Над бездната на животот
… Инаку, повеќе нешта ја прават дуодрамата „Двајца во Еден“ занимлива и привлечна за гледачот. Прво, што таа е пишувана доста вешто, со убаво чуствување на функцијата на зборот; второ, што се презентирани целовити карактери; трето, што авторот во драмата ни предлага мошне колоритна дијалошка структура, што едновремено значи и добро водење на дијалогот; четврто, што Томислав Османли успева да се ослободи од сладникавоста на фабулизирањето и од извесен шематизам во обликувањето на ликовите што е секако резултат на познавањето на необичните фини елементи на драматуршката техника.
Еден од најевидентните квалитети на овој драмски текст е авторовото дискретно оперирање со поетските метафори, асоцијации, лирски исповеди, во предавањето на осаменоста и барањето смисла во бесмислата, обликувајќи го и обвиткувајќи го текстот со една превосходно поетска атмосфера… Со еден збор, се соочивме со дуодрама што е вешто компонирана, со читок драмски ракопис – и што е најважно – со развиен слух за чисти театарски дејства…
(„Нова Македонија“, ЛИК, 25.12.1996)