Те сакам, слатко суштество

/, Литература, Блесок бр. 22/Те сакам, слатко суштество

Те сакам, слатко суштество

Младите кои се сакаат и посакуваат треба да го прифатат сложениот ритуал на запознавање, забавување и, најважно, вработување. Имено, цивилизацијата така ја обезбедува (подмладува) работната сила за создавање на вишокот на вредност од каде што работодавецот ја исплатува дневницата на трудот за издржување на конечно стекнатото семејство. И тој социјално-економски код се вчитува како дополнителен репресивен фактор во биолошките (еволуциските) параметри за мутирање на доминантните и најквалитетните (денес идеолошки) гени во човечкиот род. Последицата е тоа што во април 2001 година најсексапилни луѓе се корумпираните припадници на политичкиот и економскиот џет-сет и за нивна забава фаворизираните пејачи, глумци и манекени (high-life). Не како во Стара Грција или Индија: научници, философи, мудреци и кралеви супериорни по духот, моралот – никако по незаситната грабливост.
Кои се Вашите улоги, читателе? Која игра ја играте на маргините на ординарната социјална сцена: маж, астронаут, момче, калуѓерка, младич, стјуардеса, уметник, девојка, полицаец, мајка, генерал, жена, режисер, љубовница, гробар, сестра, секретарка, лекар, наставничка, итн.? Дали сте ја изгубиле изворната претстава за себеси после употребата на такви стандардизирани модели? Дали сме поскоро луѓе одошто припадници на нации и култури? Хрвати, Срби и Бошњаци поскоро одошто дебели, ограбени, настинати, невработеани, ќелави, со мозолчиња и лошо облечени. Далеку од Советот на Европа. Дали сме поскоро луѓе одошто женки и мажјаци? Зар „сировите страсти“ (Michael Douglas & Sharon Stone) се вистинскиот пат на еротиката и борбата помѓу партнерите во кревет – наместо поттикот и разбирањето? Без милост во горделивото срце љубовните Цигани перманентно „летаат во небо“ (со острицата меѓу ребрата). Без милост благородниците на царска Русија ја осудуваат Ана Карењина, прељубницата која се осмелила да ја отфрли хипокризијата на маниризмот. Неа, отпадницата од машката срж, која се осмелила да живее според сопствениот стандард (себично – би рекол Лав Николаевич, заглибен во христијанскиот морал). Така Ана како Медеја и како Фата Авдагина страда според античкиот хибрис од гордост и страст. И нема пријатели кои ќе ѝ понудат прибежиште. Нема пријатели за оние кои се издигнуваат над просечноста.
Спротивно на мизеријата, анонимниот Тузланец напишал ТЕ САКАМ, СЛАТКО СУШТЕСТВО и панегирички го највил постоењето на еротскиот занес неизвалкан од омразата. Тој со аркадиска наивност достојна на автентичниот Ерос верува дека нема да биде одбиен, дека неговата љубов ќе биде возвратена. Неговата драга е „слатко суштество“, значи, никаква вештерка со метла, или домашен мебел со крута гримаса на лицето, туку миленичка на изворна љубовна среќа. Опиен од хедонизмот храбриот љубовник не ја идеализирал „дамата на своето срце“, не ја претворил во идеална икона како поетите на романтизмот. Неговата сирена ја нема превозвишеноста на христијанската Мадона, но ни паганската раскалашност на Месалина. Таа во урбаната непосредност е едноставно слатка – по себе. Таква израснала во соседството и е прикажана во семантичкиот постер десно од влезната врата. Овој разигран дитирамб и ренесансна маскарада (иако по формата кондензирани во графит) се први весници на босанската пролет. Босанската пролет на љубовта вон политиката и омразата.
Зошто верувам дека авторот на овој сјаен запис не е женско? Дека раката на некаква писателска хероина не ги нацртала цитираните волшебни букви. За некој наконтен русокос кој се фризира како Бред Пит. За жал, младите дами во Босна и братската Херцеговина не покажуваат такви склоности. Ноќе, во „ситни саати“, наоружани со туба спреј и со непоколеблива решителност да нашприцаат зборови различни од секојдневната памет. Да го промовираат сексуалниот сектор на урбаната култура. Тие (во режирана сценографија) сè уште масовно итаат во сигурноста на родителскиот дом околу 10.00 или 11.00 навечер. Бидејќи таквата воспитна пракса, за жал, ја стимулираат трговијата со робје, киднапирањата и силувањата (но и вкоренетиот конзервативизам). Кога би било поинаку, овој есеј не би постоел. Не би имало потреба за него. Бидејќи приврзаноста кон јавната љубов полесно би се натпреварувала со јавните манифестации на омразата. Бидејќи вирусот на непослушноста и отпорот кон генерациското затапување би се ширел побрзо. Генерациското затапување кое е толку силно што може од хипиците и панкерите, од денсерите и раперите, од гранџерите и техно-сурферите да направи избезумени потрошувачи на турбо-фолкот, псевдо-традицијата и шовинизмот. Обожуваните суштества од спротивниот пол не треба да се сомневаат дека токму нив ги обвинувам за неприфатливата погубност на опортунизмот. Не! женскиот ентитет во БиХ сигурно ја сноси најмалата доза од вината за холокаустот кој го живееме. Мојата намера е да го поттикнам дијалогот за пријателството. И ако грешам – храбрите донкихотки нека ме „нападнат“ како ветерна мелница чии крила залудно мафтаат.
