Хуманизам, благородност, доблести… филм?

/, Литература, Блесок бр. 15/Хуманизам, благородност, доблести… филм?

Хуманизам, благородност, доблести… филм?

Многу помина, повеќе од еден цел век помина од почетоците на филмот до денес. Филмот, за тој свој животен ВЕК (и кусур) се претвори во многу нешто… Можеби, најнепобитен е фактот дека филмот израсна во еден од најсилните и најдоминантните медиуми во меѓучовечката комуникација, и без сомневање, во еден од најприсутните моменти на денешното човечко живеење. И, можеби досега е зборувано дури и премногу за тоа, и можеби имало и отповеќе дискусии околу тоа што е, или што треба да биде филмот; која е, или која треба да биде неговата улога во човечкиот живот и во општеството општо; можеби. Но, она што ни се случува секојдневно, и тоа толку интензивно и континуирано, бездруго – не само што треба исто толку постојано и интензивно да се следи и обмислува, туку тоа мора да се прави… Без прекин, и без намалување на нашата свесност и будност во тој процес.
Гледано од некаква техничка или формална страна, филмот израсна во еден од медиумите со најголема сугестивна моќ: неговата мултикодна природа (слика, звук и вербалност) од една страна, и високо развиените технолошки можности од друга, му даваат неверојатно силни можности за делување врз рецепиентот, и за приближување на пораката што ја носи до истиот. Дистанцата меѓу медиумот и рецепиентот е веќе одамна прекршена, и станува сè помала и помала. Сугестивните моќи на филмот веќе одамна не се тајна, но нивните размери веќе постигнуваат една точка која – можеби во четириесеттите и педесеттите години од овој век беа чиста научна фантастика. Значи, гледано од таа техничко-формална страна, филмот поседува една таква моќ на пренесување на комуникациската порака, што, на пример, секој уметник, од која било област – ќе е пресреќен ако неговото творештво поседува барем мал дел од неа.
Но, кога станува збор за значенската, семантичка страна на филмот, односно што е тоа што тој на реципиентот му го носи запакувано во таквата атрактивна амбалажа, сликата не е толку убава и привлечна. Моќта за делување, менување, дури и за целосно редефинирање на човечкото мислење, односно за комплетно формирање на јавното мислење – што ја има филмот, за жал, најповеќе се користи за моделирање на свеста на човештвото во насоки, најблаго речено – дискутабилни. Застрашувачка е моќта на овој медиум и во ре-креирањето на човечките желби и потреби, исто така. Денес, речиси на цел свет му е јасно кој е во најголема мерка заслужен за падот на источните комунистички режими: тоа не е ЦИА, МИ-5, МОСАД или некои слични организации, туку токму Холивуд, што, заедно со подновените „хај-тек“ медиуми како што е телевизијата, го претставуваат Орвеловиот вистински Голем Брат, од кој што токму Западот толку многу се плашеше. Е, сега нема да заминеме во параноидните теории за Големата Завера и за Новиот Светски Поредок, не. Само го констатираме размерот на моќите на овој медиум. А што се однесува до параноидноста, токму таа филмска традиција и инсистира на теоријата дека: колку повеќе си параноиден, толку си поблиску до вистината. Но, да го оставиме тоа настрана и да се вратиме повторно на односот форма VS значење во филмот…
На пример, да го земеме филмот Боречки клуб (Fight Club) на Финчер како пример на еден технолошки, и дури и уметнички – супериорно направен филм и да видиме што тој како значење ни нуди, и што ни носи како порака… За овој филм може да се каже дека е на врвот на високо-технолошката продукција, гледано и од структурната, и од формално-технолошката страна на неговата изработка. Филм на којшто – од таа гледна точка – едноставно нема што да му се замери, и филм на кого човек може само да му се воодушевува. Боречки клуб е екстремен пример за сугестивната моќ на филмскиот медиум, егземплар колку филмот како медиум може силно да „допре“ и „растревожи“. Тоа се должи и на ингениозно смислената приказна, но во основа, тајната лежи во режисерската постапка на изместени ракурси и на интензивен “suspense“, првенствено базиран на силна динамика на кадрите, и на крајно кусите (вметнати) кадри од по неколку фотограми (frame-ови), коишто човечкото око може да ги регистрира, но човечкиот ум може да ги процесира само потсвесно, но не и свесно. Она што може да се види најчесто е мал блесок, или мал, мигновен прекин во кадарот, премногу ситен за да се регистрира од страна на реципиентот како нешто битно во филмот. Што, поточно, тоа значи? Тоа, во основа, значи дека ние сме виделе, но не знаеме (не сме свесни) дека сме виделе. Свеста не ги обработува тие податоци, туку едноставно реагираме потсвесно – значи, во основа емотивно, на тие слики… Со таквата постапка, режисерот слободно може да манипулира со вашите чувства по своја (а не ваша) желба. И, додека од една страна