Интервју со Дарко Рундек

/, Звук, Блесок бр. 21/Интервју со Дарко Рундек

Интервју со Дарко Рундек

„Наивно го испушивме!“

Дарко Рундек е рок музичар и некогашен гласноговорник на култниот „Хаустор“, режисер, поет и еден од апостолите на „новобрановата“ револуција што му се случи на некогашниот Југословенски рокенрол. Разговоров за БЛЕСОК е мемориран на штотуку завршениот „Скопје гори…“ фестивал и во пресрет на обелоденувањето на неговата книга поезија во која ќе се најдат и нам добро познатите песни од досегашните албумски остварувања.

БЛЕСОК: По сиве овие години, во периодов што претпоставува твое зрело творечко доба, си ги поставуваш ли прашањата: „До каде стигнав? Што направив? Како натаму?“
#1 РУНДЕК: Јас секогаш сум се преиспитувал. Со таквите преиспитувања се ослободуваш од вишокот будалаштини што ги правиш во животот и стануваш многу послободен во опсервацијата на сето она што ти се случува во времето, она што се обидуваш да го забележиш и да го дадеш во форма со која условно некој потоа може да се идентификува. Инаку, како минуваат годините некако како да се ослободувам од некои непишани правила за кои сум мислел дека нешто ми значат. Не сум повеќе толку строг кон себе. Дури слободен сум да ти кажам дека со време станувам поблаг… што не значи помалку критичен … кон себе и кон сопственото дело. Веројатно успевам во обидите да си станам подобар „пријател“… И уште нешто, по толку време, можам да ти кажам дека конечно станав пејач, дека можам во серија да ги отпеам сите концерти без притоа да ми пукне гласот или да калкулирам со него. Некои работи сами од себе си доаѓаат.
Знаеш, дури и лириката и музиката во обете мои соло изданија се одраз на годините што ги имам. Јас не глумам ни помлад ни постар. Едноставно се обидувам да бидам искрен и вистинит… онаков каков што сум бил секогаш.

БЛЕСОК: Безмалку цела деценија живееш и работиш во Франција, но тоа не те спречува да бидеш присутен и на музичката сцена во Хрватска и во балканскиве земји. Таква ли е твојата проекција за зрелото доба на еден „рокенролер“?
РУНДЕК: Веќе подолго време со семејството живеам во околината на Париз. Таму е моето времено прибежиште кое е исполнето со многу работа и мигови на спокојство и среќа што единствено можат да ти ги дарат љубената жена и синот, песот и дрвото во дворот. Често патувам во Хрватска што подразбира дека некако ми успева да не го изгубам чекорот. Притоа времето кога сум дома гледам рационално да го искористам, да ги снимам материјалите, да отсвирам неколку концерти и – повторно назад. Ми се чини дека во изминатиов период доволно бев присутен. Снимив два албума… „Апокалипсо“ и „Во широкиот свет“… напишав музика за неколку театарски претстави и филмови, со бендот свиревме секаде онаму каде што нè викаа во државите од поранешна Југославија… сето тоа е, ми се чини, сосема на место за некој како мене што поминал многу во животот. Едноставно, токму заради таквите постојани промени, заради искуствата од обете средини, воопшто не можам да кажам дека животот не ми е интересен. Напротив. Ваквиот начин на живеење сосема ми приличи… и на возраста и на поимањето за музиката, уметноста воопшто.

