Акултурацијата како елемент во создавањето на православната монодија во византиско-словенската музика во Македонија

/, Блесок бр. 06, Звук/Акултурацијата како елемент во создавањето на православната монодија во византиско-словенската музика во Македонија

Акултурацијата како елемент во создавањето на православната монодија во византиско-словенската музика во Македонија

Императив на секое разгледување на византиската музика мора да биде неоспорниот факт за единството помеѓу тонот и зборот во црковните песнопенија. Кога В. А. Преображенски, говорејќи за руско-визнтиската практика вели дека „во основата на музичкиот израз лежи истата онаа форма која е спроведена во основата на книжевниот израз“1F, тој смета на истородната динамика на внатрешното одвивање, и на музичкиот но и на книжевниот развој, во рамките на една иста творба. Оттука, не е тешко да се заклучи дека суштинските карактеристики на македонско-црковниот јазик се истовремено и естетски детерминанти на музиката. Вплотени во песнопенијата напишани на тој јазик. Секоја промена во динамиката на текстуалното одвивање, што во крајна линија партиципира во естетското битие на конечната форма, значи и промена во динамиката на звучното осмислување на соодветниот текст.
Еден од најкомплексните проблеми со кои се соочува музичката византологија во врска со византиско-словенската музика е проблемот на музичката интерпретација на текстовите, во зависност од историските мени на бројните теориски аспекти на таа музика. Интерпретацијата на црковно–музичките текстови е зависна од два, од своја страна пак, исто така меѓусебно зависни елементи: првиот е пишаната, а вториот-усната музичка традиција. И покрај егзистирањето на невматската нотација (почнувајќи од Х век), византиската и православната словенска црковна музика, уште од своите почетоци па сè до денешни дни, најчесто се пренесуваат по устен пат2F. Тоа значи дека и покрај базичното потпирање врз пишаната традиција, музичката визнтологија ќе мора да изнајде соодветна методологија и техника за разоткривање на бројните аспекти кои ја истакнуваат пресудната улога на усната музичка традиција во трансмисијата на ракописите низ вековите.
Од аспект на акултурациските процеси, значајни се оние гледишта, кои иако потекнуваат од етномузиколози и се однесуваат на народната музика, фрлаат светлина и врз истородните процеси во црковната, т.е. Византиско-словенската музка. Впрочем, фактот дека црковната и народната музика претставуваат едно исто, на почетокот од развојот на византиско-словенскта музика, не обврзува да навлеземе подлабоко и во етномузиколошката сфера. Така, според Јерко Безиќ, главните носители на таквите процеси се, пред се, повештите и по правило нешколувани пеачи и свирачи, кои спонтано и со задоволство ги прифаќаат музичките појави од други култури3F. Тука се издвојуваат поискусните и повештите пеачи и свирачи, бидејќи тие најчесто се предводници на песната и на свирката, а посебно затоа што ширењето на некој нова музичка појава е длабоко зависно од тие изведувачи. Она што тие ќе го прифатат, смета Безиќ, тоа постпено ќе го прифати и целата заедница, која со задоволство ги следи истакнатите пеачи и свирачи.
Всушност, интерференцијата помеѓу црковната и народната музика во византиската сфера, како и акултурациските процеси што во тој контекст стапуваат на сцена, во најголема можна мерка зависат од поединецот, кој во целиот тек од развојот на византиската и византиско-словенската музика имал јасна и дефинирана улога и значење. Во византиско-словенската музика во Македонија, народниот субјект добива уште поизразени вредности, земајќи ја во предвид судбинската борба за опстанок на македонскиот национален идентитет низ вековите, борба во која и црковната и народната уметност опстојуваат во една чудесна сибиоза, сама за себе извор на бројни творби во рамките на истакнатите акултурациски процеси. Во тој поглед Георги Старделов убаво забележува дека „кога станува збор за светото и световното во македонскта култура, треба да се има предвид дека во овој случај се работи за две страни на еден единствен културен процес, во кој светото и световното, откако тоа толку ингениозно бликна во нашето народно творештво, не се воспоставени едно на друго, туку подоцна, кога тој бликот на фолклорот со колективната ингениозна имагинација на колективот ќе го достигне својот зенит, тие две културе во македонската култура ќе остварат синхрониски однос и ќе ја обликуваат нејзината целост, здобивајќи се со архетипско значење“4F. Оттаму, се чини дека црковно-музичката уметност во Македонија низ вековите, во многу поголема мерка ги негувала и ги сочувала карактеристиките на народната музичка култура и уметност, одошто тоа се случува кај останатите народи што и припаѓаат на византиско-словенската музичка традиција. Најдобар доказ за тоа се своевидните „варварски елементи“, кои повеќе научници ги пронаоѓаат во творештвото на најистакнатиот византиски музички автор од македонско потекло – Јован Кукузел, елементи кои најверојатно потекнуваат од фолклорната ризница на неговата родна земја. Се разбира дека е извонредно тешка, дури и невозможна задачата да се сепарира тој рудиментален звучен фон од целината на црковно-музичката мелодика што го носат неговите песнопенија. Но едно е сигурно: таквите елементи во делото на овој музички великан се само светол почеток во редица примери кои во понатамошниот тек од времето зборуваат за големиот наплив на народно-музички елементи во византиско-словенската музика во Македонија. По освојувањето на Турците на Балканскиот полуостров, што речиси се совпаѓа со перидот кога живее и делува Св. Јован Кукузел, во стандардниот репертоар на црковно-музичките песнопенија почнуваат да се провлекуваат бројни ориентализми, за кои може да се претпостави дека во византиската музика доаѓаат преку фолклорно-музичката сфера, која претставува првична база која ги усвојува и асимилира овие плодотворни новитети. Велиме плодотворни, бидејќи според основните принципи на дијалектичкиот развој, овие елементи овозможуваат понатамошно егзистирање на црковните песнопенија, во видоизменети услови на глобалниот музички фон на времето.
Земајќи го предвид фактот дека усниот пат претставува главна трансверзала за пренесување на основните карактеристики на византиската и византиско-словенската музика низ вековите, а знаејќи исто така дека музичкиот фолклор на времето го познава единствено тој начин за пренесување на своите вредности, во целокупниот историски развој на православната црковна музика се создава еден специфичен и многуслоен однос помеѓу црковната и народната музика, однос чиј што бројни плодови се уште чекаат на своето разјаснување и обелоденување. Сепак, наша задача е да апострофираме некои од најзначајните, кои ќе влијаат врз појаснувањето на акултурациските процеси во рамките на византиско-словенската монодија, што се раѓа и во процесот на еден взаемно проникнувачки однос со византиска музика, како и со музиката на останати византиско-словенски средини.

#b

1. А.В.Преображенски, Култовата музика во Русија, Ленинград, 1924, с.10
2. Даница Петровиќ, Осмогласник у музичкој традицији Јужних Словена, Београд, 1982, с. 17
3. Јерко Безиќ, „Акултурација као могучност даљег живљења фолклорне глазбе“, Звук (Сарајево), бр.2. 1974, с. 149
4. Георги Старделов, Свето, светновно, светско, Религиите и религиските аспекти на материјалната и духовната култура на поцвата на Република Македонија, Макропоект „Историја на културата на Македонија“, книга 4, МАНУ, Скопје, 1966, с. 9

АвторБорис Ортаков
2018-08-21T17:22:13+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 06, Звук|