Тагата и убавината
Некаде на почетокот реков дека ова е роман и за тагата како суштински елемент, како есенција на човечкото битие. Густината на емоцијата која ја пренесуваат овие навидум банални, ситни приказни за животите на имигрантите, на „малите“ луѓе, е една од клучните одлики на книгата. Слично на Зебалд (кој, меѓу другото, е познат по тоа што во својот роман Аустерлиц има реченица што непрекинато трае цели девет страници), и во Снегулки „долгите, кривулести, комплексни реченици на романот, често долги и колку цел пасус, на нарацијата ѝ даваат чувство како да е без здив, како приказната да е толку итна што мора да се раскаже“ (Anagnostou, 20-21). Така некако без здив, и јас го прочитав романот за неколку дена, во најголем дел во авион, на пат од Скопје кон Сараево и назад. На тој пат, при враќањето во еден град во кој не сум била со децении и повторното враќање дома, оваа книга ја доживеав не само како одличен роман, туку пред сè (а можеби и над сè) како едно длабоко емотивно, меланхолично четиво. Приказната (или подобро речено приказните) во никој случај не отсуствуваат од оваа проза, но таа, пред сѐ, токму поради овој меланхоличен тон, е лирска, емотивна, таговна, дури и носталгична. Носталгична како песната на Марика Папагика, една од првите грчки пејачки чиј глас е забележан на плоча во САД пред точно сто години: „ако ме љубиш и ако ова е сон, никогаш да не би се разбудила“. Носталгична како зборовите на Николас Антони Вирглио, Никафоник Ник кога пред триесетина години од радио-апаратот на нашето детство вели: „Се обидувам мојот живот да вреди нешто. Сите имаме некои трагични искуства, и животот во основа е трагичен, никој не живее среќно засекогаш. Затоа се надевам дека можам да го воздигнам и да го донесам во просторот на убавината“ (Nick Virgilio). Токму тоа е оваа книга: простор во кој секој живот има значење, простор во кој и во сеќавањата и во тагата се наоѓа убавина.
Референци:
Anagnostou, Yiorgos. “Kallia Papadaki, Dendrites”. 28 Dec 2017 – Books. https://ergon.scienzine.com/article/books/kallia-papadaki-dendrites (пристапено на 23.9.2019).
Gregov, Barbara.“Kallia Papadaki: Kada pišem prozu razmišljam u slikama”. 16.10.2012. https://voxfeminae.net/kultura/kallia-papadaki-kada-pisem-prozu-razmisljam-u-slikama/ (пристапено на 21.9.2019).