Препев од англиски: Лидија Димковска
„Таа мошне добро слика ангели“, ми рече пријателот,
игнорирајќи ги малите леќи врз секое црно око
толку јасно насликани што светлината поминува низ нив
и ме огледува
тоа е она што речиси ми недостига во Љубљана со нејзините статуи
на мртви Римјани во стражарски став пред бутиците на ГАП,
со нејзините русокоси студенти свртени кон запад во очекување
на херој – придвижувач на времето од минатото кон иднината
без последици врз сегашноста, со нејзините стари камења и нови поети
што пијат пиво Унион и врз кафеански салфетки го опишуваат
летот на градот низ крвавите векови, со нејзините руски скали што никако
да го забават замавот на четката на сликарката од сонуваниот пат
кога ѝ е потребно патување. „Се вика Метка“, ми рече пријателот.
„Таа слика ангели додека нејзиниот маж ги внесува своите демони во книги“.
Никогаш не сум ја видел но денот во неа го минав, вбризгувајќи си ги
сеќавањата божем масни бои во нејзините платнени ликови –
рус ангел што си ги свиткува нозете околу мојот појас
додека сестра ѝ ми вбризгува кокаин во вената и плаче
зашто свршив пред таа да ги допре облаците,
кроток ангел што доживеа мескалински удар во паркот,
танцувајќи додека Дуејн Олмен свиреше блуз, кога здогледа
виножито на небото пред нејзините заледени очи, тој
бенкичав ангел со црвена коса толку мека што ги заборавив
останките од мојот најдобар пријател испружен во жолтата кал на Кеј Сан
и зјапањето на едно дете крај мртов пес, чекајќи војната да запре.
Преживеав смрт што лебдеше над мене со ангели како вашите, Метка,
врамени во стерилно светло во едни мали галерии во коси улици
а воздухот се извиваше ко лак меѓу нивните и моите очи.