Кон првиот „албум“ на Старовски и нивното видување на македонската поезија

/, Звук, Блесок бр. 80-81/Кон првиот „албум“ на Старовски и нивното видување на македонската поезија

Кон првиот „албум“ на Старовски и нивното видување на македонската поезија

#1 Зборот албум во насловот на ова размислување за она што Старовски го создаваат не е случајно ставен во наводници. Се двоумев (и сè уште се двоумам) како да го именувам делото што тие го создаваат кога решаваат да ја опеат македонската поезија, или поточно, да ја опеат љубовта во македонската поезија, или, уште поточно, да ја опеат својата љубов кон љубовта во македонската поезија. Така, наместо „албум“ лесно можам да кажам и „музичка поетска читанка“ или „музичко прочитување на македонската поезија“ и верувам дека нема да згрешам, затоа што она што Старовски го работи е сето тоа, по малку или по повеќе.
Двоумењето во самото насловување, или именување на ова дело неминовно ја навестува и неговата комплексна природа, комотно затскриена зад едноставноста на музичката подлога. Вокалите на Верица Андреевска Спасовиќ и Верица Недеска Трајкова ги придружуваат армониката на Јордан Костов, утот, тамбурата и ќемането на Дејан Спасовиќ и перкусиите на Круме Стефановски, и… толку. Минималистички, скоро кабаретски (како, на пример, во „Умилкување“) во нумерите понекогаш се заслушнуваат само два-три инструмента, додека женските вокали еден до друг, или еден зад друг, ја тераат песната. Велам ја тераат, оти тие ниту пеат (во онаа класична смисла на зборот), ниту рецитираат (во онаа уште покласична смисла на зборот), туку едноставно – ја опејуваат поезијата. Старовски нема намера да компонира музика на познати (и помалку познати) стихови (зашто така поезијата се става во рамките на еден шаблонизиран концепт на поп-култура и неправедно се инструментализира). Тие немаат ни намера да рецитираат познати (и помалку познати) стихови врз музичка подлога (зашто така поезијата се банализира до блуткавост од типот на „Не дај се Инес“). Старовски едноставно го воспева она што за нив е најубавото и највпечатливото од македонската поезија – љубовта, и така воспевајќи го нè потсетува дека поетскиот збор е жив збор, збор кој комуницира и со читателот и со слушателот, но и со оној кој го кажува и пее.
Старовски во таа комуникација со поетскиот збор влегува непретенциозно, без своја предумислена позиција за тоа како тој поетски збор треба да се чита, без надмена увереност дека еве тие се оние кои умеат вистински да го интерпретираат. Тие едноставно оставаат зборот да ги носи. „Јас сум лотка, осудена / на судир со непознатото.“, вели Ацо Шопов во песната „Кон галебот што кружи над мојата глава“ што е дел од овој избор поезија. Слушателот останува изненаден од судирот со (непознатите) емоции(те) кои стиховите го предизвикуваат со гласовите или со инструментите кога тие за миг ќе втонат со еден збор за пак да се издигнат со следниот. Така, стануваме свесни дека една песна никогаш не може двапати да се испее исто, како што и едно чувство никогаш не може двапати да нè понесе со истата сила или во истиот правец.
„Човек без љубов е човек без свој лик, без своја трага, без свое име, без свое време, без своја содржина“, рекол Петре М. Андреевски, човекот чија „Дениција“ останува семакедонска лекција по љубовна поезија. Оддавајќи му почит со своите читања на „Умилкување“ и „Прво писмо“, Старовски ја прегрнуваат неговата подготвеност за љубовта да стори сè, моќно, скоро тажаленски, со женски глас, набројувајќи ги неговите молби, ветувања и заканувања. Љубовта во поезијата што Старовски ја „одбираат“ (или пак во поезијата што ги „одбрала“ нив?) е моќна, таа буди, оплодува, раѓа, без оглед на тоа дали е голема или мала. „Прашинка љубов, прашинка ништотна, / прашинка невидна, / но сепак љубов, сепак љубов.“ како што вели Гане Тодоровски во песната „Љубов“, дел од изборот на Старовски.
„Толку можев, толку сторив.“ ќе рече истиот тој Гане Тодоровски, со зборови кои можам да ги кажам и за делото за кое пишувам. Да се навратам на она што на почетокот го кажав за комплексноста зад едноставноста – овие зборови се далеку од проста забелешка за ограниченоста на човечкото творење. „Литературата не е само восклик, туку маратон.“ продолжува понатаму тој. Така, и песните на Старовски не се само едноздивен восклик над македонската поезија – тие нè повикуваат на поетски маратон, на бескрајно и секогаш ново читање. Блаже Конески (кој, се разбира, исто така е дел од изборот на Старовски), во својата „Везилка“ го споредува пеењето со везење, па вели дека македонската песна е „проста и строга“ соткаена само од два конци – црвен и црн. Но во едноставноста и строгоста на стихот се кријат комплексноста и многуслојноста на значењата и емоциите, исто како што и во везот на само еден единствен ракав од народна носија се испишани вековните, универзалните и локалните, генетските пораки на нашите предци-пејачи.

2018-08-21T17:20:57+00:00 декември 29th, 2011|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 80-81|