Банана

* * *

Десетина години подоцна седев прегладнета во студентската соба и чекав дечкото да ми донесе банани. Кој му е крив што губи на јамб. Конечно ги донесе. Убави, жолти, таман зрели и миризливи. Зедов една и започнав да ја јадам на мојот начин. Заборавив на неговото присуство, зашто веќе си ги гризев ноктите, бричев нозете и чепкав во носот пред него, а и тој беше навлезен во втората фаза на нашата љубов без граници најавена со рафално прдење од негова страна без најава и извинување, се разбира. Се опуштивме еден пред друг, интересно, уште пред да спиеме заедно, а за случкава е важно да напоменам и дека немавме ни орален секс дотогаш. Можете тогаш да претпоставите со каква запрепастеност мојот дечко извика:
– Што правиш? Така јадеш банана? и ме сецна додека занесена по обичај ги отстранував горните наслаги од бананата триејќи ја со забите и правејќи ѝ плитки бразди што излегуваа под усните. Е тогаш, како што кажав, бев голема и веднаш се сетив од која страна дува ветрот. Ги освестив тие за мене одамна уиграни, механички, навикнати движења кои вообичаено потполно ги занемарував насочена кон приливот благичко ммм… вкусно ткиво, и да, ми беше јасно зошто се вознемири. Дури и како да се навреди. Претпоставувате зошто? Се свртив накај него. Да го направам тоа или не? Да се поглупирам малку? Ќе бидам смешна. А сепак да пробам? Како ли ќе реагира? Ајде ќе жртвувам една банана. Место одговор го погледнав в очи, а потоа ја подизлупив бананата уште малку повеќе. Јазикот за малку ќе го издадеше мојот маскиран срам и побрзав така треперлив да го залепам за нежниот врв на бананата. А бе ајде биди храбра. Ја лизнав. Неговите очи се подотворија. Ааа, така значи. Е па види сега како јас јадам банана. Не направив ништо особено, само продолжив со редовната постапка на соблекување на бананата до гола кожа, до голо срце поточно. Урааа, со усни до внатрешниот мек дел! А тој? Чекај да видам. Подлегна на креветот, ги подрашири нозете и го поднамести неговиот средишен подуен дел. Значи ти се допаѓа! Е па добро, ќе се потрудам уште малку. Како оди она? Ајде погледни го со полузамижани очи, ама ајде не срами се, добро, а сега неколку мали безобразности и нежности надвор од програмата, што на пример, е па на пример бакни ја бананата од сите страни, така, малку љубов, а сега излижи ја по цела површина и проголтај ја колку можеш подлабоко, леле цел филм снимив. Колку кревка и кашеста стана. И дојде мигот кога вообичаено ја зајадувам одронувајќи, топејќи и голтајќи парчиња од неа, затоа што по неколку минутното третирање може да се скрши сама од себе и да падне. Тогаш којзнае зошто ги покажав сите заби и отсечно штракнав со нив пресекувајќи парче од неа кое веднаш ми се стркала в уста. (Фројдовци повелете: завист, љубомора, желба за одмазда, кастрација, еднаквост, Едипов комплекс итн. со ред). Поболна гримаса не сум видела. Со раката се фати за надуениот дел од фармерките. Да знаев колку болно ќе го доживее тоа никогаш немаше да го направам.
– Што направи мори?
– Извини – и немав храброст да го гледам веќе. Се завртив со грбот и за првпат јадев банана со чувство на вина по моја вина. И без уживање ја голтав секако. Оттогаш наваму не ризикувам. Претпочитам да не правам отстапки и да се држам до старото правило: јади како сакаш банана, но само кога си сама.

* * *

Но, да го оставиме на страна моето на-страно јадење банана. Што е со „нормалното“ јадење банана? Што е со „нормалните“ луѓе и кои се нормалните?
На пример, дали е нормално тоа што еден здрав, прав, маж во најчестата смисла на зборот, онаа која ја нарекуваат вистинска, се чувствува по малку нелагодно, непријатно, некако женски или барем женствено кога држи в рака банана и се обидува да ја изеде на машки начин. „Умри машки!“ ама не е така лесно.
Милиони луѓе се кинат, се цепат, се разлистуваат поставени пред банана-идентификаторот. Тој не се обојува црвено и сино како лакмусовата хартија туку свети постојано жолто и предупредува: внимание, нешто се случува! Внатре во нас се мешаат бои. Виножитото се огледува во нас од памтивек, иако ние сме ослепени, па не го правиме истото во него. А ќе избледиме заедно. Да, и без да сфатиме дека нема потреба од поминување под него.