овој филм ни дава еден возбудлив трилер што лоцира вистински проблеми во западниот начин на живеење, од друга страна ни дава едно најприземно и најпримитивно квази-решение во расплетот. Тоа е добро затскриено зад психолошки одличната мотивираност на постапките на ликовите, маестрално воденото дејствие и одличната актерска игра. И, на крај, кога – a posteriori – се размислува за филмот, тешко може да се објасни силината на емоциите што реципиентот ги доживеал за време на гледањето на филмот, бидејќи тој – во основа – не дава доволно значенски материјал за здраворазумската промисла на филмот да го оправда интензитетот на доживеаното. Тука стои и разочарувачкиот расчекор помеѓу извонредните технолошко-формални вредности на филмот, наспроти силната негатива на неговата семантика. Бидејќи, во основа, филмот нуди една псевдо-критика на западниот начин на живот, исто како и што дава квази-решение за подобрување на истиот. Она што стои како позитива во семантиката на филмот, е само лоцирањето на проблемот и предупредувањето што сè може да се изроди од него… Таков вид на предупредување стои и во научно-фантастичниот филм Матрикс (Мatrix), исто така, технолошки и формално, извонреден филм. Бидејќи, ако ги отстраниме вонземјаните како научно-фантастичен елемент, ќе добиеме една метафора за виртуелноста на нашето живеење и за потребата од будење, односно за илузијата на вредностите и критериумите спрема кои што живееме, и потребата да се разбудиме од наметнатиот сон за нашите вистински желби и потреби1F.
Значи, понекогаш и по некое предупредување од ваков вид (дали случајно, или како некој вид на закана?), ќе пронајдеме во светската кинематографија. Но, тоа најчесто е и максимумот што ќе го добиете од про-западната, а посебно од американската кинематографија (секоја чест на неверојатно ретките исклучоци). Ништо повеќе. Само празна, иако атрактивна – амбалажа.
А она нешто над што овој текст сака да се замисли, на крајот на краиштата, е прашањето: дали се сеќавате кога последен пат сте гледале филм по кој што сте се почувствувале навистина облагородени, со гради полни со благородни чувства, и со убеденост дека по гледањето на филмот – едноставно – сте подобра личност? Кога последен пат сте се почувствувале почовечен по гледањето на некој филм? Сигурно одамна…
Можеби кога го гледавте Сибирскиот бербер (The Barber Of Siberia) на Михалков? Кога овој филм нè потсети што се вистински човечки вредности, што е љубов, добрина, хуманост, пријателство… И ако не целиот, еден добар дел од филмот зборува токму за тоа: чест, достоинство, човечки вредности. И не е случајно што двата лика кои сирово отскокнуваа од таа слика – беа токму Американци. Во овој филм многу добро може да се насети вистинската штета што западниот начин на мислење му ја нанесе на човечкиот дух и на вистинските хумани вредности. Михалков на многу суптилен начин ја прави таа дистинкција видлива. И иако можеби – сижејно и технолошки – не толку впечатлив (со исклучок на прекрасната фотографија и одличната актерска игра на дел од актерите), овој филм со својата семантика е во длабока позитива, далеку пред претходно споменатите филмови.
И, за крај, не смееме да го пропуштиме филмот Животот е прекрасен (La Dolce Vita) на Бенињи, филм што е можеби и единствениот вистински хуман филм со вистинска доблесна порака што сме го виделе за ова долго време на холивудското владеење (да не речеме тиранија) во светската кинематографија. Нема многу да зборуваме за овој филм, бидејќи нема сомневање дека тој допре до срцето и духот на секој човек, бидејќи ги носи вистинските хуманистички вредносни критериуми во себе… Само ќе истакнеме дека овој филм стои како исправен доказ дека холивудскиот изговор – дека комерцијалноста на филмот го бара токму оној вид на филмови какви што Холивуд произведува – не стои. Бидејќи и овој филм, што е сушта спротивност на холивудската продукција, излезе високо-комерцијален продукт што стои рамо до рамо со најголемиот број филмови коишто ни носат само празна убавина – убаво украсен пакет во којшто или ништо нема, или пак она што го има, подобро да го нема.
Секој сака да му се воодушевува на нешто убаво. Тоа е добро. Убавината е добра. Еве, му се воодушевуваме и на тигарот – на неговата убавина, на неговата совршеност, на неговата моќ. Но, кога му се воодушевуваме, му се воодушевуваме преку решетките или преку непробивниот плексиглас на оградите во зоолошките градини, а не го носиме дома; инаку, можеме да му станеме вечера. Затоа, кога му се воодушевувате на некој филм, воодушевувајте му се со потребната дистанца; инаку, можеме да станеме недостојни да се наречеме – хумани.

#b

1. Треба ли да се потсетуваме на директната порака на Карпентеровиот, иако доста постар филм – Тие живеат (They Live)?

2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 15|