Скопски блуз и соул фестивал, 2003

/, Звук, Блесок бр. 33/Скопски блуз и соул фестивал, 2003

Скопски блуз и соул фестивал, 2003

#1 На 1. и 3. јули во Скопје се одржа седмото издание на Блуз и соул фестивалот кој уште еднаш го потврди својот кредибилитет како респектабилна манифестација во глобалното семејство на светски блуз фестивали. Со учество на уметници од САД, Италија, Франција, Русија и Македонија, фестивалот понуди разновидна програма опфаќајќи повеќеслојни сегменти на блузот кои сите заедно ја орасположија публиката која во голем број се одзва на повикот на овој жанр.
#2 Концепциски, првата вечер од фестивалот беше замислена како блуз-рокерски ориентирана журка со учество на „Џук Џоинт Експрес“ од Македонија, „Блуз Казинс“ од Русија и Алвин Јангблад Харт од САД.
#3 Фестивалот го отворија дебитантите од Скопје, „Џук Џоинт Експрес“, млад состав кој постои одвај една година, но кој сосема го оправда својот потенцијал и кој претставува значително засилување на македонската блуз сцена. Во својот кус но динамичен сет, скопските блузери го претставија својот од порано клупски проверен репертоар во кој доминираше звукот на Тексас блузот, збогатен со привлечната арома на британската блуз сцена од крајот на шеесеттите години на минатиот век. Со сопствениот материјал како и композиците од репертоарот на Стиви Реј Вон, Хаулин Волф, Сони Бој Вилијамсон и „Флитвуд Мек“, Наум и другарите засилени со гостинот Кристијан Цветковски на гитара и вокал, го оправдаа своето учество со темпераментен и вдаховен настап создавајќи добра атмосфера во публиката. Легендарната тема „Албатрос“ на Питер Грин во чиј увод беше уфрлена темата на италијанскиот гитарист Толо Мартон, инаку посветена на Стиви Реј Вон, претставуваше вистинското финале на настапот на „Џук Џоинт Експрес“. Ова е млад состав со изграден однос кон блузот, од кого домашната блуз сцена очекува многу во иднина.
#4 По куса пауза, на сцената се појавија Русите „Блуз Казинс“, кои уште еднаш потврдија дека не случајно се прв руски бенд кој ќе настапи во постојбината на блузот – САД. Предводени од извонредниот гитарист Леван Ломидзе, овие блуз роднини испрашија сет кој локалните гитарџии долго време ќе го паметат! Во музиката на “Блуз Казинс” нема многу филозофија, уште од првиот момент со својата енергија навестија дека во таа запарна ноќ ќе има дополнително потење кај присутните! Составот вешто го комбинира репертоарот во кој се препознаваат звуците од чикашката блуз школа преку темите на Отис Раш, Мади Вотерс, Вили Диксон и Б.Б.Кинг, до современи блуз автори со рокерска примеса во кои има доволно место за гитаристички егзибиции на Леван Ломидзе! Со цврста ритам секција, длабоко навлезена во сите финеси на блузот комбиниран со рокенролот, Леван, Слава и Виктор се претставија во одлична светлина. Во сетот на „Блуз Казинс“ се најдоа и две композиции на прочуените „Битлси“ кои можеби не беа по вкус кај блуз пуританците, но кои исто така добро поминаа кај присутните. Сетот на „Блуз Казинс“, иако за нијанса предолг, сепак се проследи во еден здив и го најави последниот настап на Алвин Јангблад Харт од САД.
#5 Овој музичар, според репутацијата, беше најавен како една од ѕвездите на годинашниот фестивал. Со бројни признанија од меродавни извори и настапи на речиси сите поважни фестивали во светот (сега вклучувајќи го и нашиот!), Алвин Јангблад Харт го претстави својот репертоар базиран на последниве два албуми кои му донесоа светска слава, но кој кај домашните љубители на блузот предизвика различни реакции. Некои трдеа дека подобар блуз концерт во Скопје немало, според други во неговата свирка имаше сè освен блузот… Во секој случај, настапот на Харт беше професионално изведен, со квалитетно музицирање на сите музичари (басистот е редовен член на составот на прочуениот Грег Алман!). Блузот на Алвин Јангблад Харт е чорба со многу мирудии, можеби не за сечиј вкус, но откако ќе ја сркнете се чувствувате добро! Имавме можност да слушнеме малку реге, фанк, дури и кантри?!) во една колку динамична, толку и лежерна изведба во која сепак се чувствуваше блузот во онаа мерка колку што беше потребно! Во секој случај, одлична прва вечер на фестивалот!

