Чуд(ес)на синтеза

/, Литература, Блесок бр. 111/Чуд(ес)на синтеза

Чуд(ес)на синтеза

Чуд(ес)на синтеза

Кон изложбата „Пикасо, можеби јас?“ од Филип Фидановски, 25 октомври 2016, Музеј на град Скопје, Скопје

Good artists copy, great artists steal.
Pablo Picasso

Пикасо? Можеби Фидановски? Доминантно првиот, вториот или можеби двајцата подеднакво видливи? Или ниту едниот, ниту другиот, туку некоја чуд(ес)на синтеза? Сериозни (идентитетски) дилеми провоцираат уште од самиот наслов на изложбата. Кога ќе ги погледнете делата, прашањата продолжуваат да се нижат: Во колкава мера го има Пикасо во овие скулптури, а колку самиот Фидановски? Дали е во прашање само инспирација, фасцинација, посвета или нешто сосема различно? Можеби обид за имитација или форма на пастиш1F придружена со добра маркетиншка тактика? Каква е врската меѓу двајцата уметници генерално и што ги поврзува во конкретниов случај? Која е идејата/емоцијата која се крие зад овие дела? Како е направена селекцијата на дела од Пикасо кои се вкомпонирани во нови форми? До каде е алузијата, а каде инвенцијата?
Одгатнувањето на овие и бројни други прашања кои оваа изложба на Филип Фидановски ги отвора пред скопската публика, најпрвин нè води кон извесно неопходно потсетување дека уметноста често знае(ла) да биде инспирирана од друга уметност. Иако денес тоа најчесто го толкуваме како постмодерна постапка, всушност референците, цитатите, колажите, омажите, па дури и иронијата, цинизмот и пародиите на познати уметнички дела отсекогаш биле дел од историјата на уметноста. И ренесансните сликари ѝ оддаваа почит на античката уметност, и дадаистите се потсмеваа со сè создадено пред нив. Веројатно е доволно само да потсетиме на Дишан и неговото поигрување со култната „Мона Лиза“ и на Енди Ворхол и неговите исто така поп-арт пародии на Де Винчиевиот мурал „Последната вечера“ или пак на инспиративните творечки релации на Моне-Мане, Миро-Бош, Лихтенштајн-Ван Гог и многу други големи уметници.
Во овој контекст, и самиот Пикасо, уште за време на својот живот, но и до ден денешен, бил и останал инспиративен за другите уметници од различни жанрови, простори и времиња. Некои визуелни уметници се под влијание на неговиот кубизам, други се инспирираат од неговите неспоредливи варијации во стилот, трети од експериментите кои ги прави во сите аспекти од своето сликарство, скулптура и графика. Не се малкумина ни уметниците кои и самите јавно го признаваат силното влијание на Пикасо во своите дела, како Дејвид Хокни, Рој Лихтенштајн и Џексон Полок, да наброиме само неколкумина2F.
На ваквите уметнички врски и влијанија посветени им се цели галерии3F и бројни изложби, меѓу последните и големата изложба насловена како „Пикасоманија“, а поставена во Гран Пале (Grand Palais) во Париз минатата година4F. Таа ги собрала на едно место различните генерации и видови на уметници кои го откриле делото на Пикасо и го интерпретирале на свој начин, во сликарството, скулптурата, па сè до филмот и адвертајзингот. Тука можеле да се видат делата на имиња од Енди Ворхол и Дејвид Хокни, до новите ѕвезди како Јан Пеи-Минг и Маурицио Кателан. Или да го парафразираме помошникот директор на центарот Помпиду Дидие Отингер — речиси секој уметнички тренд што се појавил по Пикасовата смрт е под влијание на неговата генијалност.5F
„Допрен од генијот“ е и нашиот Филип Фидановски, кој со своите последни дела посветени на јубилејот 135 години од раѓањето на Пабло Пикасо се впишува во оваа импресивна низа на големи уметници за кои Пикасо бил, е и ќе биде (и повеќе од) инспирација. Во однос на 13-те скулптури од оваа изложба, веднаш сакаме да истакнеме дека керамиката на Фидановски не ја следи керамичката традиција на Пикасо. Или барем не очигледно! Ако треба да се бараат некакви сличности, можеби треба да ги погледнеме Пикасовите „Глава на жена“ (Head of a Woman, 1948-49, Picasso, 1998: 101).
