SEAFair ’11

енергија, биополитика, стратегии на отпорот и културна субверзија

#1

Изложба, Симпозиум, Работилница
Музеј на современата уметност, 01-20 ноември 2011
Куратори: Мелентие Пандиловски, Елена Велјановска, Зоран Петровски
Проектот „SEAFair ’11 – енергија, биополитика, стратегии на отпорот и културна субверзија“ е организиран од страна на Музејот на современата уметност, SEECAN (Мрежа за современа уметност на Југоисточна Европа) и Kontejner, Загреб.

#2 Актуелните настани во областа на биополитиката непосредно се однесуваат на големите општествени промени низ кои поминуваме како општество и поединци. SEAFair 2011 ги контекстуализира уметничките и теориските дискурси кои се развиваат околу биополитиката, со цел повторно оценување на значењето на овој поим денес, како и разгледувањето на можностите за отпор наспроти доминантните меѓународни дискурси преку еманципација и културна субверзија. Уметниците и критичарите ги разгледуваат физичките и биолошките системи кои се во интеракција едни со други и се осврнуваат кон прашањата кои ги вклучуваат различните извори и облици на енергија (природни и вештачки), ентропија; причините за, и последиците од, глобалните промени во животната средина; одржувањето на животната средина; макро и микро екологијата, изборот на материјалите за гориво; алтернативните извори на енергија; нуклеарната енергија; актуелните теми во апликациите на микробиологијата во биотехнологијата; и генетски модифицираната храна.
Способноста да се кодира животот во симболи, како и да се биде во можност да се протолкуваат овие симболи, ги менува идеите за тоа што подразбираме како живот.
#4 Денес „кодираниот живот“, поставен во глобалните комуникациски мрежи, секако овозможува атрибуирање на квалитативно различен сет на значења кон животот воопшто, како и кон концептите на управување со животот. Се чини дека поврзаните ИТ со биотехнологиите се способни за промена на суштината на глобалните релации, со пролиферацијата на меѓународните политики за интелектуалната сопственост, како и со постојаниот развој на геномските бази на податоци. Се појавуваат бројни онтолошки прашања во врска со природата на биотехнологијата. Во феноменолошки манир може да заклучиме дека биотехнологијата го структурира општеството, но исто така, дека општеството ја формира биотехнологија. Карактеристиките на овие интерактивни процеси се всадени во општиот modus operandi во однос на стандардните процеси и практики во биотехнологијата, како и во прифатените начини на размислување за биотехнологијата. Хајдегеровиот концепт на Gestell (врамување)#5 денес може да се дешифрира со помош на тројството на Јуџин Такер како „кодирање, рекодирање, декодирање“, кои ги претставуваат примарните активности на биотехнологијата денес, бидејќи ширењето на биолошкото преку информациските мрежи по барање или по потреба, создава нова ситуација за која стануваме свесни преку дигиталната перцепција, како дигитално спакуван производ. „Симултаното значење на биолошкиот материјал како својство и информација, има карактеристики на материјалност и нематеријалност, егзистирајќи како распоредување на животот од тело на тело, од тело на код, и од код на тело“. Такер ја согледува оваа трипартитна поделба и како политичко-економска. „Во извесна смисла, кодирањето е синоним за производство, бидејќи преку процесот на кодирање на биолошкото самата биотек индустрија станува способна да таложи профити (како што се интелектуалната сопственост, комерцијалната база на податоци или софтвер). Рекодирањето станува синоним за дистрибуција (и поим близок на циркулацијата), бидејќи практиките на биоинформатиката, управувањето со базата, и компјутерските мрежи се засновани врз способноста на биолошките информации да бидат нашироко распространети и циркулирани. Конечно, декодирањето е синоним со потрошувачката, барем во медицинска смисла, бидејќи биолошките информации се користат, консумираат, или инкорпорираат во телото во самиот завршен производ или во ре-материјализацијата на биологијата“ (во Глобален геном: Биотехнологијата, политиката и културата).
#6 Истражувањето кое се врши за да се одговори на горенаведените позиции речиси сигурно влијае врз нашето размислување за социјалните и етичките импликации на биотехнолошкиот развој, во поглед на биополитичко опфаќање на различните начини на употреба на биотехнологијата во економијата, владеењето, образованието, културата и уметноста. Развојот на биотехнологијата, нејзината програмибилност, и мноштвото потенцијали за генетски и други манипулации го поседува потенцијалот на менување на општеството до точка на воспоставување на биокапитализмот, па дури и до негова промена во био-општество кое што може потенцијално да ги надмине противречностите на био-капитализмот, а со тоа да го наследи како политички и економски систем.
#7 Генетскиот инженеринг станува предмет на оспорување со текот на развојот на генетските терапии, истражувањето на матичните клетки, клонирањето, и генетски модифицираната храна. Во последните неколку децении станавме посвесни за комплексните структури и процеси кои се вклучени во биотехнологијата, бавејќи се со прашања како што се општествениот и политичкиот контекст околу биотехнологијата; односот меѓу етиката и биотехнологијата (на пример, етичките импликации на генетскиот инженеринг); заднината на научните процеси, нивната суштина, и спектакуларна природа; сложените односи меѓу науката и културата; и политиката на дисциплината на биотехнологијата. Станува многу очигледно дека придвижениот биополитички апарат ќе побарува и користи каков и да е напредок во биотехнологијата.
SEAFair ги поддржува продукцијата и презентацијата на уметничките дела, кои се однесуваат на горенаведените теми.