#6 Според многумина присутни љубители на блузот, втората вечер беше уште поквалитетна од првата, вистинска експлозија на звуци во кои се измешаа примарните тонови на Мисисипи Делта блузот и она што денес го нуди сè поквалитетната европска блуз сцена.
#7 Вечерта ја отворија француските блузери предводени од Нико Вејн Тусан, еден од најквалитетни европски експоненти на усна хармоника. Со беспрекорна музикалност и вроден шарм, Нико и другарите отсвирија сет кој претставуваше одличен вовед во ноќта на блузот што ќе се памети! Во репертоарот на Нико доминираа композиции од неговите ментори (Џејмс Котон, Ар Џеј Мишо) и сопствени композиции во кои се чувствуваше и дискретниот шарм на француската шансона, но убаво спакувана во блуз идиомот кој одлично помина кај публиката. Неговиот придружен состав совршено го следеше префинетото блуз чувство на Нико, создавајќи динамична блуз слика која наиде на одличен прием. Конечно, Нико беше музичар кој подели најповеќе автограми, особено на помладите припаднички на понежниот пол кои можеби не се разбираат многу во блузот, но знаат што им се допаѓа! Нико Вејн Тусан ги потврди сите епитети што му беа припишани и за може слободно да се каже дека неговата иднина во блузот изгледа розова.
#8 Неговиот состав создаде тензија која требаше да ја сочува следниот учесник, блуз легендата Дејвид Ханибој Едвардс, музичар кој е историја на блузот во вистинската смисла на зборот. Овој музичар ги помина сите крстопати на блузот, некои од нив заедно со легендарниот Роберт Џонсон! Постоеше стравување како ќе го дочека скопската публика, ненавикната на ваков вид блуз, но веќе самата појава на Едвардс на сцената предизвика аплаузи кај домашните љубители на блузот, тој беше пречекан како што заслужува. Придружен со својот пријател Мајкл Френк со кого заедно настапуваат веќе триесетина години, Едвардс пееше и свиреше исто како што тоа го правеше целиот свој живот. Неговите искуства и приказни преточени во музика делуваа возбудливо, автентично и, пред сè, натопени со емоции што остави посебен впечаток кај присутните. Во својата деведесета година од животот, Дејвид Ханибој Едвардс ја потврди својата репутација на блузер кој одамна се здоби со статус на блуз легенда и во САД заслужено претставува современа икона на американската култура. Беше вистинско задоволство и чест да се има таква легенда во Скопје!
#9 Привилегија да го затворат фестивалот им припадна на членовите на италијанскиот состав „Мамас Пит“ кои ја воодушевија публиката со својот разновиден репертоар во кој имаше за секого по нешто: од литературата на класичниот блуз, од репертоарот на Стиви Реј Вон, бисери на фанкот, рокот на Џенис Џоплин и, пред сè, добри вибрации кои со леснотија се пренесоа на присутните создавајќи неверојатна атмосфера во жешката јулска ноќ. Пет одлични индивидуалци од кои особено се истакнуваа гитаристот Алесио Менкони и вокалот на Барбара Вулсо. Направија свирка што ќе се памети. Барбара Вулсо се одликува со извонреден вокал кој во вистинската смисла на зборот ја запали публиката со беспрекорни изведби на проверениот репертоар, тестиран на безбројни свирки низ Европа. Одличен крај на овогодинешниот фестивал кој ја задржа тенденцијата на просперитет кој оди по нагорната линија која секако најавува нови возбудливи музички доживувања во блиска иднина!

2018-08-21T17:21:40+00:00 август 1st, 2003|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 33|