ЧЕТИРИ СЛУЧАИ ОД МАКЕДОНСКАТА КРИТИЧКА СЦЕНА ОД XIX ВЕК

/, Литература, Блесок бр. 140/ЧЕТИРИ СЛУЧАИ ОД МАКЕДОНСКАТА КРИТИЧКА СЦЕНА ОД XIX ВЕК

ЧЕТИРИ СЛУЧАИ ОД МАКЕДОНСКАТА КРИТИЧКА СЦЕНА ОД XIX ВЕК

Јоан Дејков, потпишуван и како Иван Дејков, бил учител и директор на прилепската гимназија, собирач на народни умотворби, пре­ве­ду­вач и книжевен критичар. Основната писменост ја стек­нал во родниот град, по што заминал на дошколување во Петропавловската семинарија во Рус­и­ја. Извесно време соработувал со Марко Цепенков во собирање на народно творештво, а според сведоштвата на Цепенков, најверојатно да пишува и лични творби: „за тоа нешто и ми ка­жу­а­ше дека и тој пишуал пес­ни, и вистина пишуваше“ (Цепенков, 1980: 335). Притоа, Дејков бил соработник и на Руското географ­ско друштво во Петербург, при што во 1889 година бил награден со среб­рен медал на Друштвото за ракописот „Народни песни и сказни, за­писанија в Прилеп“. Од преостанатата кни­жевна дејност на Дејков, ќе наведеме дека тој го превел првиот том на Основи на елементарната пси­хологија (не е на­ве­дено од кој ја­зик). Овој том имал 215 страници и се појавил во 1897 година. Прет­ходно, во 1896 година, Дејков заедно со Тодор К. Танев превеле За­писки по пе­да­гогија од Иван Василевич Сквор­цов, на 166 стра­ни­ци (Тоциновски, 2005: 197).

Како што спомнавме, ние ќе се задржиме на една епизода од критичката дејност на Дејков, која ја сметаме за илустративен пример за настапот на еден колеблив рецензент и реакцијата на горделивиот поет. Имено, потпишан со иницијалите И. Д-в, Дејков е автор на првата рецензија во првата книшка на списанието Надежда од 1899 година, објавувано во Стара Загора, под редакција на Атанас Илиев и Ст. Момчилов. Рецензијата се однесувала на збирката Скитнички песни (впечатоци и чувства во Малата и Големата Стара Планина) на Иван Вазов. Книгата била издадена од Придворната книжарница „Иван Б. Касоров“, а печатена од Придворната книжарница „Бр. Прошекови“ во 1899 година. Во тоа време Вазов веќе ја имал стекнато репутацијата на „патријарх на бугарската литература“, што доволно говори за значењето и за влијанието што го имал.

Значи, кога критичкиот осврт бил подготвен, Дејков му го испратил на редакторот Илиев. Овој пак, кон крајот на ноември или почетокот на декември 1899 година, со знаење на авторот на текстот, му го препратил на Вазов на разгледување. Молбата била да ја прегледа рецензијата и евентуално, да даде забелешки. Како што се гледа од одговорот кој на 17 декември истата година му го испратил на Иванов, Вазов бил незадоволен од освртот. Во писмото се вели: „Ти ја враќам рецензијата со белешките што ми ги бараш. Подобро е ти да напишеш рецензија, ако имаш време“ (Периодика и литература, т. 2, 1993: 481). Рецензентот Дејков најверојатно ги прифатил сите сугестии дадени од Вазов, бидејќи било невозможно рецензијата да биде отпечатена без негово одобрение. Сето тоа станало со посредство на А. Иванов. Дејков сигурно го почувствувал притисокот што потекнувал од името на Вазов и текстот го приспособил на барањата. Можно е дури да извршил и дополнителни корекции, надополнети со позитивни оцени, потклекнувајќи пред авторитетот на големото име. Дури се осмелуваме да претпоставиме дека по искажаните незадоволителни оцени на Вазов, свој удел во текстот имал и самиот редактор. Тоа се гледа во друго писмо на Вазов упатено до А. Илиев, со датум од 30 јануари 1900 година: „Многу ти благодарам за рецензијата, подобра не можев да посакам“ (Периодика и литература, т. 2, 1993: 482). Оваа ситуација е доволен показател за моќта на писателот кој со стекнатото име е влијателен во книжевноста и во политиката, но и врз критичарот и критичката мисла. Впрочем, ништо непознато и денес.

 

Критика на критиката или за бесот на критичарот и критикуваниот: „Случајот Битраков“

На ова заглавје се задржуваме како едно од најрепрезентативните примери за критика на критиката или за бесот на критикуваниот. Станува збор за она што го именувавме како „Случајот Битраков“ во кој можеме да ја проследиме рецензијата на Стефан Поп Иванов (потпишан како Грѫдовянинъ) насловена како „Научен оддел – Критика: Буквар. Напишал А. М. Битраков, 1897“ објавена во бројот 2 на Новини од 1897 година и одговорот на Александар Битраков насловен „Одговор кон критиката на мојот буквар“ од истата година.

Осврнувајќи се на учебникот на Битраков, С. П. Иванов се искажал сосема негативно за неговиот труд. „Најбездарниот и најневажниот се смета за способен да предава во одделенијата“, „најнеискусниот се мисли дека е во состојба да напише буквар“, „педагошките, дидактичките и воспитните принципи или не се знаат никако, и да се знаат некогаш се забораваат тогаш кога најмногу требаат“ итн. (Грѫдовянинъ, 1897: 3). Во продолжение, С. П. Иванов ги навел сите грешки на Битраков кои според него биле од незнаење, од неукост и катастрофални во секој поглед: „Да! Да! Во неговиот буквар ќе најдеме едно купиште, така да речеме, погрешно напишани зборови“ и завршува: „Редовите во Вашиот почитуван весник ме спречуваат да ги изнесам сите педагошки гревови што ги направил А. М. Битраков при составувањето на букварот“.

АвторСлавчо Ковилоски
2021-11-15T19:15:53+00:00 ноември 1st, 2021|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 140|