Зошто пишувам?

Зошто пишувам?

Од најрана возраст, можеби кога имав пет или шест години, знаев дека кога ќе пораснам треба да бидам писател. Помеѓу седумнаесеттата и дваесет и четвртата година се обидов да ја отфрлам оваа идеја, но притоа бев свесен дека ја изневерувам мојата вистинска природа и дека порано или подоцна ќе треба да се успокојам и да пишувам книги. Јас бев средното од трите деца, со разлика од пет години и на двете страни, и едвај го видов мојот татко пред мојата осма година. Заради оваа и други причини донекаде бев осамен и набрзо развив незгодни особини коишто беа повод да бидам неомилен низ ученичките денови. Ја имав онаа навика на осамено дете кое измислува прикаски и си разговара со измислени ликови, и мислам дека уште од самиот почеток моите литерарни амбиции беа измешани со чувството да се биде изолиран и потценет. Знаев дека сум вешт со зборовите и дека имам моќ да се справам со непријатните факти и чувствував дека тоа ми создава еден сопствен свет кој ми овозможува потпора за неуспехот во секојдневниот живот. Сепак, опусот на сериозни – т.е. сериозно намерени – ракописи коишто ги напишав низ целото мое детство и момчештво не би броело повеќе од дузина страни. Својата прва песна ја напишав на четири или пет години, диктирајќи ѝ ја на мојата мајка. Не се сеќавам на неа, освен дека беше за тигар кој имал „заби-како-столчиња“ – доволно добра фраза, но си замислувам дека поемата беше плагијат од Блејковата „Тигру, тигру“. На единаесет години, кога започна Првата светска војна, напишав патриотска песна којашто беше отпечатена во локалниот весник исто како и една друга, две години подоцна кога почина Китченер. Од време на време, кога бев малку постар, пишував лоши и вообичаено недовршени „натурални песни“ во георгијански стил. Имав обид да напишам и краток расказ кој беше ужасен неуспех. Тоа е сета „демек“ сериозна работа која ја имав ставено на хартија низ сите тие години.
Сепак, низ сето време на некој начин бев инволвиран во литерарни активности. Најпрвин имаше нарачани работи коишто ги пишував доста брзо, лесно и без многу лично задоволство. Настрана од училишните обврски, пишував vers d’occasion, наполу комични песни кои можев да ги создадам, што сега ми се чини, со зачудувачка брзина – на четиринаесет години напишав цела римувана драма, имитација на Аристофан, за околу една недела – исто така помогнав да се уредат обете верзии на училишното списание, печатената и ракописната. Овие списанија беа најбедните бурлескни работи кои може да ги замислите, а ми претставуваа неволја далеку помалку отколку што сега ми претставува најевтиното новинарство. Настрана од сето ова, уште петнаесетина години правев најразлични видови литературни вежби: тоа беше измислување на една континуирана „приказна“ за себеси, еден вид дневник кој постоеше само во мојата глава. Верувам дека ова е вообичаена навика на децата и адолесцентите. Уште како многу мало дете, си замислував дека сум, да речеме, Робин Худ, вообразувајќи се себеси како херој на восхитувачки авантури, но набргу мојата „приказна“ престана да биде нарцисоидна на еден груб начин и сè повеќе личеше на чист опис на работите кои ги правев и ги гледав. Вакви работи ми минуваа низ главата цели минути: „Тој ширум ја отвори вратата и влезе во собата. Жолт зрак од сончева светлина, филтрирајќи се низ завесите од муслин, се искоси на масата каде што наполу отворениот кибрит лежеше до мастилницата. Со неговата десна рака во џебот се придвижи до прозорецот. Долу на улицата, една желковидна мачка бркаше еден мртов лист“ итн. Оваа навика продолжи сè додека не бев на околу дваесет и пет години, точно во мојот не-литерарен период. Иако требаше да ги барам, а и ги барав, вистинските зборови, ми се чини дека овој опис го правев речиси против своја волја, како под некоја надворешна принуда. Претпоставувам дека „приказната“ морала да ги одразува стиловите на разните автори од кои се воодушевував на различна возраст но, колку што се сеќавам, секогаш го имала истиот опис во најголем детаљ.
Околу шеснаесеттата година, ненадејно го открив задоволството од самите зборови т.е. звуците и асоцијациите од зборовите. Стиховите од Загубениот раj (Paradise lost) –
(So hee with difficulty and labour hard
Moved on: with difficulty and labour hee)