Сепак, забележливо е дека кај Фидановски нема идентични, па дури ни слични мотиви и сцени како во Пикасовиот керамичарски опус, нема ниту кубистички елементи, ниту пак ги користи неговите технички решенија. Иако несомнено темелно упатен во керамичарскиот дел од опусот на Пикасо, кој патем речено е веројатно неправедно запоставуван6F, и иако страсно го споделува Пикасовиот продлабочен интерес и посветеност кон овој медиум, Фидановски не прави директна алузија на неговите скулптури, туку повеќе е свртен кон неговите слики, чии фрагменти директно ги пренесува во својот материјал – каменина со прозирна глазура, обоена со рачно правени бои по традиционален рецепт од глина и пигмент, водејќи особено внимание секоја боја да биде тонски усогласена со боите од оригиналните прикази на Пикасовите дела. Притоа тие фрагменти, аплицирани на глазираната керамика, имаат тродимензионална форма на главата на самиот уметник, видлива уште поочигледно од другата (задна) страна на скулптурата, карактеристична по силните и контрастни колоритни решенија. На тој начин имагинативното поигрување со ликовите од Пикасовите слики неконвенционално се испреплетува со едно авторефлексивно согледување за себеси и сопствената уметност.
Мајсторски владеејќи го процесот на печење на глината, а особено можното менување на боите, Фидановски создава фигури кои се цитатни, но истовремено и сосема уникатни во изработката на својот двостран концепт. Воден од личниот вкус при изборот на Пикасовите портрети како свои модели, уметникот креира редок спој на двата навидум далечни (уметнички) светови во еден, чиј краен ефект се скулптурите кои сведочат за извонредната комуникација меѓу авторот и неговиот славен претходник, за нивните блиски сензибилитети и длабока артистичка, мисловна и чувствена, поврзаност. Формата на секоја од тие скулптури со својата двојна природа, како и симболиката на сопствената глава затскриена зад женските портрети на Пикасо резултираат во врвно изработени, стилски препознатливи и естетски допадливи скулптури, кои упатуваат на навистина комплексен творечки однос на Филип Фидановски кон Пабло Пикасо, без сомнение, еден од најбрилијантните и највлијателните уметници на сите времиња.
#b
1. Пастиш е уметничко дело кое, целосно или делумно, се состои од мотиви или техники преземени од други извори; http://www.dictionary.com/browse/pastiche
2. http://www.artrepublic.com/articles/323-picassos-influence-on-other-artists.html/
3. http://www.saatchiart.com/art-collection/Painting-Collage-Drawing/Inspired-by-Picasso/153961/23235/view http://www.cbsnews.com/news/picassos-influence-on-american-artists/
4. Повеќе види на https://www.theguardian.com/artanddesign/2015/oct/07/paris-exhibition-influence-of-pablo-picasso-mania
5. ”Almost every art trend that has appeared since his death in 1973 at 91 has been touched by a stroke of Picasso’s genius“; http://www.wsj.com/articles/picasso-mania-highlights-the-artists-enduring-impact-1443628883
6. Како што заклучува и директорот на Метрополитен музејот Филип де Монтебело (Philip de Montebello) „Пикасо е, без сомнение, најтемелно документираниот уметник на нашето време. Изненадувачки, сепак, неговата значајна продукција како скулптор и сликар во глина не се опфатени во ниедна голема изложба или публикација. Овој значителен опус се состои од неколку илјадници уникатни парчиња …“ (Picasso, Painter and Scultor in Clay, Edited by Marilyn McCully, Harry N. Abrams, Inc., Publishers, New York, 1998: 9). Од тие причини тие организираат изложба во 1999 каде изложуваат 175 дотогаш неизложувани дела, со кои се фрла една нова светлина на неговото дело во целина и посебно на неговите среќни и радосни мигови на Медитеранот. Имено, од неговата прва посета на керамичарската работилница во познатото студио Мадура (Madoura) во Валаурис (Vallauris) во јужна Франција во 1946, па во наредните 18 години, Пикасо работел керамика – садови и вазни, измислувал нови форми и иновативни скулптури, со сцени на танчери, љубовници, акти, но и зооморфни сцени со птици, риби и други животни.

2018-08-21T17:20:36+00:00 јануари 23rd, 2017|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 111|