвувана две години. Всушност, изминаа три години од кога со Нациналната галерија решивме да организираме ретроспективна изложба. Сметавме дека е потребно да се претстави целиот развоен пат и да се претстават сите периоди од творештвото на Димитар Кондовски зошто тоа до сега не е направено. Изложбата е поделена на шест дела и ги претставува најзначајните етапи во сликарството и ги маркира референтните точки на неговото творештво како што е неговата прва самостојна изложба во скопје од 1957 година, преодниот период и преломот во стилот од 1962 и делата од Биеналето во Сан Паоло, Бразил, изложбата од 1977 година каде излага 77 апстрактни дела во своето атеље, сакндалот со конкурсот за осликување на Соборниот храм С. Климент Охридски од 1987 година или последната самостојна изложба во МАНУ во 1992 година. Така оваа изложба го следи доследно нговото сликарство и ги регистрира стислките промени од почетокот и неговите најрани дела, па се до крајот на неговиот творечки пат.

Каква беше соработката со Националната галерија, имајќи предвид дека како историчар на уметност сте дел од колективот на Музејот на Град Скопје?

Соработката беше на највисоко рамниште. Национална галерија ја имаше иницијативата за организирање на оваа изложба. Стручниот тим од Нациналната галерија под раководство на д-р Дита Старова и моите соработници Горанчо Горгиевски и Александра Зиновски Вилиќ, како и техничката екипа професионално го организира овој значаен настан.

Каква беше соработката со семејството Кондовски и од колку извори се собрани изложените дела во Даутпашин амам?

Оваа голема ретроспективна изложба не можеше да се реализира без соработка со семејството и легатите на Димитар Кондовски, особено без помошта на Филип Кондовски, синот на Димитар Кондовски. Најголем дел од достапните дела се во трајна сопственост на семејството и оттаму решивме и да бидат застапени најмногу дела токму од оваа огромна збирка. Особено имајќи предвид дека голем дел од овие ликовни дела не се или не се доволно јавно пререзентирани. Од оваа семејна збирка на изложбата во Националната галерија изложивме деведесет (90) слики од сите периоди на творештвото на Кондовски.

На изложбата и со текстот во каталогот се опфатени биографијата и сите творечки фази на Димитар Кондовски. Со каков концепт влеговте во селекцијата на делата и колку од нив се претставени на изложбата?

На изложбата се претставени околу сто (100) дела на Димитар Кондовски. Тој зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии. Од овие, причини целта на овој проект беше систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти кои ја одредуваат неговата творечка дејност. Ваквиот методолошки приод овозможува увид во сложениот сплет од влијаниа, идејно-естетски тенденции и авторски преокупации на уметникот.

Во текстот во каталогот, покрај биографските белешки и експертизата на творештвото на Кондовски, правите паралела и со општествените и културни случувањата времето кога делата се создавани. Колку вредноста на неговото творештво била препознаена уште во времето додека живеел и создавал?

Димитар Кондовски беше исклучителна, харизматична и контроверзна личност. Легендата за генијалноста на Кондовски како сликар почнува во Рим далечната 1962 година каде тој има поставено своја самостојна изложба која ќе предизвика огромно внимание на италијанската и југословенската културна јавност. Тогаш тој ги распродава сите дела од оваа изложба и денес, за жал, немаме податоци во кои приватни колекции се тие дела и тие се за нас недостапни, а тоа е цела преломен период од творештвото на Кондовски.

Денес малку се знае дека Димитар Кондовски е еден од македонските уметници со најголем број на меѓународни признанија. Кај нас беше почитуван и ценет, но тој беше во постојан судир со средината и со институциите на системот. Особено беше незадоволен и јавно ја критикуваше работата на музеите и на галериите. Во знак на протест, на пример, во 1977 година по повод дваесетипетгодишнината од творештвото тој самостојно организира изложба во своето атеље на свој трошок. Воедно тој е редовен јавен критичар на културните состојби во Македонија.

