ЧЕТИРИ СЛУЧАИ ОД МАКЕДОНСКАТА КРИТИЧКА СЦЕНА ОД XIX ВЕК

/, Литература, Блесок бр. 140/ЧЕТИРИ СЛУЧАИ ОД МАКЕДОНСКАТА КРИТИЧКА СЦЕНА ОД XIX ВЕК

ЧЕТИРИ СЛУЧАИ ОД МАКЕДОНСКАТА КРИТИЧКА СЦЕНА ОД XIX ВЕК

Негативната рецензија на учебникот го засегнала авторот А. Битраков, па набргу, во бројот 10 на истиот весник, одговорил на критиката. Тој препознал дека под псевдонимот Грондовјанин бил затскриен С. П. Иванов, па откако го обелоденил неговото име, најпрво се произнел за значењето на критиката, а потоа и на критичарот. Тој запишал: „Додека критиката ја има високата цел да ги покаже грешките во еден труд на еден убедлив начин, без да се засега чилноста на самиот автор, мојот критичар за основа на својата критика ја зел повеќе мојата личност, отколку мојот труд. Таквата критика, не само што критиката преминува во порнографија, а излегла од перото на еден педагог (подвлечено во оригиналот – бел. С. К.), не е ни најмалку педагошка“ (Битраковъ, 1897: 3).

Битраков ги разгледал сите забелешки изнесени од неговиот рецензент, детално запирајќи се и одговарајќи на секоја од нив. Тој дал одговори и на прашања поврзани со општата писменост и педагогијата, истакнувајќи некои противречни ставови на С.П. Иванов, а повикувајќи се на познати странски авторитети од тоа време како Грасер и Басаричек, но и познати македонски и бугарски педагози како А. Наумов и В. Манчев. Одговорот на критиката Битраков го завршил со зборовите: „На крај, ги замолувам сите г-да учители кои практикувале во I одделение да се произнесат и тие, а јас ќе се навратам на ова прашање“. Текстот бил напишан во Солун, со датум од 27 октомври 1897 година.

И со ова би се завршила навидум секојдневната полемика меѓу критичарот и критиката, а случајот би бил само еден обичен настан, да не е обемната белешка на Редакцијата на весникот Новини веднаш под текстот на Битраков. Нејзината целосна содржина гласи: „Од изнесениот одговор, како што ќе забележи нејзиниот почитуван автор, ние изоставивме и не обнародивме еден дел (последниот) поради две причини: а) бидејќи нејзината содржина не одговара на предметот, не е одговор на критиката сместена во ‘Новини’, а лични напади против г. Критичар и б) бидејќи и од критиката на Грондовјанин изоставивме еден дел со остри изрази. Тоа ние го правиме и затоа што сметаме дека сите лични несогласувања и неприлични изрази во разните критики и одговорите на нив, како и во статиите и дописките во кои се третираат општествени и научни прашања, треба да се избегнуваат и да не наоѓаат место; тие одземаат многу од достоинствата на умствените дела и на нивните автори“ (Б.Р., 1897: 3).

Дали поради лична нетрпеливост, дали поради неумешно напишаниот буквар или поради неодржливата критика на критичарот, биле разменети остри зборови меѓу С. П. Иванов и А. Битраков. Причините можат да бидат и сите три, но нам најважна ни е реакцијата на Редакцијата на Новини, која очигледно имала многу работа во уредувањето, односно цензурирањето на очигледно крајно навредливите зборови упатени меѓу критичарот и критикуваниот. Ако оцената на Битраков била дека текстот на Поп Иванов бил „порнографија“, тогаш можеме само да претпоставиме што уште содржеле овие преписки.

 

Дали на Македонска крвава свадба на Војдан Чернодрински своевремено ѝ биле потребни книжевни критичари?

На ова прашање можеме веднаш и многу лесно да одговориме. Но, на таков начин би станала беспредметна секаква понатамошна дискусија, која, сепак, ја заслужува оваа драма на В. Чернодрински. Затоа, најпрво ќе ги наведеме основните податоци кои се однесуваат на неа, а попатно ќе се осврнеме и на целокупниот драмски ангажман на Чернодрински и причините за успехот на неговите драми.

Најпрво и најважно е што тој го користел народниот македонски говор во дијалозите во Македонска крвава свадба. За ова самиот забележал: „иако добро не го знам правописот на нашиот македонски говор, сепак решив да пишувам на мајчиниот јазик, и тоа од единствена причина: со ова да им овозможам на таканаречените прости Македонци полесно да разбираат, а на учените да проговорат на говорот на кој зборуваат нивните мајки, зашто тие последните не можат да разберат што зборуваат нивните синови…“ (Чернодрински, 1976: 39). Исказот е доволно критичен сам за себе, насочен единствено кон македонската интелигенција којашто почнала да се одродува, се служела со туѓ јазик и за туѓи цели. Оттука, духот на дејствувањето на Чернодрински и Македонската драмска група „Скрб и утеха“ „во прв ред, беше револуционерен, односно ангажиран политички и национален театар што мораше да држи до својот углед и реноме“ (Алексиев, 1984: 19).

