Го најдов патот и ќе продолжам по него

/, Театар/Филм, Блесок бр. 44/Го најдов патот и ќе продолжам по него

Го најдов патот и ќе продолжам по него

Интервју со Бајруш Мјаку

#1

Бајруш Мјаку (1952, Качаник) дипломирал актерска игра на Високата педагошка школа во Приштина во 1973 година, и оттогаш е во ансамблот на Албанската драма во Театарот на народностите – Скопје (од минатата година Албански театар). Мјаку е еден од водечките актери на глумиштето во Македонија, игра во повеќе театри и независни проекти и на македонски јазик, а има гостувано пред публиката во Германија, Хрватска, Албанија, Италија, Велика Британија, Норвешка, Унгарија, Латвија, Австрија, Франција, Полска, Египет, Рисија, Турција… Добитник е и на повеќе награди: две за актерска игра на МТФ Војдан Чернодрински (1985 и 1995), 13 Ноември (1996), 11 Октомври (1998), Климент Охридски (1999), за Попришчин во Дневникот на лудиот досега има 4 награди: во Приштина за актерско остварување (Иван Поповски за режија), во Фиер, Албанија, на фестивалот во Киев, од Отешево се врати како Актер на Европа а биографијата треба да му ја објави УНЕСКО (до денес никој не му се јавил), Татко (режија на Слободан Унковски) летово имаше две изведби на Фестивалот Театар-Простор во Истанбул, Турција. Постојано е некаде надвор: во септември гостуваше во Москва и Санкт Петерсбург, Русија, на 7 и 8 октомври на Неделата на албанска култура во Париз го играше пак Попришчин, а во меѓувреме ја режираше ЗОО приказна

Ангажирајќи се со свој пример да го покажете патот за работа, високи резултати е егзистенција, значи по малку и одејќи пред времето, откривте ли и такви кои ќе Ве следат?
Да, јас многу работам. Но, партнери за таква соработка не најдов и сè уште ги барам. Постојано се обидувам околу себе да соберам луѓе за кои мислам дека се жедни за работа, уште пожелни за успеси. Меѓутоа, за жал, такви досега не најдов затоа што секој поаѓа од својот личен интерес, или поголемиот дел од таквите се затворени во своите улици, убедени дека само во нив треба да бидат главни. Јас го мислам спротивното: улицата одамна сум ја поминал, сум отишол многу подалеку, не за друго туку барајќи го животот. Тоа што јас го правам не го правам за ништо друго освен како потреба да го барам животот.

Тој живот, растргнат меѓу Албанскиот театар во кој сте 33 години, гостувања во други театри, реализација на независни проекти и во Детскиот театарски центар Скопје, не е ли претежок за еден актер и не Ви се чини ли дека сакате многу?
За да опстанеш, мораш да ги пробаш сите за да си го најдеш она што го сакаш. Јас не сакам многу, го сакам она што ми следува и она што мислам дека сум способен да го дадам. Тие две работи сум ги нашол само во моите независни проекти. Не случајно тие мои независни проекти се на високо ниво и си најдоа место во кое сум успеал да заинтригирам и други. Меѓутоа, и оние што сум успеал да ги заинтригирам често знаат да вратат со однос дека тоа јас го правам само за себе, а никој не мисли со кој труд и со која енергија јас тоа го правам. Тоа е затоа што кај нас и актерите, за жал, се навикнати да се задоволуваат со малку, додека јас и по овие постигнати резултати на разни презентации и фестивалиски центри по светот мислам дека сè уште сум на некој почеток. Сепак, за себе знам дека сум го нашол патот и дека треба да продолжам по него.

#2Тој процес интензивно го започнавте во 2001 година, кога се подготвуваше Дневникот на лудиот значи ли тоа дека претходните 29 години поминати на сцената биле јалови или ги сметате за подготовка за ова што денес го практикувате?
Сигурно дека не биле јалови, а подготовка да. Од 1979 година, од тогашните претстави – Чинговата Голема вода, Милеровиот Поглед од мостот или Глувци и луѓе, по кои во 80-те се остварија Јас Халил Гарија, па Бовча и ред други како Пахинтика во сон, Дожд во Уертомонто, Хамлет од Долна Мрдуша, Сауна, се претстави кои мене ме натераа да мислам и да бидам убеден дека можам да продолжам да го барам она што во институцијата не може да се најде. Иако во тоа време бевме многу поорганизирани, бевме попослушни зашто живеевме едно друго време, друг систем каде што знаевме и да се плашиме – што го нема во ова време на лажна демократија во кое никој од никого не се плаши, никој од никого не бара никаков отчет па затоа и ситуацијата е ваква каква што е. Ние како Албанска драма во тие 80-ти години успеавме да ги отвориме вратите или да учествуваме на фестивали на ниво на некогашната федерација Југославија: на МЕЕС во Сараево одевме три години едно по друго со Бовча, Пахинтика во сон и Дожд во Уертомонто, или на Стерииното позорје со Јас Халил Гарија. Ете, тогаш ни се отворија вратите, а театарските луѓе од другите некогашни југословенски центри почнаа да размислуваат, да дознаваат дека во Скопје има и ваков театар кој треба да биде присутен и во други центри.

И тој театар и другите сега се во криза; во кого актерот, кој е и најголемата жртва во оваа криза, ја бара вината?
Знам дека се виновни и актерите. Но, човекот е дежурниот виновник, а човекот во театарот се знае кој е – оној што го води. До 90-те години во театрите имаше некаков ред: имаше уметнички совет којшто не му дозволуваше на директорот одврзани раце и не можеше да прави што сака а притоа да не одговара за ништо. Од 90-те наваму никој од никого не бара одговорност, ова особено важи за Албанскиот театар, иако и во тоа време имавме големи успеси. Пример е претставата БААЛ со која гостувавме на 23 реномирани сцени и фестивали низ Европа, или Ричард Трети. Меѓутоа, откако никој во државава не бара одговорност од човекот што го води театарот, театарот пропаѓа.

Заборавате ли дека во 2003 и 2004 бевте прв човек на Албанскиот театар, тогаш Албанска драма при Театарот на народностите?
Не, не сум заборавил. Бев и се обидов да го направам она за кое бев убеден дека треба да се направи, и се откажав. Но, да не заборавиме дека за 15 месеци успеав да реализирам 9 премиери. Во тоа време го создадов и Татко како незвисен проект. Значи, за 15 месеци успеав да менаџиран десет театарски претстави што во Албанскиот театар и било и е невозможно.

АвторЛилјана Мазова
2018-08-21T17:21:31+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 44|