За постоењето на македонската книжевна критика во XIX век
Да се пишува за македонската книжевна критика од XIX век значи да се проучува историјата на македонската литература од овој период. На книжевната критика, како една од трите дисциплини во науката за книжевноста, покрај историјата на книжевноста и теоријата на книжевноста, ни се чини дека во македонската наука ѝ е посветено најмало внимание. Досегашните сфаќања за непостоењето и дисконтинуитетот на македонската книжевна критика денес можеме да ги побиеме со едноставното изнесување на виделина на големиот број критички и есеистички објави, прикази и огледи, но и полемички текстови расфрлани низ страниците на тогашната периодика. Тоа подразбира прелистување на голем број весници и списанија со надеж дека од некаде ќе се појават непознати текстови и автори кои ѝ припаѓаат на македонската литература, а за кои не сме чуле или кои биле поврзувани со некои други аспекти од книжевноста.
Од големиот број имиња кои напишале барем еден критички текст или зеле учество во полемика, ќе ги наведеме: Теодосиј Синаитски, Константин Петкович, Константин Миладинов, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Стефан Поп Иванов (Македонович), Трајко Китанчев, Георги Баласчев, Христо Поп Стоилов, Григор К. Алексиев, Крсте Мисирков, Евтим Спространов, Иван К. Божинов, Евтимица Јанчева, Атанас Бадев и др. Дел од весниците и списанијата во кои успеавме да пронајдеме макар и по едно книжевно критичко дело се: Македонија, Сборник за народни умотворенија, наука и книжнина, Светлина, Живаја старина, Деница, Новини, Вести, Минало, Балкан, Цареградски вестник, Глас македонски, Ден, Лоза, Надежда, Изгрев и др., наспроти уште поголемиот број во кој немаше вакви текстови.
Бидејќи глобалната периодизациска шема на македонската критика за XX век е релативно прецизно подготвена, иако се разликува кај поединечни истражувачи во одредени делови, што е сосема нормално, таа е целосно запоставена во однос на XIX век. Затоа, под општиот именител конститутивен период, а според нашите погледи, сфаќања и истражувања, ние ја предлагаме следнава ориентациска шема:
- Период на зачетоци и утврдување:
а) Прва фаза: зачетоци (Т. Синаитски, К. Петкович, П. Зографски, К. Миладинов). Овој период временски го врамуваме во периодот од 1839 до 1861, односно од појавата на „Предговорот“ на Т. Синаитски во книгата Утешение грешним на К. Пејчиновиќ до смртта на браќата Миладиновци; б) Втора фаза: утврдување (Р. Жинзифов, Г. Прличев, Т. Китанчев, К. Шапкарев). Овој период ги содржи објавите од 1861 до 1891, односно по смртта на браќата Миладиновци до појавата на Младата македонска книжевна дружина (ММКД) и списанието Лоза.
- Период на полн процут и востановена критика:
в) Трета фаза: полн процут (Г. Баласчев, Д. Матов, Х. П. Стоилов). Во овој период влегуваат објавите од 1891 до 1903, односно од појавата на ММКД и списанието Лоза до Илинденското востание и книгата За македонцките работи на К. Мисирков; г) Четврта фаза: востановена критика и стабилизација на критичката мисла (К. Мисирков, Е. Спространов, К. Караѓулев). Во овој период влегуваат објавите од 1903 до 1912, односно од Илинденското востание и книгата За македонцките работи на Мисирков до почетокот на Балканските војни, со што завршува делот на македонската книжевност која по своите карактеристики му припаѓа на XIX век.
Одговарајќи афирмативно на прашањето за постоењето на македонската книжевна критика во XIX век, во оваа прилика издвојуваме четири случаи кои го покажуваат развивањето на полемичка сцена (Григор Прличев и текстот „Критичар и преведувач“), односот критичар-критикуван („Случајот Дејков“), критикуван-критичар („Случајот Битраков“) и потребата од критика (критичките одгласи и значењето на Македонска крвава свадба од Војдан Чернодрински).
Бидејќи се работи за сосема ново проучување и сознанија за одредени аспекти на македонската литература од XIX век, сметаме дека постојат уште нови и неоткриени автори и дела кои само ќе ја збогатат македонската книжевна критика од овој век. Притоа, треба да потенцираме дека списокот на автори и дела ни оддалеку не е исцрпен, туку напротив, со отворањето на библиотеките и архивите, односно со дигитализацијата на библиотечните и архивските фондови оваа бројка допрва ќе се зголемува.