Владислав Бајац (извадок од „Хроника на сомнежот“)

/, Литература, Блесок бр. 140/Владислав Бајац (извадок од „Хроника на сомнежот“)

Владислав Бајац (извадок од „Хроника на сомнежот“)

Дневникот што го водел во Бања сведочи за ова прво престојување во ова мирно место: тој ја поседува првата белешка со датум 10 јули сè до 9 октомври 1942 г. кога го потпишува крајот на пишувањето на расказот „Змија“. Овие три месеци се исклучително важни за Андриќевото творештво. Имено, веќе со ветар во грб (бидејќи го имал напишан ракописот „Травничка хроника“), сега тука можел да се посвети на своето второ ремек-дело, романот „Мостот на Дрина“ за кој веќе имал целосно собран материјал. Тука го започнал романот во својот славен бележник познат под името „Пепита – голема тетратка“ во кој на триесет и девет страници оставил трага за својот ракопис со фрагменти од повеќе дела: една страница текст, под наслов „На Капијата“, всушност, тоа е само јадрото на неговиот втор роман. На тератката со своја рака, нешто подоцна по враќањето во Белград, допишал „Од ова настана Мостот на Дрина“.  Кон тоа е додадено, исто така со графитен молив, „Пишувано во Сокобања во 1942 г.“, како и датумот на дополнителните белешки: „Внесено 9.1.43 г.“. Покрај тоа, на седум страници во „Пепита тетратката“ се наоѓа и концепт на текстот за расказот „Елена, жената што ја нема“ под која запишал: „Сè влезе, во малку изменет облик, во ’На патување’ (В. Јелена)“. Покрај ова, ги запишувал и разговорите со локалното население, а некои од мислите подоцна влегле во „Знаци покрај патот“. Интересно е, меѓутоа, дека првиот запис во Андриќевиот сокобањски дневник со датум од 13 јули 1942 г. се однесува на концептот на темата во „За расказот и раскажувањето“, на која ќе ѝ се врати две децении подоцна, на свечената церемонија на доделувањето на Нобеловата награди за книжевност, во декември 1961 година, кога под истиот тој наслов пред целиот свет го прочитал словото во слава на пишувањето. Како што е познато, сето ова (заедно со „Госпоѓицата“), дури три романи!, по завршување на војната во 1945 година ги објавил речиси во еден миг. Со тоа громогласно и неприкосновено одекнал во југословенската, но – како што ќе се покаже – и во светската книжевна јавност. Својата родољубива и многу ризична одлука – која го чинела јавна тишина и опасност по живот – во текот на војната во знак на протест да не објавува ништо додека со земјата владеат окупаторот и домашната колаборационистичка власт, ја надоместил повеќе од видливо.

Очигледно дека овие три месеци во Сокобања биле исклучително плодотворни, не само по количеството на напишаното, туку, пред сè, по значењето на она што Андриќ тука го запишал и напишал. Впрочем, сите скици, со враќањето во Белград, со продолжување на истрајната и непрекината работа на обемни и вредни ракописи – идни книги. Можеби сето тоа можел да си го дозволи бидејќи во бањата се чувствувал неоптоварено во секој поглед: Сокобања се покажала како универзален лек што му ги полнела градите со чист воздух, го крепел телото со бистрата изворска вода и со домашната храна, ги одморал очите од недопрената природа, уживал во капењето во термалните извори… Освен тоа, оваа бања изгледала како во неа војната да не ни стигнала: во неа не се стравувало од апсења, а кога во близина и ќе се појавеле некои војски, бегал од населбата и на долгите планински патеки останувал во близина на пештерите, идеални за засолнување од војната, а не само од дождот. Андриќ имал и една своја, посебна пештера. Но, тука имало уште една суштинска причина зошто се вљубил во овој крај: поттикнат од сеќавањата од детството (кои дополнително биле засилени и поради темата за која пишувал во двата романа), Андриќ ја гледал и ја чувствувал големата сличност на овој планински крај што ја прегрнува котлината на реката Моравица со неговиот Вишеград и реката Дрина. Сето тоа што можеше да се вклучи во интимни причини, освен дополнителните – здравствени, е вистинската суштина зошто Андриќ многу години, дури и децении, подоцна често се враќал во Сокобања.

Завршувајќи ја обиколката на центарот на бањата и сите поводи за размислување што оваа прошетка ги будеше, Јас се упати кон рабовите на местото, помина покрај реката Моравица и недалеку од неа, качувајќи се на многу поголема висина, на едно од брдата во подножјето на планината Озрен го посети истоимениот хотел „Моравица“. Тоа беше второто место што за Андриќ, во неговите подоцнежни посети на бањата, станало оаза на уште поголем мир отколку претходната.

Имено, по препорака тука почнал да доаѓа кон крајот на шеесеттите години заедно со својата сопруга Милица Бабиќ, а по нејзината смрт во 1968 г. во периодот од 1971 до 1974 г. многу често и по трипати годишно, по повеќе недели. Веќе во години, Андриќ освен мир, одмор и сеќавања, ги додал и здравствените причини за престојот во Сокобања. Сега многу повеќе му годела сместеноста на овој хотел надвор од населбичката, опкружен од сите страни со шуми и ритчиња. Престојувајќи секогаш во истиот апартман со број 144, со прозорците и терасата свртени кон Моравица и Озрен, кој безмалку можеше да го прегрне, а од другата страна нешто пооддалечената планина ’Ртањ, Јас помисли дека Андриќ тука, како и тој сега, стоејќи во писателовиот апартман, мора да имал чувство за заокруженост на светот, за неговата потполност и можеби и лажна но секако, макар и привремена спокојност. Личен спокој овде сигурно имал; впрочем, за тоа и остави доволно запишани реченици. Тие сите содржеа зачуденост од она што го гледал, но и зрачеа со вистинска заљубеност во она што оваа природа и нејзините луѓе му ја давале. Испишал чувства што главно владеат со младоста, а кои се градат со зборовите на тага, занес и романтизам. Дури и кога ја запишал мислата за смртта, таа била изречена со поглед упатен од ова место, баш од Сокобања: „Кога само ваква каква што е (С. Б.) би сакала да остане барем до мојата смрт“. А потоа следува крешендо и мисла што зрачи со помирување со светот, со самиот собе, со смртта и со малку необврзна надеж: „…Само да знаете: и овде се умира, бидејќи секаде на светот мора да се умре. Но, овде животот е поубав и веројатно нешто подолг“.

Од сите реченици што Андриќ ги запишал за Сокобања, Јас ја имаше својата  омилена. Толку му се допадна што ја прекрши во три стиха, создавајќи од неа, за свои потреби, јапонска хаику песна:

 

Сè во овој крај е анонимно

и онака како што наредила природата,

а таа тука не била скржава.

 

Зборот „анонимно“ стигнуваше од самиот извор на Андриќевата мудрост, но и од мудроста на универзумот.

 

превод од српски: Александар Прокопиев

АвторВладислав Бајац
2021-11-15T19:03:18+00:00 ноември 1st, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 140|