Секоја ноќ го сонувам истиот сон. И секоја ноќ се будам во истиот миг, пред да успеам во сонот да ја тргнам завесата од прозорецот и да видам кој е во градината. Таа појава бере цвеќиња и тивко ме повикува. Не по име, оти името очигледно не ми го знае, туку само тивко извикува: Дете, еј дете, ехеј!