Така и тој со напори и тежок труд
се пробиваше, со напори тој и тежок труд1F

коишто сега не ми се чинат толку прекрасни за да добијам трпки од нив; изместеното пишување на “heе” за наместо “he” ми го зголемуваше задоволството. Што се однесува на потребата за опишување на работите, за неа веќе знаев сè. Јасно е каков тип на книги сакав да пишувам, доколку може да се каже дека тогаш воопшто сакав да пишувам. Сакав да пишувам огромни натуралистички романи со несреќен крај, исполнети со детални описи, впечатливи компарации и пурпурни пасажи во кои зборовите делумно би биле користени само заради нивниот звук. Всушност, мојот прв завршен роман, Бурмански денови (Burmese Days), кој го напишав кога имав триесет години, а го имав замислено многу порано, донекаде е таков тип книга.
Ја давам сета оваа позадина затоа што не верувам дека некој би можел да навлезе во мотивите на еден писател не знаејќи притоа ништо околу неговиот ран развој. Предметот за кој пишува ќе биде одреден од времето во кое живее – ова е вистина, барем во овие бурни и револуционерни времиња како нашето – но, пред воопшто да започне да пишува тој ќе се здобие со еден емоционален однос од кој никогаш не може целосно да побегне. Неговата работа, несомнено е, да го дисциплинира темпераментот и да го избегне заглавувањето во некоја незрела фаза, во некое перверзно расположение; но ако побегне целосно од неговите рани влијанија, тој би го убил својот импулс за пишување. На страна од потребата да се заработи за живот, мислам дека постојат четири големи мотиви поради кои се пишува, барем кога се пишува проза. Тие постојат на различни степени кај секој писател и нивниот сооднос мера ќе се менува од време на време, во зависност од атмосферата во која живее. Тие се:
1. Чист егоизам. Желбата да се изгледа паметен, да се биде зборуван, да се биде запаметен после смртта, да им се врати на возрасните кои ве игнорирале во вашето детство итн. Бесмислено е да се преправа дека ова не е мотив, и тоа силен. Писателите ја делат оваа карактеристика со научниците, уметниците, политичарите, адвокатите, војниците, успешните бизнисмени – накратко, заедно со сиот фронт на човештвото. Поголемиот дел од луѓето не се толку себични. После триесеттите години тие речиси целосно го отфрлаат чувството на индивидуалност – и главно живеат за другите или, пак, едноставно се задушени од секојдневната монотонија. Сепак, тука е и малиот дел на надарени, самоволни луѓе кои се одлучни да ги живеат своите животи до крајот, а писателите му припаѓаат токму на овој вид. Сериозните писатели, би требало да кажам, се повеќе суетни и егоцентрични од новинарите, но помалку заинтересирани за пари.
2. Естетски ентузијазам. Перцепцијата на убавината на надворешниот свет или, од друга страна, во зборовите и нивната правилна употреба. Задоволството кое го предизвикува влијанието на еден звук врз друг, во цврстината на добрата проза или ритамот на еден добар расказ. Желбата да се сподели искуство кое некој чувствува дека е вредно и не треба да се пропушти. Мотивот да се пишува естетски е многу слаб кај повеќето писатели, но дури и еден памфлетист или писател на учебници би имал омилени зборови и фрази коишто, без оглед на нивната непрактичност, би му се допаѓале; или, би можел да има силни чувства за типографијата, ширината на маргините, итн. Ниедна книга не е целосно ослободена од естетските обмислувања, барем оние кои се над нивото на еден железничарски прирачник.
3. Историски импулс. Желбата да се видат работите онака какви што се, да се најдат вистинските факти и да се сочуваат за подоцнежните генерации.
4. Политичка цел. Го користам зборот „политичка“ во најширока можна смисла. Желбата да се бутка светот во одреден правец, да се делува врз идејата која ја имаат луѓето за она општество по кое треба да тежнеат. Уште еднаш, ниту една книга не е навистина слободна од политичка пристрасност. Мислењето кое соопштува дека уметноста не треба да има ништо со политиката е само по себе политички став.
Може да се согледа како овие различни импулси се судруваат еден со друг и како варираат од човек до човек и од едно до друго време. По природа – земајќи ја за „природа“ состојбата која ја постигнувате кога станувате возрасен – јас сум личност во која првите три мотиви ќе претежнат над четвртиот. Во некое мирно доба, можеби би пишувал накитено или би пишувал чисто описни книги, и би останал речиси несвесен за своите политички убедувања. Тоа е исто како да бидам принуден да станам некаков памфлетист. Прво, поминав пет години работејќи несоодветна професија (Царската индиска полиција, во Бурма), потоа го доживеав чувството на неуспех и сиромаштија. Сето тоа ја зголеми мојата природна омраза кон авторитетот и за првпат станав целосно свесен за постоењето на работничката класа; работата во Бурма придонесе да ја сфатам природата на империјализмот: но, овие искуства не беа доволни за да ми дадат една прецизна политичка ориентација. Потоа, дојде Хитлер, Шпанската граѓанска војна, итн. До крајот на 1935 година сè уште не можев да донесам цврста одлука. Паметам една куса песна која ја напишав таа година, изразувајќи ја својата дилема.
Среќен пастир можеби ќе бев
Пред двесте години
Да проповедам над вечната пропаст
Гледајќи ги моите ореви како растат;

