Казанот наречен Скопје

/, Литература, Блесок бр. 33/Казанот наречен Скопје

Казанот наречен Скопје

Царство на носталгичарите
Град подигнат – во творбите
Граѓанинот наречен (стар) Скопјанец
Котел одново

#7 На денот на земјотресната, Скопје доживеа две катастрофи: едната донесе катаклизмична агонија, однесувајќи ги 1070-те човечки животи и неговите многубројни, карактеристични зданија, градби и целини; и другата, што имаше дејство на социјална бомба со задоцнето палење, во првиот поземјотресен имиграционен налет, донесувајќи му два нови провинциски „града“ во оној едниот и автентичен што броеше близу 250.000 жители.
Во првата катастрофа беа изгубени цели урбанистички институции на Скопје: Офицерски дом, Народниот театар, Народната банка, Природонаучниот музеј, зградите на двете Пошти, палатите Мацура и Кранго, Пасажот, модернистичките помпезни градби како административен објект наспроти Собранието, зградата на Владата, ректоратот, Железничката станица, Плоштадот Слобода, бројни граѓански и маалски куќи, нови повеќекатници, цели скопски квартови… а со тоа и материјалниот урбанистички ослонец на традиционалниот град.
Имиграциониот бран, пак на Скопје му го одзеде автентичниот дух. Доаѓајќи од различни краеви, новите жители на Скопје со себе ги носеа спецификите на своите родни краеви и, главно, фолклорниот дух и – руралниот менталитет. Масовно. Полека но сигурно, градот го губеше својот идентитет. Во стариот котел старата се претопуваше со новата, вдоена социјална и духовна содржина. Скопје стана еден мултифолклорен мозаик што го формираа неговите нови жители кои само се именуваа Скопјани, а се однесуваа како заточеници на радниот крај во кој ги беа оставиле скромните имоти, сеќавањата, своите блиски, но и своите срца.
Но, дури ни по таа, крајно висока цена, Скопје не покажа негостољубивост. Овој град отсекогаш бил еден од најотворените: неговиот непрогласен почесен жител, актерот Тодор Николовски, инаку современик на ова привршено столетие, живо раскажува дека цели плеади познати имиња и личности во меѓувоениот период и подоцна, доаѓале во Скопје и останувале во него. Скопје бил еден од најособените градови на Балканот. Град на комуникации и на – пресретнувања. Во таа историска отвореност, Скопје бил и урбанистичка и културна и етничка легура на сите очекувани и неочекувани, егзотични конгломерации што го сочинувале: Македонци, Турци, Срби, Власи, Роми, Евреи, Ерменци, Руси, Украинци, Арнаути… зовриена и добро измешана од состојците што ја сочинувале. Во Скопје во тие времиња се пристигало од потреба, по потреба, но и по желба.Одмерено. Јаваш-јаваш. Со усул.
#8 По земјотресот, Скопје стана топилница на една нова посиромашна социјална легура: од помалку, а побројни компоненти. Во војната Евреите беа депортирани, а зад нив како тревожен споменик за нивното истребување од мултиетничката карта на градот, остана неговиот топоним Еврејско маало. Кон средината на педесетите од Скопје за Стамбол, под притисок се иселуваат бројни староседелски турски семејства, а со иста цел во него пристигаат и бројни муслимански фамилии од Снаџак. Пристигаат заради отселување, а остануваат како нови доселеници. Од источно-европските земји во Скопје, во втор бран пристигнуваат и нови, репатрирани семејства на Македонци од Егејска Македонија. Полека но сигурно се претопуваат скопските Ерменци, Руси, па и Власи. Непрекинато, главно од Косово, во Скопје се дослеуваат илјадници припадници од албанска националност. Тие миграциски вриежи во котелот на овој град создаваат нови ситуации: Скопје тој е прв град во светот не само според бројот на Македонците, туку и според бројот на Ромите и Албанците. Градот на Светската солидарност стана и – Отворен град. Се испостави: поземјотресно Отворен, како Рим од повоениот неореалистички филм на Роселини. Првото (Град на светската солидарност) по избор на космополитската поддршка на настраданиот македонски народ и (трет по големина) југословенски центар; второто (Отворен град за доселувања!), велат, по вољата на некогаш вонредно влијателниот политичар Едвард Кардељ од Словенија, за разлика, да речеме, од словенечкиот главен град Љубљана за кој сè уште важи обратниот, затворен концепт на еден миттелаеуроп-ски град со задржани автентични вредности и величини.
Тој концепт, да се разбереме, во Скопје не би успеал. Скопје е динамична структура која, затворена, би ја разјала ентопијата. На оној начин на кој, по земјотресот, градот го голта урбаната патологија и травматичната социјална феноменологија. Поранешната, се чини, била „природната состојба“ на Скопје. Во периодот на својот највиден меѓувоен, а потем и предземјотресен растеж, Скопје се однесувало како сунѓер; умеело во себе да апсорбира толкава количина нови жители колку што му бил капацитетот. Некогаш, очигледно градот избирал. по земјотресот тој ја изгуби таа способност. Имигрантите, неговите нови, многубројни жители, најчесто напуштајќи ги родните села, масовно го избираа него. Како населба во (пре)изградба. Како место за нов живот. Пред сè заради сфатливиот човечки порив на барање место за полагодно живеење.
Проблемот е во тоа што, бирајќи го Градот, не го избраа и неговиот начин на живеење. Сосем спротивно, тие во него ги пренесоа своите роднокрајни видувања, однесувања, погледи, вредности и навики. Така, во Градот се насели Селото. Во Граѓанската населба – Пролетаријатот. Во Центарот – Провинцијата. Во онаа своја автентична „третина“, потоа и „четвртина“, она, традиционално (и вистинско) Скопје се повлече во себе и во сеќавањата за исчезнатите својства, градби, достоинства и величија и започна да го негува и на најразлични начини да го боледува митот за „Старите Скопјани“.
Лично, го сакам тој мит. Му придонесувам и самиот. Мислам дека Скопје мора да ги пронајде своите автентични вредности, дека треба да ги обнови своите традиции, дури верувам дека во таа обнова треба да врати и некои од изгубените, а капитални градби. Иако и јас сум роден во друго место, пораснат сум тука. Без оглед што тоа место е еден друг Град, јас длабоко верувам дека разрешувањто на проблемот на скопскиот урбан идентитет, без нас не можеме да го совладаме сите ние, неговите жители, заедно. Но, само и единствено под еден услов: ако сфатиме дека Скопје е нашиот град, а роднокрајот, само место на потекло; за да му ги прифатиме традициите, особеностите, автентичниот дух, за да го присвоиме неговиот идентитет. со еден збор, да го почуствуваме, да го доживуваме и – да го создадеме Скопје како наш град!
Тоа е однос што не трпи лицемерства: доколку сè повеќе не му припаѓаме на Градот, од секој поединечен вид на нашето поведение, залудно и несреќно ќе се промолкнува напуштеното село: ниту тоа ќе се фати во урбаниот простор, ниту пак тој ќе заживее во овој урбан центар.

2018-08-21T17:21:40+00:00 август 1st, 2003|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 33|