Две трагедии и катарза

Две трагедии и катарза

Романот НА НАДГРОБНАТА ПЛОЧА Ѝ СЕ ИСПОВЕДАМ од Агрон Туфа е дело што го испреплетува засведоченото со фикцијата, епот со лириката, љубовта со омразата и индивидуалната анамнеза со онаа колективната, за да се артикулира како естетско негирање што нема за цел да линчува, туку да предизвика национална катарза. Нарацијата е поделена на два дела: „Исповед на Лирика Мертири“ и „Исповед на Рита О.“. И во двата дела е присутна Лирика, но ако во првиот дел дознаваме за нејзината трагедија, во вториот дел, таа како новинарка ја разоткрива трагедијата на една албанска пејачка. Приказните во двата дела се занимаваат со две жени жртви на силување во два различни периоди: во комунистичката диктатура и во плуралистичката демократија. И во двата случаја, она што тие го напишале ги предизвикало силувањата. Лирика, тинејџерка, пишува песни за кои има потреба да го чуе мислењето од својот наставник, кој, искористувајќи ја нејзината наивност, ја силува во својата канцеларија. Дури и приказната за Рита О. доаѓа како трескава исповед пред силувано лице. Додека во првиот дел приказната за силуваната жена му се кажува на лице што починало во несреќа, во вториот дел приказната за силуваната пејачка ѝ се раскажува на силуваната новинарка. Па така, и двата дела се усогласени како признанија на две сродни силувани души. Исто како и Лирика, и Рита О. страда поради она што го напишала, бидејќи води дневник каде што ги пишува сите свои најголеми тајни на умот и срцето. Овој дневник го зема оперативецот на тајната служба „Сигурими“, кој копнее да биде со пејачката.

Овој роман на Агрон Туфа, како лирски роман на трагични судбини, промовира нов литературен дискурс и може да се смета како повик за национална катарза. Ако се согласиме со извонредната мисла дека народот е една огромна индивидуа, тогаш насилството врз една категорија луѓе треба да се смета за насилство врз нашето национално тело. Оваа гледна точка го прави овој роман пошокантен и можеби овој книжевен шок може да нè разбуди од националната летаргија и веројатно можеме да сфатиме дека Цветан Тодоров имал право кога рекол дека книжевноста може да го трансформира однатре секого од нас.

Аг Аполони, писател, книжевен критичар, научник

Романот ќе биде издаден во 2020 година од страна на Блесок.

2020-08-14T22:04:07+00:00 август 5th, 2020|Categories: Критика, Литература, Блесок изданија, Блесок бр. 130 - 132|