Почнете без мене

/, Блесок бр. 29/Почнете без мене

Почнете без мене

По Новата година
Печалбарска
Будала
Повторно сам
Да не читаш весници би било страшна работа
Почнете без мене
Кревет

Слободно почнете без мене
јас ќе бидам тука некаде
иако нема да бидам присутен
имам бескрајна доверба во вас
правете се дека сум насекаде
и едноставно започнете
поделете ги поканите
оптегнете ги плакатите
викнете ги новинарите
од сите станици и редакции
и обезбедете им го ветеното
пиење до покакување
причекајте да се стемни
и вклучете ги рефлекторите
пуштете тивка музика
и дувнете (во микрофонот)
проверете го актерот дали
ја прочитал лектирата
и пофалете го задолжително
обезбедете гратис книги
и потпишувајте си ги меѓусебно
повикајте и неколку живи поети
можеби и доктор поп и полицаец
во 7 и 30 кренете ја завесата
и ширум отворете ја вратата
проверете го воведувачот на зборот
дали знае да чита – дајте му шише
и непрестано повторувајте му го
зборот (да не го заборави)
не започнувајте точно навреме
причекајте да се наполни салата
и затворете ја вратата
фрлете им солзавец
и започнете со претставата

АвторЈовица Ивановски
2018-08-21T17:21:45+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Поезија, Блесок бр. 29|