Почнете без мене

/, Блесок бр. 29/Почнете без мене

Почнете без мене

По Новата година
Печалбарска
Будала
Повторно сам
Да не читаш весници би било страшна работа
Почнете без мене
Кревет

Излегуваш на терасата
димиш на столот за пушење
надоградната лозница скривалка
запуштена
поради кратковидоста на соседите
те штити од себеси
го бодриш тушот со сончевиот бојлер
да издржи до јуни
стреата валкната жиците чисти бели
облечени во твоите пелени
плачат од штипењето на штипките
немилосрдни
десно од тебе пролетта ја шминка
твојата врсничка круша
го оптегнуваш цревото и го наводнуваш
покривот да порасне уште некој кат
ти се пие а немаш со кого
мачките соседни те провалија одамна
лево од тебе прозорецот од собата
во која некогаш пишуваше ги раширил
ноздрите да се надише малку воздух
за време на твоето отсуство
уште малку ќе се стемни а телевизорот
ти е расипан
палиш уште една цигара на истиот стол
и се местиш удобно чекајќи да почне
филмот на ѕвездите
кој од памтивека не е симнат од репертоарот
поради големото интересирање на публиката

АвторЈовица Ивановски
2018-08-21T17:21:45+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Поезија, Блесок бр. 29|