Го најдов патот и ќе продолжам по него

/, Театар/Филм, Блесок бр. 44/Го најдов патот и ќе продолжам по него

Го најдов патот и ќе продолжам по него

#6На актерот му е потребно огледало во кое ќе го гледа својот одраз, без да го криви огледалото ако ликот во него не му се допаѓа; дали ова беше причината Гогољевиот Дневник на лудиот за малиот човек, чиновникот Попришчин да го работите како независна продукција, како бегство од институцијата?
Тогаш бев актер со 30 годишно искуство. Но, многу порано, значи треба да се вратам назад во времето кога уште од 90-те успеав во Театарот да наметнам проекти што мене ми значеа многу и за кои бев убеден дека ќе успеат. Беше БААЛ со Брезовец – претстава со која ние први од Македонија ги отваравме вратите низ сцените на Европа, потоа беше Крал Лир со кај гостувавме во Чивидале, Италија но и на првиот повоен фестивал МЕСС во Сараево кој тогаш стана интернационален, па на Бонското биенале со Коските што доаѓаат доцна со која бевме и во Рига. Да ги спомнам и моите претстави со Дритро Касапи како Еуралиен на Горан Стефановски, сценарио за театарски проект со 50 актери и 13 режисери, нарачка на Интеркулт од Стохолм во кој со Рефет Абази игравме една дуо драма од 20 минути која и ден денес се памети во Шведска, или Хотел Европа по концепт, сценарио и драматургија исто на Г. Стефановски за европски театарски проект во режија на 9 режисери од Источна Европа што се реализира продукција на Интеркулт од Стохколм и фестивалите во Виена, Болоња, Бон и Авињон, и во кој со Арта Мучај ја игравме Албанската соба. Тогаш се сретнав со Иван Поповски, имавме повеќе време за разговор и за тоа што значи ангажман, што и каква е мојата желба да го играм Попришчин од Гогољевиот Дневник на лудиот. Гледајќи ја неговата работа на Руската соба во Хотел Европа, го заинтригирав да работиме мислејќи, можеби наивно, дека тој живеејќи во Москва живее таму кај што живеел Гогољ и дека со него ќе најдеме заеднички јазик за работа. А сега, за огледалцето што го спомнавте. Огледалцето е театарот, а јас огледалце го нарекувам и режисерот. Иако имав од некои мои пријатели понуди од типот „еј, работиш монодрама, дај научи го текстот, ќе дојдеме ќе ти кажеме како, што со ова или она…“. Јас не мислам дека така треба да се работи монодрама која за мене е најтежок жанр за актерот. Актерот мора да има огледалце, да го има човекот кој што знае со актерот – режисерот. Практично, уште пред воениот судир во Македонија во 2001 година ги имав почнато подготовките на Дневникот и Попришчин го работев сам. Две години работев сам, немаше ден кога барем еден час се немав занимавано со Гогољ, со Попришчин или со неговите проблеми. Со Иван, значи со екипата на Хотел Европа, бевме на многу места – по еден месец во Виена, во Авињон, во Болоња, во Стокхолм и во Бон по две недели. За целото тоа време се обидував да го заинтригирам Иван на соработка. Прифати во Авињон.

#7Таа ваша заедничка работа со Иван во 2001 беше чудо, дури и некои осудуваа што работевте актер-Албанец и режисер-Македонец, а практично тогаш почна добра соработка која во континуитет се потврдува четири години: претставата е прикажана на многу светски сцени, заедно добивате награди?
Времето кога почнавме заедно да работиме беше токму кога во Македонија се војуваше. Точно е дека имавме телефонски јавувања и од моите и од неговите – така бевме поделени. На Иван, на пример, му имаат речено: ти од Москва си дојден тука и ти сакаш да ни покажеш како и со кого треба тука да се работи. Дури и во мојот театар речиси никој не можеше да сфати дека тоа време е време за да се прави таква театарска претстава. Подоцна, а и сега на истите им го поставувам истото прашање: дали ќе беше подобро, како што тоа го правеа тие, ако и јас и Иван ги криевме погледите еден од друг. А немавме зошто. Работата за нас беше поттик за уште поголем ангажман. Првата проба, се сеќавам, ни беше во една подрумска кафеана во Топаанско Поле, па почнавне дома кај мене, па дома кај Иван, па после на сцената на Театрот на народностите. Сакавме премиерата да ја одиграме на Фестивалот Ристо Шишков. Ние баравме театарска сцена а кога ги добивме условите одбивме – не сакавме претставата да се игра во Домот на културата. Ја договоривме премиерата во рамките на Млад Отворен Театар, така што на 21 септември 2001 после фамозниот Охридски договор ние на дело покажавме дека тој договор е праведен и успеавме за првпат по тие настани да собереме 150 луѓе во ист простор час и половина, колку што трае претстава, кои не мислеа ниту на Договорот, ниту на тоа што било, ниту што ќе биде утре. Мислеа само на Попришчин, на неговиот живот, на неговите проблеми. Мислам дека успехот на претставата тогаш беше токму ова. Сега заедно се радуваме на секоја нова покана за прикажување/гостување на Дневникот…

Велите дека на оние што за пијалок ја имаат омразата претставата им го покажа начинот, патот по кој мора да се движиме?
Да, точно го рековте тоа – патот по кој мораме да се движиме. Илузорно е да живееме секој посебно, заборавајќи дека имаме заеднички многу нешта. Па и воздухот што го дишеме ни е заеднички, заедно мора да го живееме животот, иако и денес и од двете страни има такви кои заговараат дека секој мора да се затвора во својот круг. Веќе еднаш реков дека сум го поминал тоа време, живеам и работам во друго време – одам со времето напред.

АвторЛилјана Мазова
2018-08-21T17:21:31+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 44|