ЧЕТИРИ СЛУЧАИ ОД МАКЕДОНСКАТА КРИТИЧКА СЦЕНА ОД XIX ВЕК

/, Литература, Блесок бр. 140/ЧЕТИРИ СЛУЧАИ ОД МАКЕДОНСКАТА КРИТИЧКА СЦЕНА ОД XIX ВЕК

ЧЕТИРИ СЛУЧАИ ОД МАКЕДОНСКАТА КРИТИЧКА СЦЕНА ОД XIX ВЕК

Што, всушност, кажува Григор Прличев во „Критичар и преведувач“

            Ако Григор Прличев го сметаме за најголемиот македонски поет од XIX век, тогаш нема да биде нескромно да му придодадеме уште литературни титули: полемичар и критичар. Тој можеби е еден од најголемите и најзначајни македонски полемичари и критичари од ова време, еден од врвните мајстори на зборот на овие полиња.

Во овој случај ќе се задржиме на текстот „Критичар и преведувач“, објавен по неговата смрт од неговиот син Кирил Прличев во книга 2 на списанието Македонски преглед од 1928 година. За воведување во настанот, треба да го спомнеме Прличевиот превод на Илијадата, кој бил направен по покана од цариградското списание Читалиште во 1870 година, а објавен во 1871 година (Читалище, кн. 11, 337-344; Читалище, кн. 13: 385-390). Преводот (препевот) бил дочекан на нож со обвинувања за произволности во јазикот, за осакатување на оригиналот, за непознавање на бугарскиот јазик и други обвиненија искажани од Н. Бончев, Љ. Каравелов и Х. Ботев. Г. Прличев бил скршен, како што се забележува на неколку места во неговата „Автобиографија“, есејот „Мечта на еден старец“ и во наведениов запис „Критичар и преведувач“.

Токму последниов текст конкретно се однесува на преведувачката дејност и на односот на критичарот кон неа. Г. Прличев бил „убиен“ од негативните оцени за неговата работа врз преводот на Илијадата, па на овој негов запис можеме да гледаме како на исповед по повод навреденото его и умртвениот дух на брилијантниот поет. Всушност, на текстот можеме да гледаме како на внатрешен дијалог на Г. Прличев, чиј ум се ставил во улога на преведувач којшто се обидува да си ја заврши работата, надминувајќи ги препреките во јазикот, метриката и сувопарноста на изразот, но и во улога на критичар кој строго ги следи скратувањата, употребата и изнаоѓањето нови термини од страна на преведувачот.

Прашањата и забелешките на критичарот се движат во следниве рамки: „би требало да преведувате верно: целта на Илијадата е да го спротивстави Запад против Исток; Морето против Сонцето, елинизмот против варваризмот…“, „За да не вревиме попусто, прво определи ми што подразбираш под зборот верност: верност по букви или верност по духот?“, „Под влијание на која идеја ја преведовте на таков јазик?“, „Зошто не го употребивте членот“, „Зошто кажуваш ја (я), наместо аз (азъ)?“, „Можно ли е 17-сложниот стих да го преиначиш во 10-сложен?“ итн.

На прашањата и забелешките Прличев одговара јасно и енергично, убеден во исправноста на својата преведувачка постапка. Целта била Илијадата да им биде претставена на Словените лесно читлива и разбирлива, за што Прличев бил со намера да подготви и една кратка општословенска граматика. Тој бил свесен дека воведува новости, со што покажал дека бил пред времето. На некои прашања одговара детално и со опширни објаснувања, а на некои одговара лаконски. Такви се примерите со прашањата за употребата на ја, наместо аз, при што опширно се задржал на причините за ваквата постапка, додека, пак, на прашањето зошто не употребил член, одговара кратко: „не ми требаше“. Конечно, на забелешката: „Ја знаеш ли свирепоста на непросветената бугарска критика?“ тој одговара: „Да. Знам дека таа удавила многу таленти уште во нивниот прв цвет“ (Пърличевъ, 1928: 114).[1] И тоа е крајниот заклучок што можеме да го изведеме од текстот „Критичар и преведувач“ на Г. Прличев. Тоа е главната поента, вистинска цел и единствена причина за овој внатрешен дијалог на разочараниот поет. Објаснувајќи го начинот на кој преведувачот требало да пристапи кон делото, авторот си дозволил да биде критичар на критиката, регулатор на јазикот, вносител на новитети, „за разлика од неговите критичари кои тргнуваат од конзервативните и би рекле, застарени сфаќања на хомерската поезија…“ (Митевски, 2008: 118).[2] Меѓутоа, и покрај жестоката одбрана од нападите на критичарот, се чини дека Прличев веќе ја испеал својата лебедова песна. Поради тоа, на овој текст можеме да гледаме како на бавно простување на поетот од литературата. За Прличев приказната за возвишени поетски достигнувања и лесно разбирливи преводи веќе била завршена. Ете, тоа сака да го каже нашиот славен поет во текстот „Критичар и преведувач“.

 

За авторитетот на писателот над критичарот: „Случајот Дејков“

            За силата на авторитетот на авторот над критичарот, како пример може да ни послужи епизодата со Јоан (Иван) Дејков (ок. 1830, Прилеп – ?). Во неа главни улоги имаат Дејков (во улога на критичар), познатиот бугарски писател Иван Вазов (во улога на критикуван) и бугарскиот општественик и педагог Атанас Илиев (во улога на посредник).


[1] Прличев не можел да остане рамнодушен кон сатиричните стихови на Х. Ботев упатени кон него во песната „Зошто не сум?…“: „Защо не съм и Пърличев, / да преведа Илияда, но с такъв превод, за който / и лобут да ми се пада?“ (Ботев, 1980: 62).

[2] За оваа прилика, прикладни ни се чинат зборовите на Г. Старделов: „Историјата на поезијата и историјата на критиката ни покажуваат дека токму во критиката на поезијата се реализирани не само ѕвездени мигови на критиката, туку и фундаментални нејзини критички паѓања низ кои се остварени епохални промашувања и речиси несовладливи поетски и критички заблуди“ (Старделов, 1985: 378).

АвторСлавчо Ковилоски
2021-11-15T19:15:53+00:00 ноември 1st, 2021|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 140|