БЛЕСОК: И „Апокалипсо“ и „Во широкиот свет“, твоите соло албуми, не само што ја продолжуваат линијата на посегање по фолклорот од различни страни на светот бележита за денес култните остварувања на „Хаустор“, туку и на повидок го изнесуваат твоето паралелно битисување во обете средини, созвучјата од различните поднебја.
РУНДЕК: Сосема разбирливо. Притоа не постои пресметливост. Тоа се оние звуци што се околу мене, музиката што ме допира и провоцира. Јас работам паралелно на два проекта. Во Хрватска го имам својот бенд со којшто ги снимив овие две плочи, а во Франција со „тамошни музичари“ стојам зад проектот што се вика „Апокалипсо 2“ . Се работи за акустичен состав во кој саксофонистот и контрабасистот се Французи, виолинистот е од Швајцарија, а за ударните инструменти се задолжени двајца Босанци. Она што со нив го свириме е далеку од рокенролот… има премногу звуци и многу бои… Ми се бендисува што во составот нема премногу инструменти, а пак, звукот е богат, благороден и врел. Со таа постава направивме и француска верзија на дел од песните од двете плочи и верувам дека наскоро ќе го објавиме материјалот. Можам да ти кажам дека од неодамна работам и на нов проект. Се работи за трио: електрична гитара, виолина и удиралки … и свириме музика во која има етно елементи и многу џез. Тоа е она што сега најмногу ме провоцира и што би сакал да го работам.

БЛЕСОК: Ваквата засилена активност подразбира дека работиш на тоа да ја зголемиш сопствената афирмација во државата која се гордее со сопствената отвореност за различните култури и созвучја и која, на крајот на краиштата, полека се етаблира во центар на глобалните светски музички случувања. Постојат ли шанси за таков след на настаните?
РУНДЕК: Види, мене „Апокалипсо“ како потенцијален светски хит едноставно ми се случи во еден период од мојот живот и тоа е тоа. Јас не појдов во Франција да ја „капитализирам“ песната. Материјалот е снимен и веќе неколку месеци готов за објавување, но факт е и тоа дека сè уште не сум нашол сериозен издавач за таквиот исчекор. Инаку, досега одржаните настапи ми велат дека интерес за музиката на групата постои, но притоа, по запознавањето, на површина веднаш излегуваат предрасудите. Едноставно, поголемиот дел од луѓето кога ќе чујат дека доаѓаме од Балканот мислат дека концептот во основа треба да ни се потпира на традиционалниот звук, а мојата музика е сепак авторска. Кога би работел обработки на некои народни песни тие би знаеле во која фиока да ме затворат, а вака… А, мене тоа едноставно не ме интересира. Се оди дотаму што некои во Франција мислат дека ние овде на Балканот сè уште сме некаде длабоко закопани во традицијата. Апсурд. Јас и мнозина од мојата генерација сме ја слушале истата музика што ја слушале нашите тамошни врсници, независно од тоа дали се работи за рокенрол, ритам и блуз, соул, фанки, џез, панк… Што е уште почудно, ние Балканците што сме растеле со рокенролот дури сега вистински ја „откриваме“ нашата етно музика. Јас за себе можам да кажам дека во текот на сите минати години со музиката секогаш сум бил отворен кон најразличните звуци било од каде и да доаѓаат. Секогаш кога нешто автентично ќе ме допрело и ќе ми се сторело интересно, воопшто не сум се мислел дали треба да го поминам низ себе и тоа некако да стане дел од музиката што сме ја создавале, традиционалното да се врати во некаков поинаков облик. Сум се чувствувал и сè уште се чувствувам слободен дури и да се поигрувам не само со традиционалната, туку и со сериозната музика… Моцарт на пример… и да ја транспонирам во некаква структура која е блиска на сензибилитетот на овие времиња. Конечно, ова се постмодерни времиња и сè е дозволено.