Теоретичарите на социологијата на мас-медиумите и политичкиот маркетинг1F се согласуваат во едно: судирот помеѓу генерациите е зачнат како психо-феномен во кругот на семејството. Колективните деривати на судирите помеѓу старите и младите (машките и женските) на ниво на социо-групациите се исконструирани. Митот за падот на Уран каде (според Фројд) титаните како синови во првобитната орда го симнуваат таткото за да дојдат до жените (и власта) во современото виртуелно општество се изразува низ манирите и стилот. На пример: родителите се оддаваат на прељуба, а децата земаат дрога. Или: душевната нечувствителност возрасните ја правдаат со обврските кои ги наметнува работното време, а потомците на тоа реагираат со деликвенција. Кон семејството. Кон училиштето. Јазот помеѓу генерациите го продуцира глобалниот пад на авторитетот. Насилството во борбата „сите против сите“ низ вака реализираниот мит се пренесува во коренот на емоционалниот живот. Љубовта и пријателството се возможни како следбеници на агресивноста и како одмор помеѓу битките. Не како природна состојба. Дури во добата на индустријализацијата феноменот на слободното време ѝ овозможи на младината генерациски (масовно) да го артикулира сопствениот интерес спрема другите општествени групи (возрасни, власт, наставници, војска, и сл.). До тогаш слободата беше резервирана за тесниот круг на елитата која, исто така, строго го надгледуваше и воспитуваше незрелото поколение. Во XX век на студената војна и виетнамскиот синдром младите одговорија со сексуална револуција, „сомотска“ револуција која ги редефинираше табуата и улогите меѓу половите. Но сексуалните слободи набрзо потоа беа злоупотребени во медиумите и преиначени во порнографки пазар.
Последицата е: по бунтовните 60-ти, новите генерации опиени од СИДА-та, наркотиците и тортурата на медиумите во постиндустриските држави на Западот наместо револуција, ги реализираат фабрикуваните модни и музички трендови кои поради постојаното повторување на примероците (бихевиорален семплинг) губат од силата и автентичноста. Модата, дизајнот и диско-индустријатакако сегменти на индустријата на свеста имаат непосреден интерес да продуцираат таков поредок на нештата. Затоа не треба да не чуди тоа што во технолошки неразвиените заедници каде што владеењето на правната држава и демократијата не е на висината на стандардите на отвореното општество2F, локалната елита го пласира псевдо-традиционализмот (новокомпонираниот фолк, надраснатите идеолошки ритуали на етно-религискиот концепт) со цел создавање доминација на ограничениот простор на сопствената национална „култура“. Таа локална интересна зона, на пример, во државите настанати по Титовата Југославија, е изложена на некреативно имитирање на макро-моделите ископирани од примарната индустрија на свеста на глобалните (и глобализациските) центри на моќта. Благодарение на некреативноста (а како во синџирот на сурогати воопшто може да се биде креативен?) новокомпонираните ритуали и митови добиваат скаредна инфантилност со гротескни размери. Постмодернистичката стилема на согласувањето на сè со сè која во високата уметност е конзистентна и естетски оправдана3F, во продуктите на новокомпонираниот политички и комерцијален кич се трансформира во дегенеративното лице на деволуцијата – балканскиот медиумски Франкенштајн.
Инстант љубовта и блазираното пријателство во асортиманот на неброено пати одиграните сцени како во ТВ сапуниците, станаа култно обележје на интерперсоналните односи. Автентичната емоција е драгоцена (и ретка) како еднорог или Мона Лиза, како дијамантот Ѕвездата на Африка. Луѓето се загубени во ѓубриштето на потрошените чувства. И веќе не е важно кој е машко, а кој женско, кога и тие примарни улоги се идеологизирани. Подеднакво е трагично да се има менструација или ејакулација кога финалниот производ на базичните биолошки дејства е политички клон. И тоа клон на намерната и насочена омраза. Бидејќи љубовта е невозможна, ѝ се предаваме на отровната река на катранот од ентитетската висока печка – тоа е пораката на локалните БиХ фашисти во прескапи, сјајни костуми. Во најнови автомобили. Кои се купени со солзите на Надежта од Пандорината кутија.
