ПЕТ ПРОШЕТКИ НИЗ ПОЕТСКАТА ШУМА НА ЗОРАН АНЧЕВСКИ

/, Литература, Блесок бр. 124/ПЕТ ПРОШЕТКИ НИЗ ПОЕТСКАТА ШУМА НА ЗОРАН АНЧЕВСКИ

ПЕТ ПРОШЕТКИ НИЗ ПОЕТСКАТА ШУМА НА ЗОРАН АНЧЕВСКИ

4. Прошетка четврта: пат за Индија

Циклусот песни „La vita nuova“, иако експлицитно и со мотото алудира на Данте Алигиери, всушност, претставува „емоционална автобиографија“ на нашиот поет и е поттикната од неговото патување во Индија. Оттаму, Индија, неповторливото искуство од средбата со оваа далечна култура и цивилизација, се Зорановата Беатриче во Небесна пантомима. Несомнено, Зоран Анчевски е номадски тип на поет, но тој е антејски врзан за својата почва; наликува на индиското дрво банјан, за кое, во истоимената песна, самиот ќе рече: „Ти си Прометеј залидан кон небото, / а окован со жив синџир за земјата“.

Оттаму, следниот циклус „Ноќни куќи и напеви“ претставува враќање дома, кон некои по малку подзаборавени национални вредности – напуштените празни куќи (дел од нив прогласени за културно наследство) во Крушево, Брајчино, Витолиште, Галичник…

5. Прошетка петта: ars poetica

Финалниот циклус во Небесна пантомима насловен „Силна песна“ е клучен за арспоетичкото начело на Анчевски. И во претходните збирки, особено во Див мир (2004), нашиот поет пееше за: сериозна, ангажирана, дегажирана, неписмена, нова, адолесцентна, хендикепирана… песна. На споменатата низа, во оваа стихозбирка ѝ е додаден уште еден епитет – силна песна. „Силната песна“ е животен еликсир за оваа поезија. Можеби, „силна песна“ е онаа што говори за неограниченоста на поетскиот стремеж?! Зашто, на еден поет од форматот на Зоран Анчевски, само небото му е граница.

АвторЛидија Капушевска-Дракулевска
ПреводЗоран Анчевски