Драмата Македонска крвава свадба била инспирирана од вистински настан што се случил во Солунскиот вилает, поточно во Валандово, летото 1900 година. Затоа, во предговорот на драмата, Чернодрински укажува дека ништо не напишал, туку препишувал од крвавата историја на Македонија. Воедно, тој се обратил кон: „Г-дата критичари, читателите и гледачите“, со молба да ги имаат предвид сите настани кои довеле до реализирање на драмата (Чернодрински, 1992: 96). Успехот бил неминовен: драмата напишана на народен македонски јазик, на убедлив начин, ги покажала сите неволи на Македонците под османлиска власт. Присутните на премиерата одржана на 7/20 ноември 1900 година во салонот на „Славјанската беседа“ во Софија со восхит ја проследиле претставата.

Овој восхит се проширил и се пренел и надвор од театарските кругови. За кратко време била изведена над илјадапати во Бугарија, Србија и Македонија. Печатот постојано пишувал за неа, а подоцна и за другите драми на Чернодрински. За Македонска крвава свадба се пишувало во повеќе софиски, белградски, солунски, шуменски и цариградски весници: Ден, Реформи, Штампа, Бранково коло, Дебрски глас, Македонија, Автономна Македонија, Народна борба, Београдске новине, Отечество, Вести и други, во периодот од 1900 до 1911 година. Голем дел од овие осврти и дописки се анонимни или потпишани со иницијали. На некои од нив, сепак, можеме да им ја одредиме македонската народносна припадност, како кај: Д. П. (учителъ) од 1911 година („Прѣдставление на ‘Макед. Кървава Свадба’ въ с. Косинецъ, Костурско“, Вѣсти, бр. 48) или редакторската белешка на Мелетиј Македонски од 1911 година („Македонската кървава сватба изиграна съ голѣмъ успѣхъ“, Дебърски гласъ, брой 32). Приемот бил одличен, публиката задоволна, а критичарите повеќе или помалку занемени пред појавата на „четвртата словенска книжевност“ што, всушност, било најголемото достигнување на Чернодрински.

Ако ги сумираме впечатоците искажани за Македонска крвава свадба и некои подоцнежни драмски творби на Чернодрински (Срешта, Зло за зло), ќе можеме да резимираме со зборовите: „Публиката беше исполнета со солзи“, а „акламациите немаа крај“, со што се заокружувал овој „невиден успех“. И сега, да се вратиме на почетокот и да го повториме прашањето: дали на Македонска крвава свадба на Војдан Чернодрински своевремено ѝ биле потребни книжевни критичари? Одговорот е: не. Нејзе не ѝ требало дополнителна промоција, таа сама за себе го кажувала она за што критичарот не би можел да најде соодветни зборови. Во овој случај, публиката била единствениот потребен критичар.

Литература:

Алексиев, Александар. 1984. Низ литературното минато и сегашноста. Скопје: Култура.

Битраковъ, А. М. 1897. „Частни расправии – Отговоръ на критиката на буквара ми“. Новини, брой 10. Цариградъ.

Ботев, Христо. 1980. Избрани творби. София: Български писател.

Б.Р. 1897. Новини, брой 10. Цариградъ.

Д.П. (учителъ). 1911. „Прѣдставление на ‘Макед. Кървава Свадба’ въ с. Косинецъ, Костурско“. Вѣсти, бр. 48.  Цариградъ.

Аноним (Мелетиј Македонски). 1911. „Македонската кървава сватба изиграна съ голѣмъ успѣхъ“. Дебърски гласъ, брой 32.

Грѫдовянинъ. 1897. „Критика – ‘Буквар’. Написал А. М. Битраковъ“. Новини, брой 2. Цариградъ.

Митевски, Витомир. 2008. Епски теми, Античката и македонската епска поезија. Скопје: Матица македонска.

Пърличевъ, К.Г. 1928. „Къмъ характеристиката на Григоръ С. Пърличевъ (По спомени, сведения и документи)“. Македонски прегледъ, кн. 2. София.

Периодика и литература, т. 2, 1993. София.

Старделов, Георги. 1985. Изморена авангарда. Скопје: Мисла.

Тоциновски, Васил. 2005. Преводите на македонскиот XIX век. Скопје: Институт за македонска литература.

Цепенков, Марко К. 1980. Материјали, литературни творби, книга десетта, второ издание. Редактирал д-р Блаже Ристовски. Скопје: Македонска книга, Институт за фолклор.

Чернодрински, Војдан. 1976. Собрани дела, том I. Скопје: Мисла.

Чернодрински, Војдан. 1992. Одбрани дела. Приредил Александар Алексиев. Скопје: Мисла.

Без наслов. 1871. Читалище, кн. 11. Цариградъ.

Без наслов. 1871. Читалище, кн. 13. Цариградъ.

АвторСлавчо Ковилоски
2021-11-15T19:15:53+00:00 ноември 1st, 2021|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 140|