Стариот што барал зефирна душа и што можеби ќе ја најде

/, Литература, Блесок бр. 85/Стариот што барал зефирна душа и што можеби ќе ја најде

Стариот што барал зефирна душа и што можеби ќе ја најде

Според A Clean Well-Lighted Place на Хемингвеј

„Знаеш ли – преку цело време оваа мисла не ми излегува од глава и многу ми беше мачно, ако тие ја изгребале твојата зефирна душа.“ Вапцаров

Еден старец, секоја вечер, си идел пешки од кај што си живеел во центарот на Скопје зад Ристиќева, го поминувал плоштадот Македонија па преку Камениот мост откако ќе поодел малку по рамно, по скаличките се искачувал до пивницата што си била горе на ширинката одма под калето карши свети Спас. Кога велам старец мислам на вистински старец, човек што барем осумдесет има начукано во газот и е дојден на прагот од кој се стапнува пред господа а не на маж што неизделканите новинари го претставуваат како старец а нема ни шеесет штом го згазнат лудаците што возат како џадињата да се празни и само за нивните одлепености направени. Штом ќе се искачел и ќе си седнел на масата под лисјата од јаворот што го заштитувале од раскошната светлина што идела од канделаброт тука близу до чешмата, старецот одма си порачувал пијачка, а најарна пијачка во пивница што може друго да биде ако не пиво со тоа што тој секогаш барал црно во кригла. Сакал старецот да си останува до доцна, до фајронт што се вели оти убаво му било овде од мерата надвор нарочно ноќе кога младите, коишто овде иделе главно дење и правеле голем беузур, бегале од другата страна на реката и се пикале по кафулињата и пабовите покрај Вардарот или на улицата Македонија кај куќата на мајка Тереза или по клубовите низ паркот.
Малку бил наглув што му било добредојено затоа што можел да се вовлекува во себе и да си ги следи мислите што му иделе а главно биле врзани за живеачката негова сегашна, минатото негово поранешно, за одењето негово идно од светот. Многу сакал баш во таа пивница да си седи и мозга оти била светла и оти била чиста а тој, колку да му бил животот мрачен и валкан, најмногу од сè на светот бендисувал и ценел светлина и чистота. А може имало и нешто друго! И во ноќта за која овде зборувам, сите муштерии, освен стариот, се разбира, негде кај полноќ, лека полека си ги платиле цеховите, си се собрале и клатејќи се од многуто пиво пикнато во мевовите, како вавилонски батакчии, си се раштркале или низ полутемните улички надолу кон Бит-пазар и кон центарот или лево кон мостот Гоце Делчев па покрај Владата по Илинденска до Дебар маало и натаму Карпош, Влае и Ѓорче или десно по угорничката што водела право до Американската амбасада а оттаму пак десно преку џадето до Топаана или малку потаму, по минувањето на кривините, низ Џон Кенеди до Чаир. Двајцата кенлери знаеле оти стариот веќе го имало потфатено пивото, но исто знаеле оти бил добар муштерија, единствено пазеле да не ја претера па да се направи камен оти тогаш кога ќе му дојдело време за одење, заборавал да плати. Затоа гледале право во него како да ги имала маѓепсано како еднаш Одисеј Кирка или лично најголемиот битолски вештер Светецот.
„Пред некој ден пробал да се отепа,“ му рекол едниот кенлер на другиот.
„Што го бодело?“
„Пак фатила да го мачи!“
„Што?“
„Рачка за решо, да т’ибам! Празнината, празнината! Шуплоста што го вика човекот кога ќе остаре и кога ќе дојде гробу на врата!“
„Од каде знаеш пак ти оти е празнината, да т’ибам?“
„Ами не лежи на пари, да му се таквам? Ако човек како што викаат браќата од север ,има лова до крова а кров висок‘ што може да го мачи ако не ова за кое ти зборувам, а?“
Седеле двајцата на масата што била залепена за ѕидот одма до шанкот и гледале во ширинката кај што, како што ви реков, повеќе никој немало, само стариот си дремел така под јаворовите лисја што се нишкале на благото ветре што идело долу од Вардарот. По улицата под калето поминале фатени ангаже една девојка и еден војник. На светлоста од бандерата му се виделе капата и црвените ширити на рамото, две биле едно до едно, значи десетар бил а девојката одела гологлава покрај него и сè туку поттрчнувала да му го фати чекорот.
„Ќе го собере воената полиција, маме ќе му расплаче!“ рекол едниот кенлер.
„Баш го боли, ако си го омрси мачорот!“
„Поарно по крајот да оди а не среде улица, да му се таквам! Ќе го фатат, пуздер ќе го сторат! Едни катиљи што се, страв да те фати! Прееска ги видов поминаа!“
