Последната прозорска жирафа

/, Литература, Блесок бр. 18/Последната прозорска жирафа

Последната прозорска жирафа

Будимпешта продолжува да ги живее своите дупки. Новите потреби на градот создаваат нови дупки, празни парцели изникнуваат од никаде, се создаваат дупки доволно големи да бидат ставени на карта, а деловните згради се туркаат на нивно место. Мафијата создава дупки со различна големина во телото на градот. Атмосферата на дупките е променета. Дупките од деведесеттите се нумерирани. Едвам се завршени пред да бидат исполнети. Каде се деветте милиметри коишто го издржаа испитот на времето, 23-те милиметри коишто влеваа почит, бучните 38-ки, семоќните 85-ки? Дупките на дамнината?

Мојот трновит пат до сексуалната зрелост беше поплочен со смртта на комунистичките диктатори. Моето прво сексуално искуство се поклопи со смртта на Мао Це Тунг. Ме претепа една Дијана во градинка. Гласот ми мутираше кога умре Тито, а првпат свршив кога му сврши на Брежњев. Цели три дена на радио свиреше само класика, за што јас мислев дека е претерување, некои училишта дури и не држеа настава. Потоа, еден долг период, ништо немаше. Како експеримент, отидов со една девојка в кино, но филмот беше толку добар, а имав и грчеви во раката. Настаните се забрзаа во средно школо. Поминаа само неколку месеци помеѓу првиот бакнеж и првото френетично дркање. По Андропов, и Черненко се одјави. По неколку недели, му дојде ред на Енвер, но за тоа сепак не би зборувал. Првпат чув за точката Г кога го погубија Чаушеску. Ким Ил Сунг донесе нова светлина на моите раширени хоризонти, но, за среќа, обвиненијата беа повлечени. Фидел. Донесете ми го копјето мое, о облаци немилувани.

Во основно училиште нè учеа да ги пишуваме буквите од абецедата едни крај други. Зборовите беа во книгата, како решенија, сè што требаше да сториме беше да ги прочитаме. Речникот ги имаше сите зборови што можат да се изговорат. Тој му припаѓаше на светот на возрасните, но можев да почувствувам дека на некој начин тој е над нив, речникот имаше надчовечки моќи. Што и да сте рекле, ако не е во книга – нема значење. Само кога е запишано.

Речникот става такви зборови едни крај други, што во вистинскиот живот никогаш нема да ги сретнете заедно. Речникот е место за собир којшто случајот го издига на ниво на закон, како имињата во класен регистер. Класниот регистер е исто така речник, каде што тие го чуваат моето досие, таму го запишуваат моето име, датумот и местото на раѓање, името на татко ми и неговото занимање. Тие знаат дека моите родители се електро-инжинери, а јас сум син на електро-инжинери, што значи дека јас веројатно знам нешто за електриката. Во класерот немаше писатели; тоа ќе ги усложнеше нештата. Азбуката, како висинската линија во највисоката класа, беше непобедлива. Во секој момент, таа стои надвор од времето како што ние го поимаме. Чиј е редот денеска? Во времето на моето раѓање, јас веќе сум бил збор.

Во речникот, секој збор е скапоцен, одвоени, зборовите се бескорисни, но заедно создаваат смисла, како класен регистер. Токму солидарноста на зборовите го создава јазикот, како солидарноста во класата, може да е сечиј ред, и секој ден почнува со исчитување на нашите имиња.

Тоа доба, кога невини и слепи, го трасиравме патот кон подобра иднина во име на интернационалните проблесоци, како мојата последна Хавана пред диското Чилеберк, чекајќи ги моите другарки Југословенки. Една по една, нашите другарки бавно танцуваа со нас, нивните јазици ослободени пред странското опкружување. Ноќта низ отворен прозорец влеговме во осмата барака а избегавме низ затворен, кога Иван помисли дека сме откриени. Одморот заврши и праќавме писма во странство, надевајќи се дека еден ден нашите сестрински сили ќе нè посетат, и ќе можеме заедно да ги слушаме ABBA и BONEY M. Во тоа време, патникот знаеше што да очекува на розовата половина од мапата, бидејќи мировните кампови беа насекаде обединети, се приклучувавме кон иста Партија и живеевме во исти куќи каде што не се плашевме од истиот голем лош волк. Во продавниците кон сите се однесуваа на ист начин, и ве послужуваа со иста супа во исти алуминиумски садови. И, покрај нивните очигледни разлики, хамбургерите, неизговорливите zmrzlna, сендвичите од Александар Плац, романското виски и конзервираните албански маслинки имаа нешто заедничко. Сите го содржеа она исто нешто коешто всушност не беше нивно, нешто што несомнено беше од некој друг свет, којшто, без разлика колку го џвакавме, во нашите усти секогаш се стврднуваше во една грутка.

