Границите на јазикот – граници на светот?

/, Блесок бр. 05, Литература/Границите на јазикот – граници на светот?

Границите на јазикот – граници на светот?

Но еден поглед поодблизу, насочен кон Витгенштајновата теорија за јазикот, чиј фокус е теоријата на значењето, открива дека во рамките на Трактатот, за Витгенштајн е невозможно да ги развие консеквенците од „трансценденталниот“ елемент вклучен во неговото гледиште за логиката. Низ една необична мешаница од лапидарни, здраворазумски тврдења, и високо софистицирани, технички формулирани теориски искази, Витгенштајн всушност промовира една варијанта на референцијалната теорија на значењето, во форма на т.н. „сликовна теорија на значењето“. Според Витгенштајн, исказот е слика на реалноста (4.01)13F. Иако заедничкиот елемент помеѓу сликата (мислата, изразена во исказот) и реалноста („состојбата на нештата“, „атомарните факти“) е согледан во „формата на претставувањето“, т.е. структурната кореспонденција помеѓу елементите на сликата и елементите на претставената реалност, ова не ја менува суштината на проблемот. Без никакво двоумење, Витгенштајн аподиктички зборува за „едноставните објекти“ кои ја сочинуваат супстанцијата на светот; згора на тоа, неговата теорија за мислата како логичка слика на фактите, и за исказот како логичка слика на мислата, отворено го воспоставува приматот на една независна, структурирана, јасно определена реалност, над нејзините ментални или лингвистички „репрезентации“.
Од една епистемолошка гледна точка, референцијалната теорија на значењето, дури и во верзијата на „изоморфизмот“, која ја застапува Витгенштајн, оди заедно со теоријата за вистината како кореспонденција, која поаѓа од заемната независност на два различни ентитета (исказот и фактот, јазикот и реалноста), чие соодветствување треба да се утврди по пат на споредба. Витгенштајн експлицитно вели: „реалноста ја споредуваме со исказите“ (4.05)14F; „исказите можат да бидат вистините или лажни само така што ќе бидат слики на реалноста“ (4.06)15F; „сликата се согласува или не се согласува со реалноста, таа е исправна или погрешна, вистинита или лажна (2.21)16F.
Но од друга страна, како можеме да го игнорираме Витгенштајновото тврдење за светот како тоталитет на факти во логичкиот простор (1.13)17F, или неговиот говор за „логиката на светот“ која логичките искази ја покажуваат во тавтологиите, а математиката во равенките (6.22)18F? Речиси е невозможно да се избрише трансценденталниот печат од Витгенштајновата концепција, според која логиката претставува мошне значаен елемент во теориската конструкција на светот. Но оваа мисловна линија тешко може да се усогласи со останатите делови од Трактатот. Наспроти детализираната структура и ригидниот стил на излагањето, аргументативната страна од ова дело, во смисла на образување на една конзистентна теорија, изгледа мошне проблематично. Линијата на трансцендентализмот (дури и во некој негов „ослабен“, ненагласен или модификуван облик), едноставно не оди заедно со „теоријата на кореспонденција“ или „сликовната теорија на значењето“; таа линија, имено, не може да ја прифати претпоставката за една независна, непосредувана реалност „по себе“, сфатена како објективна инстанца во однос на која се определува вистинитоста, односно лажноста на сликите/исказите. Од друга страна, тврдењето за апсолутниот примат на онтолошки гранулираната реалност, на светот кој веќе е „поделен на факти“, чија структура е едноставно рефлектирана во формата на исказот, би ја загрозило автономноста на логиката, нејзиниот „привилегиран статус“, нејзиното „исполнување на светот“ и би ја направило зависна од некои емпириски моменти.
Евентуалната забелешка дека фактот што логиката е трансцендентална не имплицира дека и јазикот мора да ја поседува истата одлика, би отворила длабок јаз помеѓу логиката и јазикот, што исто така изгледа неприфатливо, имајќи го на ум поклопувањето на границите на логиката, јазикот и светот. Некоја од многуте разнородни претпоставки присутни во длабинската структура на Трактатот, мора да биде жртвувана.
Така, делото кое во контекстот на современата јазичко-аналитичка философија поседува можеби најголеми предиспозиции за повлекувањето на крајните консеквенци од тезата за јазикот како трансцендентална структура, останува затворено во ограничениот хоризонт на својата изолираност од претходните мисловни токови. Интензивните ментални конвулзии карактеристични за Витгенштајновиот начин на размислување, интерпретирани најчесто како одлика на неговото херојско, автономно и осаменичко патешествие низ „концептуалната џунгла“ на философските проблеми, можат исто така да претставуваат и симптом на една специфична форма на интелектуална суета. Категориите „свет“, „реалност“, „егзистенција“, „трансцендентално“, „а приори“, итн., кои Витгенштајн ги употребува на еден мошне лежерен начин, честопати во метафорички контексти, но со претензии на „конечната вистина“, всушност се плод на долго, макотрпно, детално и систематско истражување на мнозина други мислители. Да не се биде свесен за суптилната херменевтичка „фузија на хоризонтите“ која е веќе реализирана во јазикот кој го зборуваме, значи да се игнорира фактот дека мислењето низ јазикот е секогаш и „мислење на нечии туѓи мисли“, поради самата природа на философскиот дискурс. Овој вид на индиферентност, освен што го зголемува ризикот од инконзистентност, исто така имплицира затворање во својот аутистички свет, чии петрифицирани граници се претвораат во решетки на еден интелектуален кафез.

#b
13. ibid., p.43
14. ibid., p.63
15. ibid., p.71
16. ibid.
17. ibid., p.43
18. ibid., p.31

2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 05, Литература|