Стариот како тогаш да се разбудил од некој длабок сон, тропнал на дрвената маса со празната кригла. Помладиот кенлер отишол да види што сака.
„Што е? Што тропаш?“ му рекол наврекнато.
Стариот го погледнал право в очи. „Уште една!“ му рекол.
„Ќе се начукаш, кој ќе ти ги гледа после гревовите!“ му рекол. Стариот и натаму го гледал право в очи. Кенлерот се вратил кај шанкот.
„Ќе нè умре овој! Како што ми се гледа, не станува до сабајле!“ му рекол на другиот кенлер, „ми се спие ми се корне. Кога еднаш ќе си легнам пред да осуни, да му’ибам! Што не се отепа кога веќе се отепувал, да му се таквам во килавото отепување, да му се таквам!“
Сепак зел нова кригла помладиот кенлер, ја наточил од буренцето и му ја однел на стариот.
„Убаво ќе беше да се отепаше, да т’ибам!“ му рекол кенлерот на наглувиот и сакал да ги собере празните четири кригли што стоеле наредени како војничиња пред стариот.
„Остави!“ му рекол стариот и му ја фатил цврсто раката и пак му се загледал право в очи.
Кенлерот се вратил назад на масата до ѕидот и пак седнал до колегата.
„Готов е!“ му рекол, „понапиен не може да биде!“
„Да не беше поарен сношти?“ му рекол другиот, „барем ми е ќеиф што пие на метро!“
„А стварно оти сакал да се отепа?“
„Од кај да знам, не сум му в кожа!“
„А со што сакал да се отепа?
„Со јаже.“
„И кој го спасил?“
„Жената што му чисти. Се вратила оти имала нешто заборавено и го нашла како виси со потечени јајца, да т’ибам! Зела ножици и го пресекла јажето!“
„Што им доаѓа така на луѓето, да му’ибам, што ги тера да се резилат и да прават глупости?“
„Ти реков прееска – празнината, таа ги тера, никој друг!“
„Што не си оди дома, нема некој да го собере и да го пикне в кревет?“
„Курт има,“ му рекол постариот кенлер и се подзамислил, „сите што не му скинале конци пред триесет и кусур години, испоцркале пред месец дена како договорени во една недела: брат му, снаата, сестрата, внуката една што ја имал. Сè, имотот, куќата, становите му останале нему ама гледаш, го боли него за тоа, сака да се отепа!“
„Само сакам да си оди! Ако тој нема никого, јас имам. Жена ми ме чека дома в кревет!“
„И тој некогаш имал жена,“ му рекол постариот кенлер на помладиот.
„Имал ама сега и да ја има сигурно заборавил што треба да и прави!
„Од каде знаеш,“ му рекол постариот, „може баш жена му треба!“
„Неќам до толку да остарам, да т’ибам!“ му рекол помладиот, „некако старите ми се гнасни! Види го само овој! И уште пие, да му се таквам во пиењето негово, да му се таквам!“
„Овој не е гнасен!“ му рекол постариот, „види колку е чист! Пие без да искапе на чаршаф дури и вака труп пијан! Убаво види го!“
„Неќам да го гледам, само сакам да си оди дома. Што се сврте векот, да му’ибам, ич да се немало обзир за нас што работиме и што утре нов ден нè чека?“
Стариот само ја кренал празната кригла колку што можел повеќе што било знак за кенлерот да му донесе друга, полна. Кенлерот што му се брзало му се истопорил пред маса и фатил да му мавта со рацете пред нос и да му зборува стегнато, збиено, отсечно како што прават приглупите кога зборуваат со пијаници или странци, „Не повеќе. Финито. Фајронт!“
„Уште една!“ навалувал стариот ама кенлерот нејќел ни да чуе. „Толку. Затворено!“ И фатил да ја брише масата со крпата што ја носел преку рамо и да ниша со главата.
Стариот полека станал, една по една ги избројал празните кригли, го извадил паричникот од џебот, му платил за пијачките и му оставил дебел бакшиш. После кенлерот го гледал како заминува по уличката надолу кон Камен мост, со шеширот на глава, исправен како сукало да голтнал: доодено старче што се клатело како да фатил земјотрес ама полно достоинство, да му ’ибиш!
„Што не го остави да си седи и да си пие?“ му рекол кенлерот што не се брзал. Ги раскревале масите а ноќта уште била назад. „Нема ни два, да т’ибам, а никогаш не затвораме пред три!“
„Сакам дома!“ му рекол тој што се брзал.
„Саат повеќе помалку, не прави разлика!“
„Може него не му прави ама мене ми прави!“ му рекол помладиот.
„Не ќе да е баш така!“ му рекол постариот.
„Добро де, не е,“ се сложил кенлерот со жена. Нејќел да греши душа, само му се брзало дома.
„А тебе не ти е страв да одиш дома саат порано? Што ако жена ти е со друг, а?“
„Ме заебаваш?“ му рекол помладиот.
„Не те заебавам!“ му рекол постариот, „само така ми текна да речам колку да се најдам на муабет! Не ме клавај толку на маслат, да му’ибам!“