Една од карактеристиките на творечкота дејност на Димитар Кондовски е настојувањето неговите дела да бидат во постојана комуникација со публиката за да ја остварат сопствената профетска функција во општествената заедница. Упорното инсистирање на поврзувањето со најшироките народни слоеви и вкличувањето во популарната култура несомнено кореспондира со идеите од тоа време, или поточно се јавува како реакција на евидентниот расчекор меѓу политичката теорија и пракса, меѓу идеалите и реалноста, кој кај Кондовски создава критичка свест за местото и улога на уметник во општествената заедница. Смета дека неговите дела се наменети за јавни објекти каде ќе бидат достапни за најширокиот круг посетители. Со задоволство им се обраќа на неуките и на децата. Тој својата дејност не ја сваќа само како контеплативен чин, туку како дејствување (акција) во рамките на реалните општествени прилики и конкретната општествена средина.

Колку ретроспективната изложба дава можност речиси триесет години по неговата смрт да се откријат непознати детали од неговиот живот и творештво?

Секое дело има своја одделна приказна. Сите тие се дел од некоја поголема целина и припаѓаат на одредено време кога одиграле значајна роља во животот на Кондовски.

Делата од апстрактно-геометриска провиниенција или иконовидните дела работени мунициозно на грундиран панел со злато и темпера се и најпознати и по нив се препознава творештвото на Димитар Кондовски. Меѓутоа малку се познати неговите рани дела. Изложбата во националната галерија беше можност малку повеќе да се посвети внимание на овие дела од раниот период  и на дела кои се икслучително значајни од преодниот период во шеесетите години од минатиот век.

Можно ли е од денешен аспект да се дефинира која е најзначајната карактеристика на творештвото на Кондовски?

Димитар Кондоски во сликарството, уште на самиот почеток од својот ликовен развиток, забрзано го мина патот по кој повеќе од еден век се движеше современата уметност.

Својата творечка дејност Кондовски ја надоврза на две динамични линии на развиток на ликовната уметност. Едната детерминанта која го одредува неговото творештво е геометриската апстракција која има своја сложена генеза и која ја следи питагорејско-платонската традиција и ја изразува концепцијата на универзумот уреден според прецизни нумерички односи на која ѝ одговара аналогната пропорционалност на уметничкото дело. Оваа детерминанта свој особен израз ќе најде во геометриската конструкција на неговите дела, користењето сложени математички пресметки за да се постави основната композиција, употребата на златниот пресек (sectio aurea), фибоначиевата низа, геометриските модули и канони за одредување на пропорциите, сé до освојувањето на апсолутната симетрија која ја изразува универзалната хармонија.

Втората детерминанта која го одредува творештвото на Кондовски е сликарството на знакот и симболот. Во делата на Кондовски знакот секогаш поседува високо симболична вредност. Тој не само што упатува кон внатрешниот свет на авторот, туку открива и нови видици кон универзалното, преку колективното искуство повикано од бездните на времето.

Неговото значење за македонската уметност е ислкучително и неговиот придонес во теоријата на уметноста е ненадминат. Тој со своето дело отвори нови дотогаш ненасетени можности за истражување на сликарството разбрано не како фриволна забава, декорација или ре-презентација на стварноста, туку како потрага по вистината и откривање на тајните на светот.

Уште од отворањето на изложбата посетеноста е голема. Каков совет би им дале на тие што планираат да ја посетат изложбата – на што да посветат најголемо внимание?

Освен уживањето во убавината на делата и во интелигенцијата со која Кондовски ги решава ликовните проблеми во сликата, сметам дека е добро да се прочита текстот од монографијата зошто таму се поврзани делата со времето во кое се создадени и со значајните настани во културата и уметноста како кај нас, така и во светот..

Тони Димков
Културен печат

2022-07-12T07:08:35+00:00 јули 11th, 2022|Categories: Изложба, Галерија, Блесок бр. 144|