Но, ох, роден во зли времиња,
Го пропуштив тој пријатен рај,
Влакна ми раснат над горната усна
А сето свештенство е мазно избричено.

И подоцна времињата сè уште беа добри,
Беше лесно да нè задоволат,
Ги нишкавме нашите немирни мисли во сон,
На градите на дрвјата.

Неуки сите се осмелувавме да ги поседуваме
Задоволствата кои сега ги прикриваме;
Сипката на јаболковата гранка
Можеше да ги исплаши моите непријатели.

Стомачето на девојчињата и кајсиите,
Лебарката во засенчениот поток,
Коњите, патките кои летаат во зората
Сите се само еден сон.

Повторно е забрането да се сонува;
Ги осакатуваме нашите радости или ги криеме:
Коњите се направени од хромиран челик
И дебели човечиња ќе ги јаваат.

Јас сум црвот кој никогаш не се сврте,
Евнухот без харем;
Помеѓу свештеникот и комесарот
Јас чекорам како Еугин Арам;

А комесарот ја претскажува мојата судбина
Додека радиото свири,
Но свештеникот вети Остин 7,
Зашто Даги секогаш плаќа.

Сонував дека живеам во мермерни галерии,
И се разбудив за да откријам дека е вистина;
Не сум бил роден за ова доба
Дали бил Смит? Дали бил Џон? Дали си бил ти?