БЛЕСОК: Авторски и натаму си распнат меѓу љубовната лирика и социјално-општествениот ангажман. Дури може да се каже дека во твоите сегашни текстови се нагласено политизирани. Колку те погодува сето ова што ни се случува на Балканот?
РУНДЕК: Веројатно и многу повеќе отколку што во еден момент бев свесен за тоа. Војната едноставно ме блокира како автор. Тие пет години додека воениот виор беснееше јас ништо не можев да работам, не се искачував на сцената, не можев да пеам. Не дека тоа беше некој мој протест или политички став, туку едноставно не можев да го правам тоа. Нешто во тебе се закочува, замрзнува. И, потоа треба доста време да помине за да се смени нешто, да исчекориш. Се плашам дека овде уште не се чисти работите, дека уште не е сè готово. Хрватска остава впечаток дека е стабилизирана но… Босна е во чудна позиција. Таму сè виси во воздухот. Пред СР Југославија сè уште има денови на искушенија, а Косово е вистинска темпирана бомба. Еве сега и вие во Македонија поминувате низ тој „клистир“. Мислам дека врз сево ова што ни се случува извонредно многу влијаеше глобалната светска политика по распаѓањето на Блоковите и дека сега кога веќе ги нема „тираните“ и кога сами себе си станаа „газди“ малите народи на власт дојдоа „бандите“ кои ги наметнаа своите роднинско-мафијашки правила на игра. Ми се чини дека СФРЈ беше „симпатична“ држава и дека заради интересот на „демократичните продавачи на оружје“ кои ги „хранеа“ и храбреа национализмите, сите заедно наивно го „испушивме“. Сега на Балканот имаме хаос и куп „мајмуни“ што „перат“ пари. Но, ме теши една работа. Сè минува, па белки и ова ќе помине. Убеден сум дека и подбуцнувачите на војни еден ден ќе се уморат, ќе им додее „играта“.

БЛЕСОК: Апсурдно, но двете децении од „експлозијата“ на некогашниот „Југословенски бран“ беа одбележани во Полска со објавувањето на компилацијата со „кавер“ верзии на песните од тогаш извиканите имиња на овдешната рокенрол сцена насловена како „Југотон“ што ја направиле тамошните млади групи. На промоцијата во Варшава бевте поканети Влада Дивљан од ИДОЛИ и ти како некогашен лидер на ХАУСТОР. Веројатно тоа беше убава можност да се сетиш на „славното минато“. Како го објаснуваш тој силен авторски изблик и таа енергија што донесе серија од денес антологиски изданија?
РУНДЕК: Секогаш кога ќе појдам на забар пред очите ми излегуваат сликите од тој период. Се сеќавам дека на сцената во Суботичкиот театар на тогашниот Младински фестивал гризев стакло. И, потоа тргнаа приказните. Кога свиревме во Белград, веќе се зборуваше: „Еве го оној лудак што јаде стакло!“. Беа тоа неверојатно вибрантни години… 1980, ’81, ’82… Тогаш излегоа прекрасни плочи. Најнапред „Пакет аранжман“, па потоа албумите на ШАРЛО АКРОБАТА, ИДОЛИ… Тогаш се појави таа нова генерација не само на лудо храбри туку и на навистина талентирани млади луѓе. Го немавме чувството на „провинцијалност“. Не мислевме дека ние сме мали а светот е голем. Чувствувавме дека работиме нешто што е светски значајно. Не се обидувавме да личиме на некого туку бевме свесни дека пред нас се отвораат нови можности. На крајот на краиштата, Југославија беше доволно голема за да можеме да живееме од она што со срце го работевме, а кое не подразбираше апсолутно никаков компромис.

БЛЕСОК: Наскоро со твојот „хрватски“ бенд влегувате во студио за да го снимите материјалот за твојот трет соло проект. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за тоа?
РУНДЕК: Албумот ќе се вика „Мм! Аха. О, је! Да, да.“ и предвидено е во продажба да се појави некаде на крајот на ноември годинава. За овдешната публика интересно би било дека песната за која мислам оти ќе биде голем хит е направена во македонски, седумосмински ритам. Долг период бев опседнат со тој ритам и конечно ја склопив песната онака како што сакав. Се надевам дека најпосле ќе се најде некој новиот албум, како впрочем и претходниве изданија, лиценцно да ги објави и во Македонија.

звучен запис

2018-08-21T17:21:56+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 21|