„Ајде затворај!“ му рекол кенлерот со жена, „и не кини зелени! Преку такво’то ми е од тресење глупости!“
„Не се лути,“ му рекол постариот кенлер без жена, „јас сум од оние што сакаат да си седат в кафеана до сабајле! Со сите што не можат да спијат, што им треба светлина за да ја поминат ноќта!“
„А јас сум од оние што сакам ова време да си сум дома, со жена ми, со неа и ноќе ми е светло!“
„Различни сме!“ му рекол постариот. „Мене, на пример, секоја вечер кога ја затвораме пивницата, ептен ми е шубе и ме јаде јанѕа. Си велам, што ако баш сега кога затвораме на некого му притреба да е отворена?“
„Абе ти, улав да не си?“ му рекол кенлерот со жена. „Знаеш колку биртии работат до сабајле низ Скопјето или не знаеш?“
„Не разбираш, брат. Не е работата да одиш по биртии туку да си седиш овде карши свети Спас каде што е добро осветлено и чисто и лисјата од јаворот си танцуваат на ветрот!“
„Ебати поетот, ебати!“ му рекол кенлерот што му се брзало и уште му дорекол „Одиме!“ пред да се изгуби по улицата десно кон Чаир каде што живеел.
„Одиме!“ рекол постариот кенлер и го угаснал светлото. И кога тргнал лево кон мостот Гоце Делчев, наеднашка му текнало на стариот што така без врска го истерале од пивницата. „Стар е, стварно,“ си зборувал сам со себе, „ама знае што бара: чистота и светлина. И не е гнасен, туку пие без да истура и оди со достоинство ако се клати!“ Поодел уште троа и од кога се нашол пред биртиите покрај Вардар и од кога видел еден куп тела како се тискаат и се гмечат и се такваат пред шанковите, пак си рекол: „Види ги копиљаците, што знаат тие што е празнина, да т’ибам! Дури не го сетат плачот на празнината, шумот на шуплината што вика, ќе бидат само полни, нагнетени со похота тела што до ниедновреме џабе си такваат матер! А човекот, правиот човек ти е празнина, како и космосот што е празнина, како и господ, да т’ибам!“
„Што пиеш?“ му рекол човекот што му никнал наеднашка од зад шанкот од биртијата пред која несвесно застанал.
„Дај една празна!“ му рекол кенлерот што не му се спиело.
„Да не ти се отшрафија шрафовите?“ му рекол шанкерот.
„Море дај дупла празна, да т’ибам!’ му рекол кенлерот што никаде не брзал.
„Не ти треба тебе пијачка, туку доктор!“ му рекол шанкерот и му ги свртел плеќите.
Одел уште кенлерот низ градот, од биртија до биртија одел, сигурно и карши куќата на Мајка Тереза запрел, а може и во паркот, кој знае, оти секаде ист курт му било, сите биртии во Скопје а и во светот во три по полноќ личат како јајце на јајце, како да се ист курт прекопиран преку индиго преполни млад, кој знае од што надркан свет што безмилосно и бесцелно си ги арчи неосознаените тела.
„На сите нешто им фали,“ си рекол кога тргнал назад накај калето и ширинката карши свети Спас каде што била неговата пивница, „Ако се осветлени, не се чисти, ако се чисти, светлото не им е арно. Никаде го нема тој спој што го има кај нас! А кога има спој се влегува во празното, шуплото, се сеќава таа близина на господ!“
Се искачил горе под калето, дошол до пивницата, влегол, го запалил светлото, си наточил кригла црно и си седнал на истата маса на која до пред два-три часа си седел стариот под јаворовите лисја што си играле на ветрот што идел долу од Вардарот, и си пиел на метро.
„Празнина!“ фатил да си зборува, „убава, преубава празнина, Празнино наша иже јеси на небесех, да сватитсја имја Твоја празнина, да приидет, Празнино, Царствие Твое, да будет, Празнино, волја Твоја, јако на небеси и на земли, хлјаб наш насушчниј дажд нам днес, и остави нам долги наши, јакоже и ми оставлјаем должником нашим, и не введи нас, Празнино, во искушение, но избави нас од лукавога. Јако Твое јаст царство…“ Вака си зборувал, ја кажувал молитвата, таму седнат карши свети Спас, малку како на старински ја кажувал, малку како избуричкано, со малку менати зборови, како да не бил од овој свет, да му’ибиш, како да бил некој дув, можеби светлата и чиста душа што стариот кој знае како ја надушил оти пребива баш на ова чисто, светло место па затоа секоја ноќ упорно идел и чекал да му се јави за после, можеби во некоја ваква ветровита ноќ, бргу да се растовари од непослушното и непотребно тело, да се мушне во празнината и да си се раскомоти таму од каде што пред многу години, не по своја волја, и дошол!

2018-08-21T17:20:53+00:00 септември 2nd, 2012|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 85|