Војната во Шпанија и некои други настани во 1936-37 г. направија пресврт по кој знаев на што сум. Од 1936 година, секој ред во моите сериозни дела коишто сум ги напишал бил, директно или индиректно, против тоталитаризмот и за демократскиот социјализам, онака како што јас го разбирам. Ми се чини дека е бесмислено во едно време како нашето, некој да мисли дека може да го избегне пишувањето на вакви теми. Сите пишуваат за нив, само во различно руво. Едноставно, тоа е прашање на која страна некој ќе ѝ се приклони и каков правец ќе започне да следи; колку што повеќе некој е посвесен за својата политичка определба, толку повеќе има шанса политички да дејствува без притоа да го жртвува својот естетски и интелектуален интегритет.
Она кое што најмногу сакав да го направам низ минатите десет години беше да го престорам политичкото пишување во уметност. Точката од којашто започнувам е секогаш политички одредена, постои чувство за неправда. Кога седнувам да напишам книга, не си велам себеси „Ќе создадам уметничко дело“. Пишувам затоа што има некоја лага што сакам да ја изложам, некој факт кон којшто сакам да привлечам внимание, а мојата почетна цел е да бидам слушнат. Сепак, не би можел да напишам книга, ниту пак некој долг напис за во списание, ако не би постоело естетското доживување. Ако некој би сакал да ја истражи мојата работа, ќе види дека дури и кога се работи за чиста пропаганда, таа содржи многу од она кое што еден професионален политичар би го сметал за неважно. Не би можел, ниту сакам, целосно да го напуштам светогледот со кој се здобив во детството. Додека сум жив ќе продолжам да ја сакам прозата, ќе ја сакам површината на земјата и ќе го уживам задоволството од цврстите предмети и делчиња од некорисните информации. Бескорисно е да се обидувам да ја потиснам таа страна од себеси. Работата е да ги усогласам работите кои ми се допаѓаат и оние кои не ми се допаѓаат со јавните и неиндивидуалните активности кои ова време ни ги наметнува.
Не е лесно. Тоа ги покрева проблемите на конструкцијата и на јазикот, го покрева на еден нов начин проблемот на вистинитоста. Дозволете ми да ви дадам само еден пример за погрубиот вид тешкотија која се јавува. Мојата книга за граѓанската војна во Шпанија, Со почит за Каталонија (Homage to Catalonia), се разбира е политичка книга, но главно е напишана со дадено внимание и издвојување на формата. Во неа се обидов да ја кажам целата вистина без притоа да ги прекршам моите литерарни инстинкти. Помеѓу другото, содржи долги поглавја, исполнети со цитати од весници и слично, бранејќи ги троцкистите кои беа обвинети дека прават заговори со Франко. Јасно е дека вакво поглавје коешто по една или две години би го изгубило интересот на еден обичен читател, ќе ја уништи книгата. Еден критичар кој го почитувам ми oдржа предавање за тоа: „Зошто си ги ставил сите тие работи внатре?“ – ме праша. „Она што можело да излезе како добра книга си го преточил во новинарство“. Тоа што го кажа беше точно, но не можев да го направам поинаку. Се случи да го знам она коешто на малкумина им беше дозволено да го знаат – дека невини луѓе беа лажно осудени – ако не бев бесен заради тоа, тогаш никогаш немаше ни да напишам книга.
Овој проблем повторно се појавува во една или друга форма. Проблемот на јазикот е поделикатен и за него мора многу подолго да се дискутира. Во подоцнежниве години, би кажал дека се обидувам да пишувам помалку сликовито и попрецизно. Во секој случај, секогаш додека си усовршил еден начин на пишување, истиот и си го надраснал. Животинска фарма (Animal Farm) беше првата книга во којашто сосема свесно пробав да ги соединам целите на политиката и уметноста во една целина. Немам напишано книга цели седум години, но се надевам дека набрзо ќе напишам уште една. Предодредено ѝ е да биде неуспех, секоја книга е неуспех, но знам со јасност какво сакам да биде следното дело што ќе го напишам.
Навраќајќи се кон последниве две страни, сум направил да изгледа како моите мотиви за пишување да се целосно општествено ориентирани. Не би сакал да го оставам тоа како краен впечаток. Сите писатели се суетни, себични и мрзеливи и на самото дно од нивните мотиви лежи некоја мистерија. Да се пишува книга е ужасна, исцрпувачка борба, како долга треска од некоја тешка болест. Никој не би се осмелил да преземе такво нешто, кога не би бил гонет од некој демон на којшто не може да му се одолее, ниту пак да се разбере. Она што се знае е дека тој демон едноставно е оној истиот инстинкт што го тера бебето да вреска за внимание. Исто така, вистинито е и дека човек ништо читливо не може да се напише ако константно не води битка за бришење на сопствената личност. Добрата проза е како стакло на прозорец. Не би можел да кажам со сигурност кој од моите мотиви е најсилен, но знам кој од нив заслужува да го следам. Погледнувајќи наназад кон мојата работа, гледам дека, без исклучок, онаму каде што ми недостигала политичка решителност, сум пишувал безживотни книги, предаден во пурпурните пасажи, реченици без значење, украсни придавки и, главно – бесмислици.

Превод од англиски: Горјана Јордановска
Уредил: И. Исаковски

#b
1. прев. Драги Михајловски

2018-08-21T17:20:45+00:00 март 2nd, 2014|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 94|