ПРОСЛАВА НА ДИЈАЛОГОТ

/, Литература, Блесок бр. 152/ПРОСЛАВА НА ДИЈАЛОГОТ

ПРОСЛАВА НА ДИЈАЛОГОТ

(Иван Антоновски, Од онаа страна на небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов. Скопје: Дијалог, 2023)

 

Од онаа страна на небиднината е несекојдневна книга на Иван Антоновски; таа е прослава на дијалогот низ кој се исцртува лавиринтскиот, мозаичен портрет на Ацо Шопов, од еден друг агол, досега непознат, од една перспектива, би рекла, однатре, преку визурата на неговата сопатничка – сведок на сите книжевни и животни бури низ кои тој минал, на личната, интимна драма, на сите „лузни“ и на онаа „тешка крв“ која „лежи и рие како крт“ – како што вели поетот во една своја песна. Оттаму, Светлана Шопова е нашата Софија Толстој или Надежда Мандељштам.

Поетот и преведувач Ацо Шопов е еден од основоположниците на современата македонска литература, академик, дипломат и активен општественик кој учествувал во формирањето на најзначајните институции кај нас, креатор на културните политики кај нас во еден поширок контекст – во југословенски, но и во универзални рамки. Неговата заложба „Македонија да зазрачи во културниот мозаик на светот“ – е порака која не загубила од своето значење ни денес и која, истовремено, и обврзува, и предупредува!

Освен како „нежен лиричар“ – вообичаената, стереотипна слика за поетот Шопов, преку разговорите на Антоновски со Шопова, го откриваме и како бескомпромисен сатиричар и остар критичар на општествените аномалии, врвен интелектуалец и голем хуманист, човечки топол, посветен сопруг и татко, па ни станува некако близок и фамилијарен, наш современик. Ова е особено значајно за сите оние кои, како авторката на овие редови, за жал, немаа среќа лично да го запознаат „поетот од Олимп“ (како што го именува Шопова), „гледачот во пепелта“ и поетот на тишината, тој дискретен и стамен, но маркантен, боемски дух со исклучителен шарм.

Можноста што ни ја нуди оваа книга да ѕирнеме во синергијата на личниот и поетскиот свет на Ацо Шопов како несекојдневна авантура, ни ја потврдува неговата несебична посветеност на поезијата – „тој размислуваше поетски и животот го сфаќаше поетски“, вели на едно место Светлана Шопова и додава: „ритамот на поезијата беше ритам на неговиот живот“, дури и „неговиот аманет се песните што ги напиша за ‘горештиот сон’, за љубовта и неспокојот, за оваа земја (…), за ‘младоста и мечтите, надежта – она што е вечно во секој човек“. Разговорите се зачинети и со многубројни анегдоти од секојдневниот живот кои придонесуваат за живата слика на поетот – во оваа пригода, ќе споделам само една: „Ацо не сакаше да оди по дуќани. Еднаш во животот отиде на пазар бидејќи јас бев болна и се врати со три конзерви сардини и букет цвеќе. Не претерувам, верувајте ми. И ќерка ни ја испратив со него, но таа беше мала, па не можела да му помогне во таа, за него ‘беспомошна ситуација’“ – се сеќава Шопова.

Како автор на книгата разговори, Иван Антоновски пројавува извонредна упатеност во животот и делото на Ацо Шопов; притоа, фасцинира неговата идејна концепција и творечка вештина во компонирањето на оваа книга-свет „од онаа страна на небиднината“ која, на еден извонреден начин, ги хармонизира фактите и емоциите со кои, сосема разбирливо, е натопен секој одговор на Шопова. Но, токму „погледот од дистанца“ на Антоновски придонесува за остварената симбиоза меѓу емотивното и документарното, меѓу личното и книжевно-историското сеќавање. Книгата разговори на Антоновски со Шопова не е интимен запис од минатото, туку дел од нашата културна меморија, мост меѓу нашето минато и нашата конкретна сегашност, дијалог меѓу генерациите. Денешното време, можеби многу повеќе од кога и да е порано, кореспондира со „небиднинското“ на Ацо Шопов и ја потврдува актуелноста на овој поет кој сè уште зрачи и провоцира.

Оваа невообичаена, но искрена, „отворена“ книга е клучна за чување и негување на меморијата не само на Ацо Шопов, туку и на нашата културна историја. Зашто, богатиот фактографски материјал, покрај тоа што ги портретира ликот и делото на Ацо Шопов, дава и една панорама на состојбите во македонската книжевност од втората половина на 20 век. Оттаму, интенцијата на овие разговори е да бидат влог во нашето културно наследство и репер за грижата за тоа наследство. Книгата разговори на Иван Антоновски со Светлана Шопова за Ацо Шопов, Од онаа страна на небиднината, претставува редок и скапоцен дар која на читателите им нуди книжевна, културна и општествена авантура од најпрефинет вид. Ќе завршам со цитат од песната на белградскиот поет Миленко Вучетиќ посветена на Ацо Шопов како своевиден амблем на личноста и делото на нашиот поет и на неговото место и значење во македонскиот културен Пантеон: „Јас сепак знам кој е Ацо. / Тоа е оној без кого сите тунели би биле мрачни!“

АвторЛидија Капушевска-Дракулевска
2024-01-28T12:58:27+00:00 јануари 20th, 2024|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 152|