Секогаш започнуваат со
визбата
и со темелно колење јагне
цементот го појат со вода
анемичниот бетон го хранат
со железо
молат бога да не заврне
за време на паузата за ручек
на кратковидите ѕидови им
клаваат окалки
студените одаи ги тешат со оџаци
и на крајот печат ќерамиди за мезе
прават зимница варат ракија
ги викаат имињата на улиците
на по една
и се опиваат за да си ги заборават
долговите
а потоа со испечениот занает одат
на печалба
и повторно започнуваат со визбата
долговите ги враќаат но тие не се
враќаат
и кога некој од блиските во вилаетот ќе
им ја побара празната куќа – за на кратко
тие се сериозни кога велат дека чекаат
да се досуши лакот на паркетот
и дека секој момент очекуваат да се вратат