#8 SEAFair 2011 дополнително овозможува директен пристап до биотехнолошките алатки преку различни DIY ДНК и DIWO техники, бидејќи станува евидентно дека на едно друго рамниште актуелните случувања во биотехнологијата вклучуваат еден сегмент на револуционерна промена со самиот податок дека е овозможен генерален пристап до биотехнолошки алатки преку различни „направи сам комплети“. DIY ДНК работилницата на Ники Сперу претставува таква реалност каде што уметниците се во можност да создаваат вистинска био-тек уметност во рамките на белата музејска кутија.
#9 Всушност, сведоци сме на формирање на одредени DIY и DIWO супкултури, кои се развиваат во рамките на пошироките процеси во генетиката и биотехнологијата. Овие типови на неформална соработка фундаментално ги менуваат бројните социјални односи. ДНК податоците стануваат заедничка појдовна точка за истражување и дискусии. Нови модели на размена се појавуваат преку мрежите, вклучувајќи различни форми на генетски мрежи на потрошувачите. DIY ДНК е ставена на располагање од страна на разни фондации како што се KlaasKids фондацијата и државната калифорниска ДНК лабораторија, кои создадоа „направи-сам ДНК комплети“, со помош на користење на предмети од домаќинството. Други DIY ДНК проекти ги вклучуваат и оние понудени од страна на аптеките кои овозможуваат семејствата да го утврдат татковство на децата без вообичаените прибегнувања кон правниот систем. Интернетот, исто така, се покажува како корисен во поглед на промовирање на проекти за утврдување на потеклото преку ДНК, преку веб сајтови за социјално вмрежување, како што се 23andMe, како и преку професионални сајтови за понапредно ДНК истражување, како што се: GenBank; BLAST.

#10

Изложба

Групната изложба SEAFair ’11 – енергија, биополитика, стратегии на отпорот и културна субверзија ги претставува приказните на уметниците преку различни пристапи и рефлексии во врска со односите на моќта (биополитичките конфликти во реални и виртуелни светови ги вклучуваат владите, невладините организации и корпорации), контрола на енергијата, изборот на материјали за гориво; алтернативни извори на енергија; нуклеарната енергија; контролата на биолошкото, наследството и програмибилноста на животот; ентропијата; причините и последиците од глобалната промена на животната средина; одржувањето на животната средина; макро и микро екологијата; актуелните теми во апликациите за микробиологијата во биотехнологијата; димензиите на живата материја; односот кон живот, генетски модифицираната храна, смртта и појавноста.

#11

Симпозиум

SEAFair ’11 – енергија, биополитика, стратегии на отпорот и културна субверзија исто така вклучува еднодневен симпозиум кој ги обединува уметниците, критичарите и теоретичарите кои учествуваат во проектот, заедно со сите други кои се вклучени во дискурсите на соработките помеѓу уметностите и науките. Симпозиумот нуди можност на учесниците и публиката да ги разгледаат промените на биополитичкиот и културниот план, каде што зголемениот глобализиран пазар генерира нова форма на биополитика со помош на усовршени процеси на биоекономската конкуренција. Учесниците во симпозиумот ќе ги презентираат своите најнови истражувања околу овие широки и недоволно испитани области како што се: методите и начините на навлегувањето на биотехнологијата во аспекти на секојдневниот живот; економската и политичката амбиција и борбата на владите со домашни и меѓународни политички структури, со цел да се постигне успешна глобална доминација; етичката телација кон вештачкиот живот; бескрајните ограничувања и можности за уметниците и научниците да соработуваат, а сепак да не се разберат едни со други.

#3

Презентација на каталогот „SEAFair 2010 – Апарат на животот и смртта“

Објавенa од страна на Центарот за визуелни и културни истражувања при Институтот Евро-Балкан во октомври 2011 година. „SEAFAir 2010 – Апарат на животот и смртта“ е сеопфатна компилација на теории и практики околу прашања на биополитиката, биотехнологијата и уметноста. Главната цел на книгата е да се презентираат на широката читателска публика, како и специјалистичката публика, импликациите на интеракцијата на биополитиката со биотехнологијата, како и широкиот спектар на уметнички и културни одговори на современите, технолошки управувани, биополитички доктрини. Книгата е одраз на тековните културни, етички, технолошки и политички прашања кои се воведоа со појавувањето на биотехнологијата и генетскиот инженеринг.

2018-08-21T17:20:58+00:00 декември 29th, 2011|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 80-81|