Буквата О е совршен круг поставен во средината на унгарската абецеда, и секоја негова точка е подеднакво оддалечена од центарот. Според тоа, центарот на буквата О може да се смета за центар на унгарскиот јазик.

Мојата учителка по руски вели дека никогаш нема да ја разберам словенската култура ако не ја прочитам Војна и мир во оригинал. Таа ја читала додека се возела со Транс-сибирскиот експрес, во двата правци. Јас би ја читал Злостор и казна; така ќе треба да патувам само до Москва и назад. Можеби ќе биде доволно да го обработам само злосторот и на враќање да летам со Аерофлот. Уште еден прекрасен збор, како колонска вода рециклирана од отровен гас. Јазикот беше дел од маскарадата. Се преправавме дека знаеме руски. Нее! Четириесет и пет минути слушав на руски, кимав со главата на руски, воздивнував на руски, и ја чував Војна и мир крај мене, на школската клупа.

Немав поим дека познавањето на друг јазик може да биде корисно. Знаењето беше услов за раст, тоа беше нешто вредно само по себе. Ако сакаш да растеш, сработи си ја домашната. Научивме руски зашто рускиот е прекрасен јазик – не дека унгарскиот не е, исто така, крајно привлечен, се разбира. Во тоа време, само учителките по руски можеа да зборуваат руски – жени со боени коси, средовечни, милитантно етничко малцинство со племенски ритуали, опседнати од прозивки. Тоа беше прашање на опстанок, пребројување на главите пред секоја мисија. Никогаш немам видено руски војник, освен на филм, па дури и тогаш беше надсинхронизиран на унгарски. Првпат кога видов руски војник во живо беше кога се повлекуваа од Унгарија. Студената војна заврши, а со тоа заврши и мирот. Веќе немаше потреба да се умира за мир, а Русите ја распродадоа нивната опрема за ситна пара. Мојот пријател сакаше да купи падобран. Јас му бев преведувач.

Падобран jesty, имаат ли падобрани, но се загрцнав и потклекнав на ty. Боже мили, руското ис и јенкиевското yes прават созвучје! Сепак се исплати учењето. Јенкиевското go home или пашли дамој, сè е тоа едно исто, окупацијата е само линија на мапата, акцент, сврзник. Не тенковите, не осумте одделенија, не мечокот Миша, туку потписот во мојата лична карта. Наредникот одговори на унгарски, две вотки, рече, и крена два прста, бидејќи беа двајца. Ме праша како ми е на училиште. Не ми се допадна неговата блискост и промемолив нуу-нуу, онака како што имав видено во Тихиот Дон… Тој рече дека и тој има син, Сергеј, и знае дека ни нам не ни е лесно, а што би рекле за еден Калашников? Или, еден пиштол? Вака мора да се чувствувал Били Бантер во слаткарница. Би го фрлил лимениот барабан како подарок, и ајде да пиеме за старите добри времиња, старите добри времиња во коишто јас не сум бил ни роден а нашите татковци весело се колеле. Би требало да пијам во тоа име со непријателскиот војник којшто со мене зборува на мојот јазик. Ege segedre, вели, неговото наздаровје виси тука некаде. Egészségedre, ege segedre: во твое здравје, во твој газ, слично е. Сергеј исто така се вика Сергеј, како неговиот син, но може да го викаме Серјожа. Тој ми го подава шишето и совршено го рецитира Петофи. Унгарија е поезија, вели тој. Му велам дека група унграски научници го идентификувале костурот на Шандор Петофи во Баргузинскиот гроб, но се испоставило дека тоа е жена. Тој вели дека не е изненаден. Русија е голема земја. Но, не е нападен, au contraire, се труди да биде пријатен. Не би сакал да оди дома, вели. Му се допаѓа овде, ги сака Унгарците, особено Унгарките. И ми намигнува, како јас да треба да знам за што зборува. И јас му намигнувам како Павловски, бидејќи знам дека така се прави кога се зборува за жени. Веќе не би му додевале, но тој не моли да останеме, сè уште зборува унгарски, се разбира. Подобро ќе биде да се повлечеме претпазливо, можеби овој и не зборува руски. Некојси двоен агент. Заминуваме, мавтајќи. Кога стигнавме до вратата, тој вика по нас: да не сакате многу евтини рачни бомби?

Од англискиот превод на Џудит Сонбенд, превел Игор Исаковски

АвторПитер Зилахи
2018-08-21T17:21:59+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 18|