Го најдов патот и ќе продолжам по него

/, Театар/Филм, Блесок бр. 44/Го најдов патот и ќе продолжам по него

Го најдов патот и ќе продолжам по него

#8Друго време за Вас е и Детскиот театарски Центaр – Скопје, кој официјално почна да работи во свој постор и со своја програма од минатата година, со идеја да се создава млада публика која еден ден ќе биде публика на театарот, но и публиката да се меша: на едно место Македончиња, Албанчиња, Турчиња, Ромчиња сега заедно гледаат иста претстава – седнати едно до друго и за секое друго од нив, во зависност на кој јазик е претставата, има титл на неговиот мајчин јазик?
Поканата да бидам дел од ДТЦ од Дритеро Касапи и Рефет Абази ја добив подоцна. Идејата е родена за време на Косовската криза и откако децата главно се вратија во своите родни места. Продолживме со проектот Улични приказни, каде што по училиштата формиравме мешовити групи на деца – Албанци, Македонци, Роми, Босанци и Турци, со цел во едно време од денот тие да бидат заедно. Одредивме по еден Македонец или Албанец, Македонка или Албанка кои си имаа свој проект, програма по која ќе работат. Тоа се покажа многу добро. До тогаш и во училниците тие се групираа. А по еден месец истите деца беа заедно, одеа на кино, театар, на прошетка или си играа, не правејќи разлика кој е што. Значи успеавме. После се роди идејата да се оформи/регистрира ДТЦ и да се најде објект. Моја идеја беше да се бара кино Напредок. Иако ги почнавме разговараме со тогашниот директор на Градски кина Ацо Дуковски, со него не најдовме заеднички јазик. Мислевме дека е доволно да влеземе внатре зашто таму има сцена. Меѓутоа, откако аплициравме во Владата на РМ и го добивме објектот, се отвори нов проблем. Кога Градски кина го напуштија објектот директорот на работниците им наредил истиот да го демолираат. Беше демолиран исто како што знаеа српските војници/полицајци да демолираат објект од друга држава. Но, со тоа ни беше направена и услуга: моравме да размислуваме како да најдеме средства да го урнеме она што остана и да го изградиме тоа што ни треба.

#9Тој објект сега работи, има своја програма, продукција, има публика од разни националности, но ја има и идејата театарот како предмет да стане дел од наставната програма на ниво на држава. Од друга страна, во театарот има сè помалку публика и не е ли ова уште една голема битка?
Сè уште има луѓе кои мислат дека не можеме да создаваме заеднички, или дека во ДТЦ не треба на една театарска претстава да се меша публиката, без да се радуваат на тој чин и да дојдат да видат како секое од децата го следи дејствието на својот мајчин јазик. Да повторам: ако претставата е на албански – оди титл на македонски и на турски јазик, ако е на македонски титлот е на албански и на турски, ако е на турски се титлува на албански и на македонски јазик. Има и такви – родители или наставници, директори на училиштата кои не ги носат децата на претставите на ДТЦ. Но, тие што еднаш дошле пак доаѓаат. Откако почнавме и со своја продукција, имаме и претстави на разни јазици: Кукавица е на македонски и веќе има десет репризи, на албански се игра Сунѓерот и прачката која има 25 репризи, Фотографии е на македонски и има 4 репризи, на турски јазик се игра Небо без рамка

Не одговоривте колку на театарот ќе му помогне идејата на ДТЦ во наставната програма да се внесе и предмет Театар?
Ќе се заинтригираат децата кои се и единствената идна театарска публика. Сигурни сме дека ќе ги заинтригираме, ќе создадеме интерес некои од нив да го одберат театарот како своја професија, а други во него да влегуваат како обучена публика.

#10Театарските луѓе денес тврдат дека театарот е во мрачен тунел – каде е излезот?
Наоѓајќи се самиот во тој тунел, се обудувам од него да излезам токму низ мојата работа врз моите независни проекти. Што значи независен проект? Не значи дека сме независни – многу сме зависни. Јас и натаму сум зависен иако имам формирано/регистрирано своја фирма. Зависен сум од парите, татко ми не ми оставил пари да правам свој театар. Значи, зависен сум од тоа да најдам начин да аплицирам, да заинтригирам институции да ми дадат финансиска поддршка, почнувајќи од Министерството за култура па натаму. Од Министерството секогаш сум добивал некои средства, но независните проекти во ова Министерство го немаат своето заслужено место. Средствата се симболични и со нив не се прави претстава. На пример, со 300 илјади денари или 5 илјади евра не се прави претстава, за добра претстава се потребни 15 или 20 илјади евра. Моите таканаречени независни проекти покажуваат дека тие можат да бидат и поинтересни и позанимливи, поквалитетни и попрофесионални и од институционалните. Значи, треба да се прави селекција на ниво на Министерството за тоа кои проекти или продуценти треба да се поддржат. Мене, за жал, годинава ми пропадна една голема копродукција само затоа што Министерството за култура немаше слух да го поддржи докрај проектот. Ќе направевме светска премиера на Колтес, текст кој првпат ќе се поставеше на сцена – со Мини Театарот од Љубљана и Хрватското народно казалиште Иван Зајц од Риека. Минимумот што го барав беше 15 илјади евра, а јас добив 8.

#11Што потоа направивте со тие пари?
Дел искористив летово за учеството на Фестивалот Театар-Простор во Истанбул.

Кој во професијата Ви е поважен: актерот или режисерот?
Се разбира актерот. Актерот е тој што, од својата душа, го дава она што на сцената значи живот. Иако тоа го прави заедно со режисерот, сепак режисерот на претстава или на премиерата се крие некаде, а актерот е тој што е жив пред публиката и пред луѓето што го гледаат, оценуваат. Од актерот зависи дали публиката ќе аплаудира, ќе ја поддржи претставата. Но, сепак, само со взаемна работа на актерот и режисерот, вклучувајќи го и авторот, може да се дојде до саканиот успех. Јасно е дека не може да се дојде до успех ако јас како актер пред сè не сум човек. И нема резултат ако како актер имам работа со режисер што не е примерен човек, зашто е јасно дека тогаш ќе се судриме и нема да ја постигнеме целта.

АвторЛилјана Мазова
2018-08-21T17:21:31+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 44|