* * *

За крај само уште една порција банана-сплит сеќавање. Плажа. Луѓе речиси исто толку колку и камчиња. И толку различни. А повжештени од нив. Иако сонцето е навалено и го досликува филмот предвиден за денеска. Уште малку и ќе падне во темната комора на бледосинана, одвајвидлива планина. Убава завршна фотографија. Луѓе на зајдисонце. Ние тројцата на зајдисонце. Јас во сукасан положба меѓу моите двајца другари. Јадеме банани со Алек кој седи исправен со раширени нозе, а Дејан лежи странично, на колкот, со главата потпрена на раката и свртена кон сонцето. Мора да изгледа убаво од таа височина. Сите овие разнобојни крпи, сунѓерести, сламени и пластични лежалки начичкани една до друга… платно од крпеници запнато на двата краја на плажата, меѓу тобоганот и банџи скокалницата… знаме во илјадници нијанси и дезени. Сè е слеано, измешано, речиси без граници. Еве топката на она хиперактивно детенце од вториот ред лежалки зад нас, се смири до нашата минерална вода… а моите влечки завршиле до нозене на старава госпоѓа чучната пред мене. Влакнести ножни прсти и вино боја лак на ноктите, зошто да не? Што друго? Весникот што го купи Алек утринава се размножи на три подвесника, по нешто за секоја двојка од шестмината соседи залепени за него… А, ене го и душекот на Дејан, се суши одделен од него со две празни влажни крпи, два пара патики и еден голем ранец. Сепак нешто не ми штима. Привид е. Сето ова само убаво изгледа. Границите исчезнуваат само кога растојанието е големо. Доволно големо за да биде прифатливо. Емоционалното растојание. Добро, што сака оваа банана? Ја јадам на пресметано невин, незаинтересиран, обезличен начин, а таа пак ме принудува да мислам, да не се согласувам во ова совршено зајдисонце. Овој пат ме напика во туѓа кожа.
Лена е умна. Лена знае. Зошто морав да се извлекувам: „Не, благодарам, некако не ми се јаде сега банана. Остави ја, можеби подоцна“. Глупости, Лена ме разбира. Еве и сега ме чита. Место да ја јаде бананата, пред себе ги среќавам нејзините мисли како се допираат со моите закачени за розовата танга на задникот на Алек. Седи исправен и мака нема. Мојот храбар другар кој во потрага по својата сексуална и севкупна емоционална слобода го издепилира својот задник пред шест дена и сега седи на него, светнат и мазен речиси како на Лена… Не, не слушај! Пак оние четворица покрај соблекувалната пцујат по него, сè покреативно… Дали само за да слушнат девојкине што лежат пред нив, ту се мачкаат со масло, ту се кикотат … Не се збираат така поени… Алек, значи навистина си цар, ќе отшеташ така манекенски, мафтајќи ја ќесата со лушпи во едната рака и дојадувајќи ја бананата со другата, сè до корпата со ѓубре токму пред соблекувалната? Значи немам зборови. Како блеат згрозени! Добро е, се сетија да ги спуштат тие грди фаци… Врвна провокација, а? Ви доаѓа да го спружите тука на камчињата и да го тепате сè додека не ја изгуби таа бела нежност и последниот сантиметар од неговото тело? Будали едни! Што ве иритира? Неговите феминизирани, женствени движења? Тангата? Розовата боја? Колку трагикомично! Мислите природата си поиграла со него, а всушност тој си игра со неа. Патем и со вас, со мене. Главно со себе. Мил, мој Алек. Курот те боли тебе што тие мислат дека си геј, кога ти знаеш дека сакаш жени. Лена знае дека сакаш жени. А знам и јас. Проблем ти е телото, па правиш парада со него. Го воздигнуваш и го згазнуваш пред сите и пред себеси. Го нагласуваш и се ослободуваш од него. И се смееш притоа. Ти си Бог Алек, иако за малку ќе морав да те спасувам од ќотек, ти си Бог. А јас? Лежам овде, наизглед обичен, толку машки, толку просечно машки. На моево тело ниту трага од знак, ниеден потег не ме открива, ниедно сомнително треперење. Во мускуливе, во гласов длабок, нема побуна. Го љубам ова тело што добро ми служи. Ми стои и ме личи. Го загледуваат и мажи и жени. Оние кои не знаат не забележуваат, оние кои знаат не им пречи. По ѓаволите, зошто тогаш не се осмелувам да ја изедам бананава овде? А толку сум гладен. Ќе пукнам. Уф. Кому му мафта Лени?
– Чичко, ваму ве молам. Три ќесиња пуканки. Благодарам. Колку чинат?

* * *

– Сега честиш пуканки? Срце си! Ааа… каде ја остави мојата банана? Дај прво неа да ја лапнам.

АвторГабриела Стојаноска-Станоеска
2018-08-21T17:21:18+00:00 април 14th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 53|