Затоа е важно да се знае: дали љубовта, навистина, е прашање на идентитетот? Во борбата за детерминирана, идеолошки поткупена душа, јаството е „последната оаза“ на бунтовништвото, но и „ничија земја“ на конформизмот. Да бидеш програмиран да ги сакаш единствено припадниците на сопствената културна и интересна група нужно води во политижки хомосексуализам. Србите, Хрватите и Бошњаците од БиХ како нации се формирани во XIX и XX век во дериватите на историјата на својата земја, и во интеракција со соседите: Хрватска, Црна Гора и Србија. Исто така и со Австроунгарија и турција, со католицизмот, православието и исламот, со Европа, Азија, итн. Значи, идентитетот на народите од БиХ е интерно и екстерно комплементарен со поблиското и подалечното опкружување, но никако не е во колонијална зависност и подреден однос спрема партнерите во креирањето на својот (но и нивниот) културен профил4f. И не е природно нациите кои ги изродила татковината БиХ идентитетот и уточиштето да го наоѓаат вон неа. Уште помалку природно е да се постават барикади на омраза во испретплетените народи на БиХ чија култура и посебност се неразделен дел од целокупното мултиетничко суштествување. Затоа е важно тоа што писателот на тука цитираниот, а емоционално потентен графит воскликнува дека му треба слатко суштество дека на скудната монолитност на неговиот идентитет му недостасува неидентичен квалитет кој е друг и поинаков.
Што сè сме, кога сакаме, а што не сме? Кои се БиХ опсесиите во пост-дејтонската љубов и меѓуетничкото пријателство? Кој народ е број 1 на топ-листата на љубовта? Бошњаците, Србите или Хрватите или останатите…? Дали треба да се претпочита еднонационалниот или т.н. „мешан“ брак? Дали е подобро човек да се венча пред свештеник во божјата куќа или да ја регистрира љубовната заедница пред општинските органи на власта? Кој брак е среќен? Дали сите среќни бракови се уникатни, а несреќните копија на бруталното секојдневие? Противречностите и (лажните?) дилеми вчитани во онтологијата на новокомпонираната практика не се стапица во која се „вари отровот на омразата од босанскиот лонец“? Напротив, скромно напоменувам дека единството на различностите е водечки еволутивен принцип во развојот на видовите и културен стимуланс за унапредување на хармонијата која во космосот го динамизира движењето на животот. Негативистичката визија на хаосот, страдањата и клаустрофобијата која балканската нацификација ја нуди како сеопшт поглед на свет не е со природно потекло. Таа емоционална скудност – извитопереност – е резултат на спознајната апроксимација и политичкиот маркетинг во доменот на конструираниот поглед на свет.
Но ако човечката душа се крие некаде околу (патриотското) срце, а срцето е потопено од омраза, кој е тој идентитет? чија е тоа национална припадност? Кој народ ќе признае дека анимозитетот кон другите е негов културен credo? Еден употреблив одговор нуди контрастот помеѓу фашизоидната реалност и графитот посветен на слаткото суштество, нуди тезата за пријателството помеѓу двоношците осудени на љубов од часот на изгонот од рајот. Имено, „со труд од земјата ќе се хранат“5F а „на народи и племиња (ќе бидат поделени) за да се запознаат“6F во разновидноста на јазиците и боите“7F. Дарувај ни, Боже, уште момчиња и девојки полни со (само)доверба дека нивна судбина е убавото и доброто, а не грдото и злото. Момчиња и девојки имуни на омразата способни критички да ги просудуваат егзистенцијалните модели на светот во кој растат. Кога ќе помислиш, драг текстуален минувачу, колку генерации дошле и си отишле од Земјата, колку раскошни култури, а ние уште дебатираме за можноста на пријателството и ги поставуваме границите на љубовта во кордијалното катче, мое или твое…

Превод од босански: Ана Димишковска Трајаноска

#b

1. H.M. Enzensberger, H. Marcuse и др.;
2. Видете ги делата на K.Popper и George Soros;
3. Постмодернистичкиот еклектицизам од поодалечена перспектива нуди асоцијативно обединување на површински привидниот дисконтинуитет;
4. И.Андриќ, М.Селимовиќ, М.Диздар., А. Мурадбеговиќ, А. Шантиќ, Б. Копиќ и “Хасанагиница” отворено ги присвојуваат токму најгласните противници на босанскохерцеговскиот и бошњачкиот идентитет;
5. Библија, Книга на настанокот, 3, 17;
6. Кур’ан, XLVIII,13;
7. Кур’ан, XXX, 22.

АвторДинко Делиќ
2018-08-21T17:21:54+00:00 октомври 1st, 2001|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 22|